Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема » Миграциите како социоекономска појава и нивните влијанија врз туризмот

Миграциите како социоекономска појава и нивните влијанија врз туризмот

15.12.2020

Како социјален елемент, миграциите постојат уште од времето на постоењето на човекот, кој како единка или во група морал да го менува своето место на живеење поради опстанок. Миграциите се јавуваат во сите општества и можат да бидат поттикнати од економски, социјални, етнички, културни или други фактори. Меѓу другото, тие исто така имаат и големо влијание за промена на истите општествени фактори од кои се поттикнати. Покрај влијанието на миграциите врз начинот на живеењето во 21-иот век, тие воедно влијаат и врз целокупната политика во светот. Поради тоа, миграциите се тема на интерес на бројни научници години наназад, па во таа смисла, истражувањето на влијанието кое тие го имаат врз геополитиката е секогаш неминовно. Миграциите завземаат се поголем замав, особено во модерното живеење кое се карактеризира со мобилност и лесен проток на информациите, со тоа што стануваат составен дел на живеењето. Кога станува збор за миграциите во 21-иот век, самиот поим асоцира на актуелните терористички напади и нивната поврзаност со имиграциите кои се случуваат во развиените Европски држави. Поради тоа, научниците од областа на социологијата и демографијата разликуваат позитивни и негативни фактори, кои влијаат или носат огромни промени во денешното живеење.

Туризмот како голема стопанска гранка, која во развиените земји е голем тренд, но и голем економски бенефит кој завзема голем процент од бруто домашниот производ на развиените Европските земји, како Германија, Франција, Италија, Шпанија и други, се најголема „мета“ на имигрантите. Последиците од имиграциите, особено оние од 2010 година па се до сега, извршија големо негативно влијание врз туризмот, во едни од најстабилните земји, со тоа што безбедноста на туристите, како и на домашно население беше загрозена, па така и опадна туризмот во овие земји. Меѓутоа, не смее да се занемарат и позитивните страни на миграциите, како за туризмот, така и воопшто за општеството.

Миграциите можат да имаат и позитивни влијанија врз туризмот, како пример можеме да го земеме тоа што миграциите шират една глобална култура. Доколку една земја има повеќе доселеници, самото домашно население е покомпетентно за да развива туризам, поради тоа што познава повеќе јазици, поголем број култури, има проширени видици кон светот и со самото тоа е и погостопримлив, што е позитивно за туризмот. Примамливо е и тоа што миграциите во една земја, не само што го прават човекот сестран, туку и му даваат идеи за иновации, како да биде покреативен, како да развива туризам итн. Негативно е тоа што понекогаш населението треба да ја потисне својата култура за да бидат поприфатливи за странските туристи. Кога еден човек мигрира некаде, тој исто така гради и живот, односно купува или изнајмува дом, троши пари, се социјализира итн. Во туризмот и миграцијата постои и термин кој ги спојува овие две појави, VFR (visiting friends and relatives) – посетување на пријатели и роднини. Ова значи дека скоро секој човек кој некаде имигрирал, после одреден временски период има посета од своето семејство или пријателите и тоа може да се смести во туристичко движење.

Миграциите исто така ја менуваат и архитектурата во една земја. Промената може да биде и поради религиски причини, пр. изградба на црква, џамија или други религиски храмови, потоа изградба на музеи за одредена група на луѓе, нивната култура, традиција и сл. Често се случува поради почит кон малцинството да се подигне споменик или друго обележје со кое се оддава почит кон таа одредена група. Ако миграциите влијаат на тоа туризмот да расте, тогаш се менува и целокупната инфраструктура во државата. Што значи дека земјата има подобра сообраќајна инфраструктура (има раст на движење на населението), се градат повеќе аеродроми, се отвараат повеќе угостителски објекти, итн. Значи се подобрува местото и со тоа станува попривлечно за туристите. Ако ја земеме за пример Америка и нивниот Work and Travel програм, може да заклучиме дека тие сакаат привремени миграции, бидејќи овој тип на миграции покажува секоја култура што бара и какви потреби има и согласно на тоа земјата работи кон задоволување на тие потреби, а со тоа и привлекува туристи од таа земја. Со тоа што таа на пазарот нуди понуда која задоволува секаква потреба, благодарение на различните националности кои таму живеат, таа станува попривлечна за туристите.

Сепак, штета во туризмот поради миграциите особено претрпеа Европските земји кои впрочем и најчесто нудат и покласичен тип на туризам. Како најголема закана за туризмот предизвикана од миграциите е тоа што од туристички аспект, земјата која има многу мигранти се смета за небезбедна. Негативните влијанија од миграциите најчесто се согледуваат преку безбедносните аспекти, или најлесно објаснето е дека онаа земја која има голем број мигранти ја сметаат за небезбедна. Пример, кога Турција како богата туристичка земја која располага со голем број важни туристички компоненти и исто така скоро секогаш е меѓу првите топ туристички дестинации, беше во екот на бегалската криза во 2015 година, поради тоа што примаше голем број на бегалци и притоа имаше и терористички напад,и претрпе многу штета за туризмот а со тоа и врз економијата. Ресортите во туристичките места имаа рекордно најниски цени тоа лето, споредбено со претходните години. За да утврдиме дека миграциите и терористичките напади имале негативно влијание врз туризмот може да ги проследиме податоците од 2014 година кои покажуваат дека земјата привлекла околу 42 милиони странски туристи што ја сместило во 6-та најпопуларна дестинација во светот. Потоа во 2015 година ја посетиле 26 милиони, а во 2016 година околу 25 милиони. Како и да е, со подобрувањето на безбедносната ситуација во земјата, во 2017 година повторно се искачила бројката на туристи и стигнала до 32 милиони додека, во 2018 година била 39,5 милиони туристи. Овој податок ни покажува дека сепак туристите избираат безбедни дестинации.

Ако ја земеме во предвид Франција, која исто така културолошки и туристички земено претставува една од најпривлечните земји за патување, ќе утврдиме дека поради имиграциите претрпе сериозни последици за имиџот кој таа го градеше во поглед на туризмот. Франција имаше терористички напади во 2015 година, кои сериозно наштетија на сликата за безбедноста во Франција а особено Париз. Иако таа беше посетена од 84,5 милиони туристи, два месеца по терористичките напади во ноември, туризмот имаше пад од 15% и ја чинеа државата 120 милиони евра загуба. Додека хотелските капацитети имале пад од 25% споредбено со ноември 2014 година.  Ова сепак и не е толку драстична бројка кога ќе се земе во предвид сериозноста на нападите, но може да се должи и на тоа што Франција навремено реагираше, имено само неколку денови по нападите, претседателот најави дека се запослуваат дополнителни 10.000 полицајци со цел да ја уверат меѓународната сцена дека Франција е безбедна земја. Државата исто така креираше координирана стратегиска политика со авиокомпаниите, туристичките агенции, порталите кои се бават со туризам и сите останати сегменти поврзани со туризмот и создадоа нова туристичка кампања која ја промовираа и финансираа. Кампањата беше најмногу насочена кон социјалните мрежи.

Според тоа, може да заклучиме дека тие не претпреле толкава штета, токму поради овие фактори. Но, тоа не значи дека доколку би станувало збор за друга земја, дека последиците не би биле пофатални. Кога се случуваат терористички напади некаде, таа дестинација трпи негативни последици за туризмот, па и за економијата. Последиците не мора секогаш да бидат драстични, но ова може и да се должи на тоа што кога туристичката земјата е во безбедносна, миграциона, политичка или друг тип на криза, исто така постои и намалување на цените во сметувачките капацитети, туристичките места и др.

Во таа смисла, туристите ги посетуваат дестинациите поради ниските цени, меѓутоа, сепак домашното население кое заработува од туризмот има намалување на приходите, што значи дека економијата е директно погодена. Постои исклучок од ова правило, а како пример можеме да го земеме религиозниот туризам во Ерусалим кој е најприоритетен град за посета во Израел, иако безбедноста во тој дел не е на завидно ниво. Ова значи дека религиозниот туризам е можеби еден од најпривлечните типови на туризам, а од друга страна можеби единствениот кој ја занемарува безбедноста.

Миграциите сепак можат да влијаат негативно на туризмот и врз земјите низ кои поминуваат бегалците. Така, значајно опадна туризмот во Балканските земји кои беа попатни станици за бегалците, што предизвика бројни конфликти на политичката сцена. Миграциите исто така негативно можат да се одразат и врз селскиот туризам. Всушност, кога во државата постои внатрешна миграција, односно миграции од село во град, селата остануваат без жители и практично е невозможно да се одржи или развива овој тип на туризам. Со се поголемата глобализација, туристичките дестинации стануваат слични едни на други и поради тоа овој вид на туризам е попримамлив за туристите кои доаѓаат од развиените западни земји. Поради тоа, важно е државите кои имаат потенцијал за развој на селскиот туризам, да ја насочат политиката кон задржување на луѓето во селата.

Од друга стана како заклучок на негативното влијание кое го имаат миграциите, може да кажеме дека тие најмногу се одразуваат негативно врз туризмот поради намаленоста на безбедноста. Ниту еден турист не сака да патува во земја во која не се чувствува безбедно, нема целосна слобода на движење или ако неговиот живот е во опасност, без разлика на природните или антрополошките вредности во таа земја. Тоа значи дека миграциите носат бројни предизвици за земјите, како безбедносни, така и организациони, а со тоа влијаат и врз туристичката политика на одредена земја.

Извор:

  1. britannica.com/topic/human-migration
  2. norface.net/program/migration-in-europe-social-economic-cultural-and-policy-dynamics/
  3. independent.com.mt/articles/2019-02-05/local-news/Tourism-rises-by-13-in-2018-2-6-million-tourists-visit-Malta-throughout-the-year-6736203216
  4. independent.co.uk/travel/paris-tourist-numbers-drop-franch-terror-attacks-further-charlie-hebdo-bataclan-shooting-isis-a7592836.html
  5. tourism recovery after terrorism: How France bounced back | by World Travel & Tourism Council | Medium
  6. businessinsider.com/immigrants-have-a-huge-role-in-founding-american-startups-2019-8
  7. ekathimerini.com/206409/article/ekathimerini/business/migration-crisis-seen-damaging-tourism

Автор: Емилија Маневска, Институт за географија, ПМФ

Оваа статија е прочитана 2297 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger