Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Сиромашните квартови во Манила – синоним за „преживување“

Сиромашните квартови во Манила – синоним за „преживување“

16.12.2020

Метро Манила се наоѓа во јужниот регион на Лузон, најголемиот остров на Филипините, држава архипелаг составена од повеќе од 7000 острови во Југоисточна Азија, во западниот дел на Тихиот океан. Оваа метрополитенска област е поделена на 6 административни делови, кои сочинуваат 17 области, а една од нив е градот Манила – главниот град на Филипините, кој се наоѓа на источниот брег на заливот Манила. Интересен факт за овој град е тоа што претставува најгусто населен град во светот, со 42.857 жители на km².

Во Метро Манила, како високо урбанизиран регион, уште од 1900-тите години опстојуваат пренатрупани неформални населби, кои претставуваат најголемите сиромашни квартови во светот, со околу 4 милиони жители или 34 %од вкупното население на Метро Манила (над 13 милиони жители), а една десеттина од нив живеат во главниот град и истите постепено се зголемуваат со текот на годините. Големиот број сиромашно население расте алармантно, како резултат на големиот број доселеници и високиот наталитет. Просечната големина на едно семејство во овие сиромашни квартови е шест членови. Населението во нив е претежно младо, со голем број на деца.

Метро Манила има неколку сиромашни квартови, кои се протегаат низ огромната метропола. Земјиштето на кое се изградени овие сиромашни квартови најчесто е во приватна или државна сопственост и жителите немаат никакви права, само мал дел од нив го поседуваат својот имот. Сиромашните квартови обично се наоѓаат во опасни зони, покрај реки и потоци, покрај крајбрежните или морските брегови, во депонии за ѓубре, покрај железнички пруги, долж главните автопати, под мостови и покрај фабрики и други индустриски установи.

Сепак, сиромашните квартови лоцирани веднаш до богатите станбени области не се невообичаени. Се карактеризираат со нестабилни, пренатрупани, нехигиенски, суруво и лошо изградени засолништа, во кои населението се бори да преживее. Всушност, тоа се импровизирани домови со низок квалитет, односно колиби со разнобојни покриви направени од рециклирани материјали од отпадот. Просторот за живеење е несоодветен (околу 3 до 5 квадратни метри по лице) и тие куќи се прицврстени една со друга, со многу тенки sидови помеѓу нив, што значи дека сиромашните квартови се многу оптеретени со куќи близу една до друга и премногу тесни патеки за движење на луѓето.

Сиромашните квартови во Манила имаат најнебезбедни и најнездрави услови за живот. Условите за живот тука се полоши отколку во најсиромашните рурални области. Многу од жителите кои живеат тукасе борат за живот, собирајќи и продавајќи отпад, додека некои фрлената храна ја собираат и ја готват. Луѓето секојдневно јадат ориз и сува риба. Децата исто така понекогаш мораат да собираат отпад за да добијаат остатоци од храна, одејќи по депониите боси и со износена облека.

Стапката на детска ненахранетост е три пати поголема во сиромашните квартови. Нивниот приход паѓа под прагот на сиромаштијата и како резултат на тоа, домаќинствата што живеат во овие сиромашни квартови имаат посиромашен здравствен статус, послаби училишни перформанси, помала продуктивност, слабо одржувани јавни услуги (патишта, канализациски систем, отстранување на смет, електрична енергија, вода и сл.). Токму лишувањето од сите овие потреби на повеќето луѓе тука, ја отсликува нивната сиромаштија. Жителите на сиромашните квартови, освен со големата сиромаштија, секојдневно се соочуваат и со еколошката сиромаштија. Ниските приходи на домаќинства во сиромашните заедници се основа за нивната еколошка сиромаштија. Имено, лошата животна средна ја продлабочува сиромаштијата, а во исто време ја зголемува ранливоста.

Главните еколошки проблеми што имаат значително влијание врз животот на оние што живеат во овие заедници се загадувањето (вода, воздух и бучава) и метежот. Отпадот е главен причинител за загадувањето. Жителите бидејќи немаат соодветен начин за отстранување на човечкиот отпад, го фрлаат веднаш до своите живеалишта и во околните реки, со што доаѓа до големо загадување на воздухот како и на околните води. Некои од жителите на сиромашните квартови, признаваат дека фрлаат измет во реките, бидејќи немаат свој тоалет. Студија на УНИЦЕФ покажа дека само 16% од децата во сиромашните квартови имаат пристап до чиста вода за пиење. Повеќето од домаќинствата немаат пристап до безбедна вода. Останати причинители за огромната загаденост во овие квартови, како се сообраќајниот метеж, а со тоа и големата бучава. Загадувањето во овие области дополнително се прошири со зголемувањето на употребата на трицикли кои емитуваат поголем волумен на јаглерод моноксид и истите се главниот транспортен систем кај жителите, а во исто време извор на егзистенција за некои семејства, бидејќи се лишени од јавниот превоз.

Како други еколошки проблеми на кои се особено ранливи овие сиромашни квартови се природните катастрофи, особено поплавите кои се чести на Филипините како резултат на климатските промени. Нискиот квалитет на градба на домашните засолништа со нивната опасна локација ги става сиромашните квартови под висок ризик од штети и уништувања предизвикани од природни катастрофи, особено тајфуни и поплави. Најсилно погодените сиромашни квартови покрај речните реки, доживуваат и над 2 метри длабочина од поплава, која може да не се повлече дури и по еден месец. Поплавите ја зголемуваат беспомошноста и создаваат поголеми потешкотии за сиромашните, како неможноста да се патува на работа, да се дојде до храна, децата да одат на училиште, како и штетите нанесени во домовите. Сиромашните квартови се загрозени и со секојдневните пожари во летната жештина кои уништуваат илјадници домови и илјадници луѓе остануваат без свој дом.

Живеењето во вакво опружување си има и свои последици. Лошата животна средина го намалува физичкото и менталното здравје на жителите, што ја продлабочува нивната сиромаштија, од друга страна, пак, лошата хигиена предизвикува многубројни болести, како респираторни заболувања, разни заболувања на кожата, колера, тифус, туберкулоза, маларија, проблеми со кардиоваскуларниот систем и др. Менталниот стрес и непроспиените ноќи исто така ги погодуваат жителите, особено децата и старите лица. Стапката на смртност кај децата во сиромашните квартови е три пати поголема, отколку во останатите области на Филипините. Сиромаштијата предизвикува и кревки семејни односи поради фрустрација и поголема ранливост за присуство на криминал во овие квартови, како ситни кражби, трговија со дрога, насилство и сл. Воедно, сиромаштијата ја поттикнува и онлајн злоупотребата на деца во сиромашните квартови, а некои родители дури и ги изложиле своите деца на опасност за да заработат пари.

Во таа смисла, и покрај тешкотиите со кои се соочуваат жителите во сиромашните квартови, постои и силно чувство за заедница што се развива помеѓу луѓето кои зависат едни од други и постојано си помагаат. До 2050 година, се претпоставува дека населението на сиромашните квартови во Метро Манила ќе достигне над 9 милиони. Имено, владата во Манила се бори да најде начини за намалување на сиромаштијата и населението на сиромашните квартови. Можеме да воочиме дека брзата урбанизација, несоодветната инфраструктура и основните услуги во големите градови доведоа до размножување на сиромашните квартови. Веројатно многумина се запрашуваат, зошто луѓето сакаат да живеат таму, но, сепак, некои луѓе доаѓаат во Манила посакувајќи подобар живот, меѓутоа, не секогаш „големиот“ град го исполнува нивниот сон.

Користена литература:

  1. www.gettyimages.comau/photos/manila
  2. www.borgenproject.org
  3. www.britannica.com
  4. www.worldpopulationreview.com
  5. www.ucl.uk/dpu-projects/Global Report/pdfs/Manila.pdf
  6. www.pubdocs.worldbank.org

Автор: Оливер Конески, студент на географија

Корекција: Бојана Алексова, постдипломец на географија

 

Оваа статија е прочитана 1850 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger