Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести, На тема, По Светот » Хилиер – розевото езеро во Австралија

Хилиер – розевото езеро во Австралија

11.12.2020

Понекогаш за да добиеме одговор на прашањата за природата, треба да се потсетиме колку нашата планета е необична. Природата е позната по своите извонредни и чудесни убавини. Една од нив е соленото езеро Хилиер, кое се наоѓа на островот Мидл во западна Австралија. Имено, ова не е единственото розово езеро на светот, но секако најдолго го задржа вниманието на научниците. Блескавата светлорозова површина на езерото Хилиер, гледана од воздух, изгледа како глазура на тркалезна торта или милкшејк од јагода.

Езерото Хилиер се наоѓа во непосредна близина на Тихиот Океан.Токму заради тоа, неверојатен е контрастот помеѓу веселата розова боја на езерото и сината боја на океанот. Воедно, ова спектакуларно езеро му дава неочекувана боја на делот на островот Мидл кој е прекриен со густа шума, а и самото езеро воодушевува со својата розева боја. Тој остров е еден од стотината мали острови што заеднички го прават архипелагот Рехерче, покрај јужниот брег на западна Австралија.

Ова езеро било откриено случајно од една научна експедиција, од страна на морепловецот Метју Флиндерс, кој поминувал одовде при своето патување кон Сиднеј во далечната 1802 година. Членовите биле воодушевени од интензивно розевата боја на езерото и се претпоставува дека Флиндерс го именувал езерото по Вилијам Хилиер, член на екипажот. Езерото прилично е мало по површина, со должина од 600 m и ширина не повеќе од 250 m. Истото е обиколено со ситен песок и густа шума, претежно составена од зимзелени растенија. Порабено со бела сол и опкружено со темно зелена шума од еукалиптус и чај, езерото е одвоено од длабоките сини води на океанот со тесен појас од бели дини и песок.

Научниците сеуште не се сигурни за причината за оваа уникатна боја, но повеќето сметаат дека е поради присуството на микроалги од видот „Dunaliella salina“. Овие микроалги произведуваат каротеноиди – пигмент кој исто така се наоѓа и во морковите.  Во многу солена вода таа алга создава црвен пигмент и на тој начин им ја дава бојата на другите “розови езера” во Австралија. Друго објаснување за оваа појава е присуството на халофилни бактерии во солта, односно се мисли дека розевата боја се должи на високата концентрација на бактеријата Halophilic. Покрај тоа, розевата боја може да е резултат на реакцијата помеѓу солта и натриум бикарбонатот што се наоѓа во водата. Меѓутоа, примероците на вода од езерото Хилиер не содржеле траги од какви било алги, така што ниту денес не е познато што ја предизвикало оваа боја на езерото. Поради оваа причина, се смета дека бојата на езерото е комбинација на некои од овие фактори. За разлика од другите такви езера во светот, езерото Хилиер ја одржува својата розова боја во текот на целата година.

На почетокот на 20-тиот век, во период од 6 години луѓето ваделе сол од езерото, но тоа производството на сол престанало по многу краток период и од тогаш островот и езерото уживаат во својот мир. Имено, езерото денес се користи исклучииво за туристички цели. Водата е чиста и не предизвикува штета на човечката кожа, како и самите алгите кои се сосема безопасни. Пливањето е забрането бидејќи островот се користи само за истражувачки цели, а туристите можат да му се восхитуваат само од височина, односно само со летање на хеликоптери, најчесто во периодот од ноември до април. Исто така од  2012 година, езерото е дел од заштитеното подрачје, познато како Рехерче Архипелашки Природен Резерват.

Користена литература:

  1. interestingengineering.com/lake-hillier-australias-pink-lake-and-the-story-behind-it
  2. hillierlake.com/
  3. www.westernaustralia.com/en/Attraction/Lake_Hillier/56b26b5bd5f1565045dad55c
  4. www.leisurepro.com/blog/explore-the-blue/why-is-lake-hillier-pink/

Изработила: Марија Василева, студент на наставна географија

 

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*