Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема, По Светот » Необичните раседни езера во источна Африка

Необичните раседни езера во источна Африка

26.11.2020

Во должина од 1600 km, во североисточниот дел на Големата раседна долина во Африка, се наоѓаат неколку езера, кои се загадени со натриумови карбонати. Овие хемикалии се исцедиле од вулканските сливни подрачја, или пак, навлегле во езерата преку подземната вулканска активност. Во продолжение ќе дадеме појаснување за некои од езерата.

Езерото Туркана е најголемото алкално езеро во светот. Има соленост од 2,44%.  Сместено покрај Големата раседна долина во Африка, езерото се протега од северна Кенија до границата со Етиопија. Опкружено со илјадници квадратни километри осамени пустински џбунови, езерото Туркана понекогаш добива прекрасна зелена боја и претставува дом на огромен број на крокодили. Ова езеро зафаќа површина од 6405 km2, со максимална должина од 290 km и максимална ширина од 32 km. Просечната длабочина е 30,3 m, додека максималната длабочина е 109 m. Иако водата е алкална и невкусна, таа поддржува богат животински свет. Освен присуството на нилските крокодили, ова езеро е дом на скорпиите, кои ги има во изобилство, на различни видови желки, кои се ендемични, а желката Туркана е посебен вид, што се наоѓа само во ова езеро. Исто така се среќаваат околу 50 видови риби и ретки видови на птици. Езерото Туркана е на списокот на Светско наследство на УНЕСКО. Воспоставен е престижен национален парк, каде што успеваат ретки видови на флора и фауна. Опкружено е со хоминидни фосили, кои им помагаат на археолозите и антрополозите да го објаснат потеклото на човештвото.

Од друга страна, тука се езерата Асал во Џибути, Магади во Кенија и Натрон во Танзанија, кои се толку заситени со соли што формираат речиси цврсти наслаги од стврдната кора од бела сода. Сите се прашуваме која е причината? Веројатно затоа што водата од езерата не истекува, која инаку би ги однела солите. Поголемиот дел од водата истекува преку испарување, оставајќи зад себе висока концентрација на минерали. Малку животни можат да преживеат во и околу горките води на солените езера на Големата раседна долина.

Едно од тие езера е Натрон, познато како „езеро на смртта“. Се наоѓа во северниот дел на Танзанија, на границата со Кенија, близу до Националниот парк Серенгети. Езерото Натрон зафаќа површина од 56 km и широчина 24 km, но нивото на водата се менува поради испарување. Езерото има светло црвена боја поради присуството на микроорганизми. Многувековното испарување создало вулкански минерали во обоените води, чија каустичност може да ја нагризе човечката кожа.

Огромните количини на сол во водата го прават езерото „негостољубиво“ за речиси сите видови растенија и животни. Но, има едно животно кое е имуно на „коктелот“ од различни хемикалии. Секоја година, јата фламинга се собираат во близина на ова езеро. Тие тука се хранат со алги со црвен пигмент, поради кои и ја добиваат карактеристичната розова боја на пердувите. Овие алги најмногу се застапени во плитките води. Тука, фламингосите ја прикажуваат нивната уникатна техника на хранење, која се состои со хранење на микроорганизми, наречени цијанобактерии, кои живеат во минералите.

Возрасните фламинга бираат партнери со бојадисани пердуви, па преживувањето на овој вид на птици се поврзува со необичната хемија на вулканските езера во Големата раседна долина. Фламингата можат да шетаат низ каустичната вода бидејќи нозете им се заштитени со отпорни крлушки. Во пикот на сезоната ги има во огромен број (над милион). Исто така, фламингата се познати по нивните ритуали на кокетирање. Нивната преселба е една од најголемите мистерии, бидејќи доаѓаат и си одат непредвидливо како одговор на водостојот.

Езерото Магади се наоѓа во Танзанија, северно од езерото Натрон. Тоа е солено, алкално езеро со површина од 100 km2. На некои места, солта на ова уникатно езеро е наталожена дури до 40 m. Хранејќи се од вулкански извори, водата не само што е каустична, туку е со висока температура, која достигнува до 86°C, додека на крајбрежните делови е помала од 45°C. Животот во езерото Магади се соочува со потежок предизвик, но сепак, постои суштество кое е регистрирано во водата. Тоа е малата риба позната како алкална тилапија. Алгите од кои се храни тилапијата растат во вулканските извори. Секоја риба се соочува со очајнички избор. Може да остане гладна, но на безбедно или да си го ризикува животот влегувајќи во опасните врели извори за да се нахрани со алги и да се врати во водите со пониски температури, пред да се свари.

Во северниот дел во Големата раседна долина во Африка, низа езера се протегаат долж Етиопија до Џибути, поточно до езерото Асал.

Асал е четврто од набројаните езера сместени во Големата раседна долина во Африка. Ова солено кратерско езеро се наоѓа на 153 m под морското ниво, што го прави најниската точка во Африка. Сместено е во централниот дел на африканската држава Џибути, поточно 120 km западно од градот Џибути и притоа најмногу се користи за вадење на сол. Езерото се храни од морски извори кои испаруваат на топлото време. Езерото не истекува, а поради високото испарување, нивото на соленост на неговите води е 10 пати поголема од морската вода, што го прави шесто солено езеро во светот, по количина на сол. Имено, Асал ги има најголемите резерви на сол во светот и беше прогласено како заштитено подрачје во државата Џибути во 2000 година. Но, поради неконтролираната експоатација на сол од езерото, владата на Џибути побара од УНЕСКО, зоната на езерото Асал и вулканот Ардукоба да бидат заштитени како светско наследство.

Користена литература:

  1. jw.org/mk/wol/d/r102/lp-mc/101997532#h=12
  2. shadowsofafrica.com/lake-natron
  3. esa.int/web/earth-watching/image-of-the-week/content/-/article/lake-assal
  4. dailymotion.com/video/xl8j5e
  5. worldatlas.com/articles/what-is-special-about-lake-turkana.html

Изработиле: Викторија Ангелеска, студент на ГИС и Бојана Алексова, постдипломец на географија

 

Оваа статија е прочитана 1897 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, По Светот · Tags: , , , , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger