Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Последици врз животната средина предизвикани од пандемијата COVID 19

Последици врз животната средина предизвикани од пандемијата COVID 19

15.12.2020

Покрај тоа што Корона вирусот стана еден од најголемите предизвици за справување за човештвото, од здравствен, економски, социјален и психолошки аспект, исто така тој донесе и големи промени во природата и животната средина. Заради згаснувањето на туризмот, интензивното намалување на транспортот (авионски, сообраќаен итн.), како и поради честото воведување на полициски час или за метрополите целосен „lockdown“, значително се намали аерозагадувањето на светско ниво. Да потенцираме дека аерозагадувањето значително се намали гледано само глобално ниво, што би значело дека сепак може да постои зголемено просечно загадување во одредена област кое не е предизвикано од транспорт или движење на луѓето. Пример, аерозагадувањето од цврстите честички во Рим било сепак зголемено, во однос на истиот временски период од минатата година поради грејните тела на домаќинствата. Сепак, поради згаснувањето на производството, туризмот и останатите економски субјекти, па можеби и најзначајниот фактор – поголемата раздвиженост на луѓето, значајно се намали нивото на Азот диоксид (NO2), Јаглерод моноксид (CO), Сулфур диоксид (SO2) и цврстите честички (PM10, PM2.5) во светот. Сето тоа позитивно влијаеше за биосферата, па можевме да бидеме сведоци на значајни природни појави за животинскиот свет. Еден од најинтересните примери беше и враќањето на животните на невообичаените места или високо развиените туристички градови. Аерозагадувањето беше значително намалено и најзначајни ефекти беа постигнати со забраните на движење на луѓето.

Интересен пример е Кина, која дури на сателитските снимки, можеше да да се забележи значајно намалување на загадувањето. Во Кина, аерозагадувањето најчесто е од Азотните оксиди. Меѓутоа, сепак сеуште е присутно загадување со цврстите честички. Сепак, научниците апелираат дека ваквото „прочистување“ на Земјата е краткотрајно и доколку луѓето не го сфатат сериозно проблемот со загадувањето на животната средина, истиот може да се влоши по завршувањето на пандемијата. Иако се постигнаа значајни ефекти за подобрување на животната средина, која зема „одмор“ од луѓето и современиот начин на живеење, за жал набрзо се појавија и последиците. Доскорашните истражувања и мислења од многумина експерти, покажуваат дека аерозагадувањето ќе го достигне врвот при самиот крај на пандемијата, објаснувајќи дека поради економската криза и осириромашеното население, домаќинствата, индустриските објекти, бизнисите и сите останати економски субјекти, како и производни дејности ќе штедат пари за греење или производство, што би можело да резултира со користење на несоодветни грејни тела или штедливи машини за производство, кои ја загадуваат животната средина.

Од друга страна, пак, кога станува збор за поморскиот свет, последиците можат да бидат поголеми. Моментално се проценува дека 1,56 милијарди заштитни маски завршиле во океаните низ светот. Ова секако негативно ќе се одрази врз целокупниот животниски и растителен свет. Организацијата „Океани Азија“ (Oceans Asia), со седиште во Хонг Конг, објави извештај, кој покажува дека морскиот свет е загаден со дополнителни 4680 до 6240 тони пластика, поради неправилно фрлени маски. Микропластиката од маските или ракавиците кои се користат за заштита од вирусот ќе остави долготрајни последици за морскиот свет и од кога ќе поминат потребните 450 години за тие природно да се разградат. Сепак, маските и ракавиците не се единствениот медицински отпад во океаните. Се претпоставува дека поради здравствената ситуација имало и има значително почеста употреба на пластика за еднократна употреба, како опрема за лична заштита, пакување на храна за носење итн.

Покрај тоа што отпадот би оставил значајни последици за растителниот свет, тој исто така е и проблематичен за животните. Имено, тие често не го распознаваат отпадот, па можат да го помешаат со храна, што може да е опасно. Едно од најголемите здруженија за заштита на животните (Royal Society for the Prevention of Cruelty to Animals), информира дека се соочиле со околу 900 инциденти со животни, заплеткани во маски за лице од кога е започната пандемијата.

Здруженијата, научниците и истражувачите испраќаат порака до луѓето, со надеж дека ќе се развие свеста на човекот кон животната средина. Последиците предизвикани од единствениот фактор – човекот, се уште еден огромен пораз за животната средина, а најголемите жртви ќе бидат оние кои најмалку го заслужуваат тоа, животните и растенијата. Секако, неминовно е да споменеме дека последиците врз биодиверзитетот ќе се одразат и врз човештвото, останува да се надеваме дека ќе проработи свеста на луѓето и дека сите ќе ја сфатиме вредноста на природата и здравата и чиста животна средина.

Извор:

  1. nasa.gov/feature/goddard/2020/nasa-model-reveals-how-much-covid-related-pollution-levels-deviated-from-the-norm
  2. nationalgeographic.com/science/2020/06/why-covi
  3. nature.com/articles/s43017-020-0079-1
  4. nature.com/articles/s43017-020-0079-1
  5. science.org.au/curious/earth-environment/what-impact-will-covid-19-have-environment
  6. wbur.org/hereandnow/2020/10/12/plastic-pollution-coronavirus
  7. greenbiz.com/article/collateral-damage-covid-19s-impact-ocean-plastic-pollution
  8. indiatimes.com/trending/environment/images-covid-waste-hurting-animals-520790.html
  9. ipsnews.net/2020/10/rise-plastic-pollution-covid-19-crisis/
  10. washington.edu/news/2020/08/20/february-lockdown-in-china-caused-a-drop-in-some-types-of-air-pollution-but-not-others/

Изработила: Емилија Маневска, Институт за географија, ПМФ

 

Оваа статија е прочитана 2264 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger