Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Аралско Езеро – некогаш и денес

Аралско Езеро – некогаш и денес

Често пати Аралското езеро е нарекувано уште како и Аралско море, но овој термин  е погрешен бидејќи  под езеро се подразбира секоја затворена водена површина, без разлика дали се работи за солена вода. Името на ова езеро потекнува од туркменстанскиот збор ,,Aral“, што во превод значи ,,остров“.Лоцирано е во југозападните делови на средна Азија,  територијално е поделено помеѓу Казахстан и Узбекистан. Се наоѓа на надморска височина од 52 метри и од соседното Касписко езеро е за 80 метри повисоко, додека од него е одалечено за 390 км во правец исток. Според типот на постанок е реликно езеро, остаток од некогашниот океан Тетис. Имено реликните езера настанува при тектонско издигнување на мереузите или заливите, а со тоа овие делови од морето се оделуваат и настануваат посебни езера. Во регионот околу Аралското езеро е застапена сува клима, каде во текот на годината има повеќе испарување од колку дождови. Под влијание на големата одлеченост од отвореното море, но и големиот воздушен притисок кој преовладува, влажните воздушни маса неможат да стигнат до овој регион. Во 1960 година Аралското езеро зафаќало површина од 66.740 км кв и тогаш било 4 – то езеро во светот. Тој период имало просечна длабочина од 16 метри, а максимална длабочина од 68 метри. Истата година имало волумен од 1.023 км кб, кој е многу  помал  во споредба со Бајкалско Ез., Ез.Тангањика, Ез. Хјурон, кои пак имаат далеку помала површина. Главни притоки на ова езеро се реките Аму Дарја и Сир Дарја. Во текот на 60 – тите години  од 20 век овие реки се повеќе се користат за наводновање на земјоделски површини. Особено искористена е реката Аму Дарја, која по ископувањето на каналот Каракум е насочена кон запад кон новите земјоделски површини. Со зголеменото користење на водите од Аму Дарја и Сир Дарја  и се помалиот дотек во Аралското езеро, сосема е јасно дека ќе се наруши водниот биланс на езерото. Така во почетниот периодот (од 1961 до 1970 година), Аралското езеро опаѓало во просек за 20 см годишно, подоцна намалувањето станува се поинтензиво и достигнало до 1 метар (1995-1996). Во 1988 година езерото се намалува до критичната точка од 40 метри, на која се дели на два дела т.е. езера: Северно (Мало) Аралско и Јужно (Големо) Аралско езеро. За само 40 години,  површината на езерото опаѓа за  60%, а вулуменот за  80 %. Катастрофата на оваа езеро не запира тука па во 2003 година Јужното Езеро се дели на два дела  источен и западен дел. Во 2004 година, Аралските езера зафаќаат  површина од околу 17.000 км кв, а во 2008 година имаат едвај 7.000 км кв. Ваквото намалување на водата довело до  зголемување на  процентот на сол во водата,  кој штетно влијае врз   езерскиот свет. Во текот на 1995 и 1996 година, процентот на сол се зголемува за рекордни 40 г/Л. Денес во некои делови на езерото (Источното езеро) процентот на сол се движи околу 100г/Л. Во 1994 година постигнат е договор помеѓу Казахстан, Узбекистан, Таџикстан и Туркменстан за спас на Аралското езеро, притоа е предвидено  секоја земја годишно да извојува по 1% од својот буџет за спас на езерото, како и да се намали искористувањето на  реките Аму Дарја и Сир Дарја. Но наместо да се постигне позитивното, ситуацијата станува се полоша,  езерото се повеќе се повлекува, а на негово место се шири пустина.  Во 2005 година е потегната нова иницијатива за спас на езерото, но овој пат таа се однесува само на северниот дел т.е. Северното Аралско езеро. Истата година од страна на Казахстан е изградена брана, чија цел е да  се спречи прелив на водата кон југ, притоа овозможувајќи му на Сверното Аралско езеро да си ја поврати изгубената вода. За само три години по изградбата на оваа брана Северното Аралско езеро се издигнало за неколку метри. Имено ова езеро целосно му припаѓа на Казахстан, а до него стигнува водата од реката Сир Дарја. За разлика од Северното,  на Јужното Аралско езеро не се превземени некакви мерки за заштита, па затоа езерото се повеќе опаѓа. Особено критична е состојба кај источниот дел  т.е. езеро, кое e се поплитко и се наоѓа на работ на изумирање. Западниот дел (езеро) е во малку подобра ситуација, но доколку не се превземат некакви мерки и овој дел би исчезнал. Имено и двете езера (Западното и Источното) не се во можност да се снабдуваат со водите на Аму Дарја, бидејќи реката има се помал водостој и неможе да стигне до нив.

Аралското езеро претставува ,,најдобар“ пример, кој ни покажува како лошото управување со природните ресурси, може да  доведе едно езеро до прагот на исчезнување.  Исто така претставува пример кој ни дава на знаење дека нема ,,играње“ со природата,  не советува да не ја злоупотребуваме и не освестува да ја почитуваме, бидејќи нејзините ресурси не се вечни, кога тогаш ќе исчезнат!

 

Користена литература:

Василески Д. (2011) Постанок на езерата и типови на езерски базени, Општа лимнологија, Скопје

Basic C. (2009) Aralsko jezero, 16 Meridijan, Zagreb

http://en.wikipedia.org/wiki/Aral_Sea

 

Подготвил: Дарко Стојчески

 

 

Оваа статија е прочитана 5453 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger