Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » За сардисаниот Лешечки манастир во 1905 година

За сардисаниот Лешечки манастир во 1905 година

04.02.2021

Настан што ги вознемири жителите на Лешек, Слатина и сето Полошко население

Причината за сардисувањето на Манастирот во 1905 година е убиството на бостанџиите Јакуп и Пајазит  од соседното село на Лешек, Слатина. Убиството е сторено од чета на Комити за која  се мислело дека е во Лешочкиот манастир. На 17.07=30.07 од Бугарија (преку Ќустендил) во Македонија влегла четата на војводата Никола Панов-Андреев-Гостиварче. Четата се состоела од 19 комити од разни делови на Македонија и четворица од Бугарија. Сите биле на возраст од  19 до 23 години. Меѓу нив немало оженет комита. Војводата на четата, Никола Пано Андреев, имал 23 години родум од гостиварското, шарпланинско село Горно Јеловце. Според кажувањето на внуците и правнуците на  волковските комити, војводата Никола лично се знаел со Гоце Делчев со кого и соработувал. Неговиот секретар бил Дончо Тодоров од Стара Загора-Бугарија. Меѓутоа, Дончо секогаш се преставувал да е од Волковија. Имал 24 години.

Даниел Георгиев од с.Белица, кичевско, имал 21 година; Петар Стефанов од с. Вранче, Прилепско на 20 години; Филип Трифунов Лулков од с. Вруток, гостиварско на 18 години; Тодор Спиров со прекар Јурукот од с.Волковија, гостиварско, на 18 години; Штерјо Стојанов од с.Требиште, дебарско, на 21 година; Миладин Спирков на 21 година од Томино Село, од пределот на Порече; Косто Трпев на 20 години од тетовско село Брезно; Павле Атанасов на 21 година од с. Ратево, беровско; Мито Георгиев на 25 години од с. Чешиново, кочанско; Петре Бојков 29 години од с. Љубанци, скопско; Никола Цветанов на 20 години од с. Љубанци, скопско и Војче Иванов,  22 години од с. Глуво скопско.

Од Бугарските села и градови биле следниве комити: Васил Костов, 20 години од с. Скобелово Чипранско-Ловечко; Атанас Димитров, 22 години од Лозенград Одринско; Александар Петров, 18 години од с. Сотир, пловдивско; Димитар Христов од с. Дупница, Ќустендилско и Христо Атанасов, 28 години, од град Пловдив. Од влегувањето на четата во Македонија, па се до немилиот настан во Слатинското Поле, поминале 28 дена. Каде се се движела четата за овие 28 дена ке се послужиме со биографските податоци на комитата од четата Филип Лулков. Во биографијата постојат извесни пропусти веројатно заборавени како и редослед на движење на четата. Па тука ќе се обидам да напрабам извесни корекции и дополнувања. Според Лулков, од паланечко, четата се упатила во кратовско, во селото Кнежево. По неколку дена одмор во Кнежево, тие се префрлиле во Овче Поле и ги посетиле селата Немањица, Преод и Крушица.  Од Овче полието се префрлиле во скопските села Коњаре, Дивље и  Сушица, Катлановска. Од тука се префрлиле во селата на Скопска Црна Гора: Булачане, Црешево, Мирковци, Бразда , Кучково и Кучевиште. Од  сеќавањата на Лулков веројатно се испуштени селата Љубанци и Глуво од кои села во четата имало комити па сигурно биле посетени и овие села.

Од Скопска Црна Гора,четата се спуштила во Дервентската Клисура кај што тече реката Вардар. За да продолжат кон Полог, поминале покрај селото Радуша и стасале во долнополошкото село Раотинце. Во Раотинце се сместиле кај парохискиот свештеник воедно и учител Коце Јанчевски од родот на Мелазиини. И денес во неколкуте семејства, потомци на свештеникот Коце, се пренесува преданието за престојот на четата Комити кај нивниот прадедо. Таков е случајот и со внуката Стојна која ми го раскажа родовското предание во 2005 година. Истото предание го забележал и професорот Васко Матовски од истото село. По сместување на четата кај свештеникот и учител Коце, комитите изразиле желба да го посетат Манастирот во Лешек и да присуствуваат на големиот манастирски празник. За да би им се исполнила желбата бил повикан учителот Тодор Томев од селото Јелошник што се наоѓа на шарпланинската падина близу Лешек и Теарце. Инаку, Тодор соработувал со Револиционерната организација и го знаел патот од Раотинце до Лешек.

Вечерта спроти Богородица на 28 август, Тодор како водич, ја повел четата кон Лешек. Патем поминале низ селото Подбреѓе па по Пашиниот Пат и Јанчишка Цеста  низ полето кон Лешек, патем поминале низ Слатинско Поле на местото Калиноо, каде покрај патот се наоѓал бостанот на слатинчаните Јакуп и Пајазит. Таа ноќ бостанот го чувале двајцата браќа знаејќи дека вечерта повозрасните деца од селата  групно оделе на прославата во Лешек. Кога четата се приближила до бостанот, Пајазит викнал по брат му Јакуп, кој бил во колибата кажувајки му дека доаѓа поголема група на луѓе мислејки дека се крадци.  Јакуп, за да ја заплаши групата на луѓе и да им даде до знење дека бостанот го чуваат бостанџии, испукал од својата пушка кон групата што доаѓала. За несреќа, куршумот смртно погодил еден комита. Гледајќи дека се откриени, комитите се распрснале и полегнале на земја, а револтирани за убиениот другар, возвратиле со пукање кон колибата. Во таа престрелка, Јакуп загинал, а Пајазит бил тешко ранет. Кога прекинало пукањето, комитите се собрале, го зеле загинатиот другар и се вратиле назад на планината Жеден.  Но сега не по истиот пат туку по пократкиот пат кој минувал низ селото Прељубиште и местото Четири Јасике, мостот на Вардар и селото Туденце кое се наоѓа во подножјето на планината Жеден. Ова го дознаваме од биографијата комитата што бил во четата Филип Трифунов Лулков.[6] Ноќта во Туденце на селските гробишта го погребале својот другар. Податокот за погребот го раскажал Станко од родот Бакарданој на зетот Трпко Јастрев  Коач од Варвара. Кажувајќу му дека неговиот татко Мите присуствувал на погребот со даден свој прибор.

Загатка е, зошто Лулков во својата биографија не го споменува својот загинат другар. По извршениот закоп, комитите се искачиле на планината Жеден, Храна им носел Мите и негови блиски доверливи луѓе. Се поставува прашање зошто комитите својот другар не го погребало во првото село што им било на патот Прељубишта туку во подалечното село Туденце. Водачот Тодор, со Мите биле во родбинска врска, па затоа четата се определила погребот да го извршат во Туденце. Напоменуваме кај бостанот останала капата на загинатиот комита која послужила како доказен артефакт при судењето. Вознемирени жителите на Слатина од големото и невообичаено пукање ноќе во полето, се упатиле во местото од каде што се пукало. Таму ги нашле браќата, Јакуп мртов, а Пајазит тешко ранет, но успеал да им каже на своите соселани дека тоа била поголема вооружена група и се упатила кон Манастирот во Лешек. По случувањето на тој немил настан и дознавањето за присуство на комитиска чета, утредента на 28 август 1905 година, тетовскиот турски кајмакам (тетовски околиски началник) испратил службено лице во Слатина за да го предупреди револтираното вознемирено албанско население да не превзема никакви осветнички акции и да не влегуваат во Манастирскиот двор и да ги вознемируваат манастирските гости туку власта ќе испрати свои луѓе од безбедноста за да го испита случајот и да се дознае вистината.

Во тоа време, Слатина имала 70-80  куќи и мал број на жители. Меѓутоа, тие го алармирале целото долнополошко албанско население така што се собрале околу 7000 луѓе, според проценката на егуменот на Манастирот, јеремонах Еротеј а според податоците на судскиот процес, околу 3000 луѓе. Ова собрано население наоружано со пушки, секири, вили и друг вид на орудија, како потоци околу езеро, се упатиле кон манастирот, потпирајки се на манастирскиот ѕид. Сите тие биле поддржани и охрабрени од Мемед паша од Ратае, Алим-Бег Дерала, Адем ага Тресија и Абдул меџит Кучето, дозволувајки кој сакал можел да влезе во Манстирот а никој не смее да излезе. Ја допреле водата со која се снабдувал Манастирот. Бидејќи албанското население било предупредено од тетовскиот кајмакам, тие не влегле во Манастирот и не направиле никаков инцидент или каква и да е провокација. Меѓутоа, турскиот кајмакам од Тетово од затвор го пуштил Јонуз Јусуфов од село Првце а живеел во село Доброште, опасен арамија на добиток, насилник над христијанското население. Опсадата на Манастирот, според игуменот Еротеј, траела пет дена а според судските записници, четири дена. Гледајки ја загрозеноста на Манастирот и на манастирските гости, кметот на селото Јастре Ончев Онуфриески и неколку селани што соработувале со Револуционерната организија, се договориле еден од нив веднаш да оди во Тетово и го информира соработникот на Организацијата Сане Ристовски-Гуле. Откако Сане ја чул информацијата, со коњ веднаш се упатил кон Скопје да го извести конзулот на Австро-унгарија, кој претходната година го посетил Манастирот, за тој да интервенира кај турските власти за да се спаси Манастирот и невиното население од евентуална акција на албанското население.

Откако биле информирани членовите на Организацијата во Тетово за настонот во Лешек, тие испратиле свои луѓе во Призрен, бидејки Тетово со околината било во состав на Призренскиот санџак со цел да го информираат и рускиот конзул. Додека траела опсада на Манастирот, егуменот Еротеј со своето братство ги смирувале и тешеле гостите да не се плашат и да бидат мирни бидејки Манастирот не е вмешан во никакви афери, ниту пак има комити или некои сомнителни лица во Манастирот. Економско богатиот Манстир, за да се прехранат гостите, биле потрошени  82 товари жито, 10 000 литри вино , 4400 литри ракија, 75 кг масло,  190 кг сирење, 125 кг ориз, а биле заклани 14 вола , 2 бивола  и 48 овци и кози. По изминати четири или пет дена, турските власти од Призрен го испратиле воениот старешина, командантот Алај-бег Гали со 300 коњаници и 2000 војска пешадија од Скопје.

По пристигнуванјето, Алај-Бег Гали и пешадијата тој со неколкумина потчинети старешини влегле во Манастирот и стапиле во преговори со егуменот Еротеј, додека војската и коњаниците се распоредиле околу Манастирот. Егуменот Јеромонах Еротеј, во текот на разговорите го разубедувал Алај-бег Гали дека Манастирот не е вмешан во ништо и не знае ништо за какви и да било комити ниту пак за убиство на бостанџиите. Исто така го убедувал дека Манастирот нема комити. Покрај убедувањата Алај-бег Гали постапил по Законот и извршил претрес на манастирските конаци. Откако се увериле дека навистина нема никакви комити, Алај-бег Гали наредил на својата војска да го растераат башибозукот од ѕидовите на Манастирот и да ги ослободат невините гости. Гостите под заштита на турската војска го напуштиле Манастирот. После тоа војската со Алај-бег Гали заминала од каде што дошла. Како што рековме, по погребот на својот другар, според Лулков, четата се искачила на Жеден. Од доставувачите на храна биле информирани дека Манастирот во Лешек е опколен од албанско население.

По информацијата од истите луѓе дека опсадата од башибозукот и турската војска се повлекле. Комитите ноќта се упатиле кон Јелошник од каде што бил водичот Тодор Томев. Во Јелошник се задржале 2-3 дена. Од Јелошник одејќи по падината на Шар Планина го посетиле селото Брезно, од каде што бил комитата Косто Трпев. Денот го отседеле во Брезно. Вечерта тргнале за Лавце, преку селата Варвара, Отунје и Сетоле. Додека ноќе минувале низ овие села, водач им бил брезјанецот Косто и Тодор, а постои можност како водич да им се придружил некој од овие села кој подобро го познавале патот. Веројатно во Лавце останале дента. Вечерта се симнале по падината на Шар Планина каде што се наоѓа с. Лавце за да продолжат преку полошката рамнина за Волковија, од каде што бил комитата Тодор Спиров- Јурукот. Знаејќи, комитите дека турските власти знаат за нив и се наоѓаат некаде во полошките села и по нив постојано следи потера, одлучиле да заминат за Порече каде би им било побезбедно. Постои можност за цело време од Лавце па до заминувањето во Порече, како водич да им бил Синадин од гостиварското село Чајле. Според Лулков, од Волковија патем минале низ селото Блаце, а според преданието, низ селото Чајле. Околу 5-ти септември имале мал судир со четата на качакот Демир од гостиварска Лакавица.

По судирот во едно од овие села, следела турска потера по четата на комитите. Бидејки Турците знаеле дека Тодор Спиров-Јурукот е комита и е од Волковија, се посомневале дека четата комити се наоѓа тука. Сега турската војска го опколила селото и ги собрале сите мажи и деца постари од 10 години и попот Јанакија(Јован). Ги затвориле во племната на Стојковци, запретувајки им дека ќе ги запалат, ако не ги кажат комитите. Затворени биле 3 дена. На жените им било наредено, на војската да им носат грозје, изживувајки им се со нив и газејки го грозјето. За случајот бил информиран рускиот конзул од Скопје. Сега тој интервенирал кај трските власти. Тие испратиле Комисија да го испитаат случајот. Со Комисијата бил и рускоит конзул. Откако се установило дека луѓето од Волковија незнаат ништо за некаква комитска чета биле ослободени.

По заминување на четата од Полог за Порече, според Лулков(види биографија во прилог), таа се поделила. Војводата Никола П. Андреев со четворица комити заминала за гостиварско, а останатите комити со секретарот Дончо преку Сува Гора заминале за Поречието. Од 1905 – 1912 година, за активноста и движењето на четата со Никола не ми е познато. Желбата за ослободување од Македонија од Турското ропство, на Никола не му дал мир на душата, па тој учествува во Првата балканска војна. Се вклучува во Македонско-Одринското опалчение во Скеченската чета. Потоа преминал во втората чета на Втората Скопска дружина. За својата храброст одликуван е со Крст за храбрсот од  IV степен. Никола Андреев Гостиварчето, учествувал и во Првата светска војна, на бугарска страна, како млад подофицир во Вториот македонски полк. И во оваа војна Никола се истакнал како борец и е одликуван со Орден за храрост од III степен. Загинал на 7.03 1917 година, кај железничката станица на селото Аканџали (Мурје), што се наоѓа северо-источно од Дојранското Езеро и не далеку од македонската граница. За да се разјасни случајот и откријат комитите, турскиот кајмакам (околиски началник) наредил од Лешек да се притворат сите мажи кои би можеле нешто да знаат за комитите и уште неколкумина од другите села. Вкупно биле притворени 29-мина. Одделно бил притворен и селскиот полјак од Лешек Нешо Чучерац. Сите притворени биле распрашувани а во распитот, на Нешо вршено е големо физичко малтретирање, за да каже што знае. Неможејки да го издржи тепањето, Нешо ги кажал луѓето кои соработувале со Револуционерната oрганизација. По добиените информации од Нешо и распитот на сите притворени, 15 луѓе биле пуштени, а во притвор останале следните 14-мина, по кажувањето на Атанас Поп Ончев Онуфриевски.

Браќата Јастре-кмет на Лешек; поп Спиро и Атанас од родот на Лалошој; Столе син Кочов од Цинцароој; Јосиф син Аврамов од Кашамееј; Ѓурчин Деспотов од Ѓурчеј; Стојан Иванов од Долно Маало. Покрај за лешаните, Нешо ги кажал и седумте соработници со Организацијата од другите села: Трпо од Варвара од родот на Коачој; Симче исто од Варвара од родот на Кубурој. Нему Мемет паша од Ратае му се заканувал да не се прави голем јунак инаку ке го расчепи и едната нога Ќе ти се најде на Жеден а другата на Плоча,  топоним на шар Планина. Потоа браќата Трипун и поп Трпе Мојсовски од Брезно. Трипун е таткото на починатиот лекар од Државната болница во Скопје, примариус Ристо Трифунов-Брезјанин. Од Непроштено бил притворен Мојсо по кого родот е наречен Мојсиини; Сане Ристоски Гуле од Тетово и Стојан од Вратница од родот на Тапшаној, роден 1888. Во организацијата стапил кога имал 17 години. Податокот за него на Душко Атанасоски го раскажал неговиот син Јордан на 62 години, кој се родил кога татко му имал 55 години од неговиот втор брак.

Притворената група од 14 луѓе во Тетово биле притворени околу 10 дена. Додека траел притворот во Тетово, притворените се договарале да соберат 500 лири за откуп. По изминати 10-на дена, на сред ноќ во просторијата каде што биле затворени, влегле двајца полицајци и еден старешина со еден куп јажиња. Ги ваделе еден по еден ќе му ги врзеле рацете на грб, така на сите 14сет притворени. Откако им ги врзале рацете, под силна стража од 30  полицајци ги повеле кон Скопје. Патувале цела ноќ и цел ден. Квечерината стасале во Скопје. Во Скопскиот затвор, биле затворени во иста просторија во која веќе имало други затвореници. Според кажувањето на Атанас, вкупно со нив во истата просторија имало 60 затвореници. Од нив 16 биле попови а другите учители. По изминати 33 дена, поточно на 1.10.1905 година, се оддржало судењето во Скопскиот вондреден суд, под Обвинение дека соработувале со Револуционерната организација и кај нив наводно биле пронајдени неколку напишани книги, како што давал образложение товскиот кајмакам. Како доказен артефакт, донеле еден пронајден каскет паднат од загинатиот комита. Згора на тоа го довеле сведокот Нешо Чучерац и наводно братот на убиениот бостанџија. Обвинетите биле застапувани од тројца адвокати, од Австро-унграскиот, српскиот и бугарскиот конзулат.

Кога започнало судењето, тетовскиот кајмакам го повторил првиот исказ, дека кај притворените се најдени некакви писани книги, сакајки да каже дека оптужената група соработувала со комитите и имаат некакво сознание за комитската чета што го убила бостанџијата. По исказот на кајмакамот, судијата се обратил кон Нешо и го запрашал: ајде Нешо кажи што знаеш, тогаш Нешо ја симнал капата и рекол: Еве гљедајте, затоа сум кажал. На главата се уште му се гледале големи траги од заздравените рани. Тогаш судијата, поротниците и адвокатите се погледнале меѓу себе и со поглед се разбрале, под каков страшен притисок ги кажувал Нешо имињата на сега оптужените.

Вториот сведок, наводно бил брат на убиениот бостанџија. На прашањето од судијата, дали видел кој го убил брат му, тој рекол дека го видел и тоа бил Трпо Коач. Еден од адвокатите го прашал дали го познава Трпота, тој потврдно рекол да. Потоа му рекол кој е Трпо меѓу оптужениве. Тој ги погледнал и рекол Не е тука. Тогаш Трпо станал и рекол: Еве колкав сум, не можеш да ме видиш значи л’жеш. Второто прашање на адвокатот било, како си можел да го препознаеш убиецот среде ноќ, сведокот рекол, таа ноќ имаше месечина и се гледаше како ден. Неможејќи да се воздржи, Трпо се вмешал и побарал да се донесе календар за да се потврди ова кажување. Од календарот се утврдило, таа ноќ немао месечина. Во судницата настанало смеење. Од сведочењето на сведокот, судиите извлекле заклучок, дека сведокот навистина лаже. Не само по сведочењето туку и по тоа што двајцата браќа биле убиени. Откако завршил распитот на оптужените, кајмакамот и сведоците, Судот констатирал дека обвинетите се невини и ги ослободил сите 14-мина, со тоа што им рекле: Ајде речите чок Јашари пади шах – да чивее царот – и идите дома.

Според извештајот на рускиот конзул од Скопје, оптужени биле 17 луѓе . Од нив 3 свештеници и 4 учители. Според моето истражување, притворени и оптужени биле 14 луѓе од кои двајца  биле свештеници, а учители немало. Овој настан со Манастирот, оставил длабоки траги и доживотно паметење кај жителите на Лешек, Слатина и гостите на Манастирот. Сега тие, настанот го раскажуваат на помладите генерации: синови, ќерки, внуци и пријатели. Што се однесува до комитите каде биле, народот си создал неколку верзии. Според првата, групата комити се засолнала зад Лешечкото Кале, во местото Габер. Од тука, комитите цело време го набљудувале сардисаниот Манастир. До колку албанското население, извршило некаков испад во Манастирот, тие би интервенирале со пукање од кај планината и со тоа би го свртеле вниманието , а тие би исчезнале по падините на шар Планина. Втората верзија е раскажана од Драго Симовски- Драгулинка од Тетово, а нему му ја раскажал неговиот татко, столарот Саво. Според него, комитите биле скриени во тајните манастирски скривници што се наоѓале во денешниот манастирски конак-сарај а ги забележал неговиот  дедо при поправка на прозорите и вратите.

Третата верзија ја раскажал наставникот Уснија Абдулахи од Слатина 1977 година. Според него, комитите биле скриени во Слатина кај Џеладин Мехмед, па кога дошла српската војска 1912 год. Џеладина го стрелале. Четвртата верзија е по истражувањето на новинарот Живко Стефаноски и писателот Ј. Дамјаноски, објавени во Нова Македонија , во неколку продолзенија од 19-26.08.1971 година.

Според нив, групата комити требало да оди за село Брезно, за да ликвидира еден насилник од село Пршовце кој поминувал низ Брезно за на бачило. Бидејки нивното одење во Брезно, се совпаднало со денот на Манастирскиот собир во Лешек, па би сакале да присуствуваат и на прославата. По непромисленото убиствио на бостанџиите, тие не присуствувале на прославата туку се засолнале во местото Габер над Манастирот. По Сардисувањето на Манастирот, комитите ги презел Тодор Томев од село Јелошник, соседно село на Пршовце за да го ликвидираат насилникот. По кажувањето на 89 годишниот брезјанец Симо Силјаноски(1875-1974) на Илија Петрушевски во 1964 година, убиството на Есад од Пршовце го извршиле комитите Ѓоро Цветков од Лешек и Крсто од Брезно во април 1904 година, кога Есад се враќал од бачило. Поводот бил насилничкото однесуванје на Есад кон Крсто, поради изгубените неколку кози што ги чувал Крсто. На 24 Мај 1904 година четата на Ѓоро и Крсто од 25-26 комити била предадена и сите комити загинале во кумановското село шупли Камен.

Од оставените биографски податоци на комитата Филип Лулков, видовме дека комитите се вратиле назад и се задржале на планината Жеден во 1905 година. Со тоа, претходните изнесените верзии за четата на комитите не сe точни. Како што се произволно измислените раскази, каде се наоѓала четата на комитите, така произволно и неодржливо е и за пречекот на четата. Неа во полето требало да ја пречека Столе Кочов Цинцар од Лешек. Столе претходната ноќ наводнувал пченка и чекајки ја четата заспал. Втората верзија ја забележал Киро Ковачевски, внук на притворениот Трпо Коач од Варвара. Според кажувањето на дедо му Трпо, комитите требало да ги пречетаат поп Ѓиго, Јастре од Лешок и Трпо, над селото Сиричино, на планината Жеден. Од тука, сите заедно да одат во Манастирот во Лешек меѓутоа, четата стасала порано и се разминале меѓу себе. Напоменувам, попот Ѓиго тогаш имал 15 години и син на поп Спиро, а Јастре е неговиот чичко.

Настанот за сардисувањето на Манастирот, оставил длабоки неизбришиви траги кај одреден број на жители, а особено кај жителите на селото Лешек и Слатина.

Народниот непознат генијален пеач настанот го овековечил со песната  Го сардисале Лешечкиот манастир.

Записот за првата песна го забележал тогашниот тетовски современик, покасно хроничар, печатар и издавач на неделниот весник Глас Полога 1933-1940, Кузман Најденовски. Во 1972 година тетовскиот музички педагог Андро Апостоловски и писателот Јован Дамјановски, песната ја мелографираат, со минимални измени и дополнувања. Така даваат нова верзија, која денес е прифатена од народот како народна песна и со најверодостојна содржина на настанот. Истата е објавена со уште неколку народни песни под наслов: Народни песни од Тетово. Со изведување на оваа песна преку радиото и телевизијата, со настанот е запознаено целото македонско население. Напоменувам, покрај оваа песна има уште една новокомпонирана која не се совпаѓа со вистинскиот настан и како таква  треба да се исфрли од репертоарот на народни песни

Покрај песната Сардисале Лешочкиот Манстир има уште една песна испеана од непознатиот генијален албански народен пеач.

KUSH PO I BJEN BURIZENIT

 Kush po I bjen-o cati burizenit, o, he?

Hej, hej, se kumitet na kan dal pi RRAFSHIT-o, he

Ani shkuejni e dilni, morn ja disa gjejem-e

O, nje disa gjem-a, o nja shtat’a tejet-e…

O, nja shtat’a tet-o gjem si shtat asllejena

Ani kur bertasen kejt-o ka di zejena

Ani shkuejn me zenun-o KOLE KAPITENIN, o, he

Ani shkuejn me zenun-o o Kole jezitin,o , he

O c’I naj kan vra-o KUPEN E PAJAZITIN, o he

Ani, more Kole, o biri shkijines

Ani a s’I njefte gjemt e ksaj SLLATINES-o, he

Ani ce kjue DUDA lira duan me dhejen-e

Ani po jep lira Duda jep alltejen-e

Ani MANASTERIT mos m’I bejn zandejen-e

Ani s’dujna lira, shkin s’dujma alltejen-e

Ani me kumite do ta buejm nji nejem-e

Ani ce kjue Duda xhith po buen “medejet –e”

Mjer kuku per mue cices-o xhi m’ka xhejet-e

Anixhi m’ka xhet-e cice, bre m’kam marujue

Ani Koles krejen-o n’sheher-o ja kajn cujue, hej ,hej

Hakin e vllaznive gjemt e kajn pagjuju-e.

 

Превод:

Кој ми чука на тапанот    

 Еј хеј, кој ми чука на тапанот

Излегле ми кумите, кумите у рамнина

Вие млади момци што чекате

Вие седум – осум млади, како седум лавови

Сите вие во едедн глас викнете

И силен глас пуштите

Идите по тој Коле капитанот, да го фатите

Тој ми Коле језуитот

Хеј хеј што ни ги уби (Ја)купа

(Ја)купа и Пајазита хеј хеј.

