Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Глечерот Мингјонг во Тибет се топи со огромна брзина!

Глечерот Мингјонг во Тибет се топи со огромна брзина!

14.10.2020

Глечерот Мингјонг е еден од најголемите глечери во Кина. Се наоѓа на планинскиот венец Меили, во југозападната Кинеска провинција Јунан, на 2700 m надморска височина. Тој е најнизок и најјужен глечер во Кина. Се смета дека глечерот во подножјето на планината се повлекува со невидена брзина секоја година и дека за многу брзо време ќе се стопи. Од 1970-та година загубил дури една четвртина од својот мраз. Научниците анализирале сателитски снимки, преку кои заклучиле дека мразот сега се топи со двојно поголема брзина од периодот од 1975 до 2000 година, кога просечната температура била за 1° С помала.

Овој глечер многумина го нарекуваат замрзната „Азиска водена кула“. Тој е извор на неколкуте најголеми светски реки, како што се: Ганг, Брамапутра, Жолтата река, Меконг, Инд, од кои со вода се снабдуваат дури 1.6 милијарди луѓе. Воедно „се храни“ од снежни врнежи кои паѓаат на височина до 6740 m. Се смета дека должината на овој глечер е околу 8 km. Околу областа на глечерот, има густа и добро сочувана зимзелена шума. Истата започнува од 2600 m надморска височина, а завршува на 6000 m. Заради тропскиот монсунски климатски регион, во кој се наоѓа глечерот Минјонг, малата надморска височина и повисоките температури на површината, доведуваат до чести кршења на делови на глечерот, особено во лето. Сепак, кога ќе дојде зима, глечерот може да се спушти во должина од околу 11.7 km до густата шума, на 2600 m надморска височина, со пад од 4.000 m од врвот до подножјето.

Селото Мингјонг, по кое е наречен глечерот, се наоѓа во подножјето на глечерот, а сите жители се Тибетанци. Глечерот има свето значење за локалните жители. Кога природните катастрофи (поплави, лизгалишта) често се случуваат во селото, луѓето сметаат дека тоа е предупредување од природата. Од крајот на 1990-тите години, туризмот ги одржал, па дури и извлекол селаните од големата сиромаштија. Локалната власт го регулирала туризмот и се справувала со загадувањето, но се смета дека деградацијата на природата не е доволно намалена. Во изминатите две децении, глечерот многу брзо се повлекува. Се верува дека глобалното затоплување и локалните човечки активности, како што е туризмот, го забрзуваат неговото повлекување. Од 1994 до 2002 година, глечерот се повлекол за околу 50 m, додека до 2006 година, повлекувањето е за дури 200 m.

Една од причините за забрзаното топење на мразот е тоа што просечната температура на Тибетската висорамнина се зголемува за три пати побрзо од светскиот просек. Инаку дури 15% од светскиот мраз е заробен на Тибетската Висорамнина, во подножјето на планинскиот ланец Меили и врвот Кавакарпо (6470 m). Научниците тоа подрачје го нарекуваат „трети пол“, бидејќи ги чува најголемите залихи мраз по Арктикот и Антарктикот. Всушност глобалното затоплување им се заканува на сите глечери на планетата, поради што треба да се превземат итни мерки за намалување на истото.

Користена литература:

  1. news.cgtn.com/news
  2. yunnanadventure.com
  3. tocka.com.mk
  4. mms.mk

Изработила: Бојана Алексова, дипломиран географ

 

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*