Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Фасцинантните гејзери во Националниот парк „Јелоустон“

Фасцинантните гејзери во Националниот парк „Јелоустон“

22.01.2021

Гејзери се извори на жешка вода која повремено и во вид на водоскок се исфрла над Земјината површина. Кај некои гејзери ова исфрлање на топлата вода се појавува ритмички, при што водениот столб може да достигне височина и до десетина метри. Гејзерите имаат кратер, канал во кој се собира водата (во горниот дел) и водената пареа (кон длабочината). Температурата на водата на површината на каналот изнесува околу 75-80°C, додека кон длабочината се зголемува до преку 100 степени и на крај преминува во водена пареа. Гејзерите обично се во близина на активни или згаснати вулкански области, а понекогаш може да бидат предвесници на вулканска ерупција. На Земјата вкупно има околу 1300 вакви појави. Во Националниот Парк Јелоустоун има околу 500 гејзери, од кои околу 100 имаат ритмичка активност. Јелоустон е заштитен од Конгресот на САД на 1 март 1872 година и зафаќа територија од 8983 km2. Името го добил според истоимената река која пак така била наречена поради жолтите карпи на кањонот во паркот. Јелоустоун е дом и на најпознатиот супервулкан во светот – Јелоустоунската калдера. Интересна појава во националниот парк Јелоустоун е скаменетата шума која по многуте силни ерупции во минатото, била натрупана со вулкански материјал. Овој прекрасен природен феномен е сместен во западниот дел од САД, во државите Вајоминг, Монтана и Ајдахо.

Јелоустон е познат исто така по животинскиот свет и по геотермалните извори, предизвикани од постојаниот вулканизам. Паркот има околу 350 гејзери, од кои околу 100-тина имаат ритмичка активност. Гејзерите настануваат од дождовницата која полека истекува низ пукнатините во карпите и се движи до подлабоките слоеви. Таму се загрева од маглата, каде потоа се враќа на површината на Земјата во вид на водоскок, од која излегува пареа и врела вода.

Во Јелоустоун се наоѓа и најпознатиот гејзер во светот – Old Faithful (Олд Фејтфул) кој еруптира приближно на секои 90-тина минути и исфрла силни млазеви топла вода. Гејзерот Old Faithful е најпрепознатлива карактеристика на Јелоустон. Ерупцијата на овој уникатен и спектакуларен гејзер трае околу 1-1.5 min, а висината достигнува од 33 m до 60 m. Овој гејзер е еден од најпосетуваните гејзери во Јелоустон. Затоа, секогаш има голем број на туристички посети, од страна на посетители што чекаат да ја видат ерупцијата на Old Faithful. Имено, овој најпрепознатлив гејзеризгледа многу моќно во зимските утра на температура од -32°C.

Втор спектакуларен гејзер е Great Fountain  кој посебно е интересен за посета на зајдисонцата. Ерупциите на овој гејзер се повторуваат на секои 9 до 15 часа. Висината на неговата ерупција достигнува над 67 m, додека неговото времетраење обично е околу еден час.

Beehive е третиот гејзер кој фасцинира во Националниот Парк Јелоустоун. Ерупциите на овој гејзер  се непредвидливи, меѓутоа можат да достигнат височина дури до 58 m. Во зима кога температурата е -32°C, Beehive еруптира со голема количина на пареа и вода.

Четврт по фасцинантност од низата на спектакуларни гејзери во Јелоустоун е Mammoth. Неговите ерупции се скоро подеднакви и генерално настануваат од топлите води, што е вообичаено за настанување на гејзери. Mammoth е најпознат по своите травертински тераси – бројни мали, плитки базени. Природата на каменот травертин овозможува изгледот на терасите постојано да се менува. Алгите што живеат во топлите базени ги затемнуваат травертинските нијанси на кафеава, портокалова, црвена и зелена боја.

Гејзерот Grand Prismatic е најголемиот топол извор во Јелоустон и му дава огромно значење, во однос на термалните карактеристики. Изворот опфаќа 113 m во дијаметар, со длабочина од 37 m. Grand Prismatic се наоѓа на третото место по големина во светот. Неговите бои се совпаѓаат со повеќето од оние што се гледаат во дисперзијата на виножитото, бело светло со оптичка призма: црвена, портокалова, жолта, зелена и сина. Длабоко сината боја на водата во центарот на базенот е резултат на природната сина боја на водата. Ефектот е најсилен во центарот на гејзерот, поради неговата стерилност и длабочина.

Користена литература:

  1. Hinch C. (2016): Yellowstone forever – a decade in Yellowstone National Park
  2. Петар Трајков (2014): Јелоустоун – “темпираната бомба” која фасцинира | ИГЕО-ПОРТАЛ (igeografija.mk)

Изработила: Викторија Ангелеска, студент на ГИС – Институт за географија

Корекција: Бојана Алексова, Институт за географија

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*