Тој ми Коле на каурката

Нели ги познаваш синојте

Синојте наши слатински

Тие на мегдан да ти излезат

А ти попе Еротијо

Кукавицо манастирска

Лири даваш само зандани да не идат

Ни лири ни алтани  ти сакаме

Само сакаме само сакаме

Со комити на мегданда излеземе.

Се исплаши попот Еротија

Па ми викна па ми викна

Тешко мене тешко мене

Тешко за нас свите

што не снајде, што не снајде

 Главата на Коле, главата на Коле

Во Град га однеле

Дугот на браќата го наплатиле.

Според податоците можеме да претпоставиме дека и оваа песна настанала пред 1920 година. Меѓутоа, песната не била заборавена кај поедини постари луѓе кај Албанците. Нејзиното пеење во соло и дует го слушал Сирја Етеми од талентираниот пеач и љубител на народниот мелос Ферат Малиќи од Слатина, родното место и на Ферат и на Сирја. Сирја Етеми, песната ја слушал и забелезал во 1993 година, а во својата монографија за Слатина како хроничар ја забележал 2005 година и со тоа го запознал поширокото албанско население за постоењето на оваа песна, воедно и ја овековечил да се незаборави. Овде не ми е целта да ги анализирам и коментирам содржините на песните, туку целта ми е да покажам како народниот пеач историските настани ги одбележувал со изведба на народни песни.

Четите на војводите Никола Томо Андреев-Гостиварче

                                                           

ПРИЛОЗИ

Расказ на Атанас поп Ончев Онуфриески

Д’нта когај го затворија Манстирот, Алим бег, Ага Тресија и Мемед Паша, пошле за у Ратае, сигурно на ручек. Ме сретоа мене и ме зедоа со њив. Идејќи удоље, кеј Костоо у среќа ни идеше и брат ми Спиро и њего го зедоа, а Алим бег ми збори: Ќе видиш Атанас кога ќе те фрлим у амбар у Ратае, а пак Ага Тресија ми вика: Немај гајле Атанас, не го оставам да ти фрли у амбар. Другиот д’н, не отераја у Тетоо, седимо мие у Тетоо два д’на и чекамо да не пушта, не да не пушта туку треќиот д’н некоа триесе душе дотераја од Лешек. Не стаеја и нас со њим и почнаја да не сослушуаа. Кој ваќе кој таќе и полојната ги пуштија, а останавмо само четрнаесетмина, мие тројца браќа: ја (Атанас), Спиро и Јасре, потоа Ѓурчин, Столе, Јосиф, Стојан од Долно Маало, Стојан од Вратница, Трпо и Симче од Варвара, Трипун и Поп Трпе од Брезно, Мојсо од Непроштено и курирот Сане од Тетоо. Љегамо мие туе 10 дна а рачунамо да соберемо 500 љире и да не пушта. Есапејќи тоа, когај е бир на полноќ влагаа двајца заптии со еден нарамник конопци и едан моамир (командир) со њив. Едан по едан не ваѓаат надвор, ќе ни вржат руке наопако и таке едан по едан свите не врзаја. Б’ш у полноќ не потераја накај Скопје. По нас идоа триесе душе турски аскер, едни напред едни назад. Дур вечерта стигнавмо у Скопје. Кеј ти не отераја у апсаана, тоа је апсаана, шиесе душе у една соба. Шеснаесе попа имаше, а другите беа учители. Тоа ти било политички затвор. Љегамо мие туе дваесе дна, љегајќи абер дојде ке не ваѓаа на суд и тоа воен суд. Мие имавмо 3 адвоката од конзулатот бугарски, српски и аустриски. Не извадија у една канцеларија, кога ќе видимо едни судије со чалме, леле, леле да ти е сра да ги гледаш. Пред њив стајле едно празно патронче и едан каскет, а у канцеларијата го донеле и сведокот Нешота од Лешек кој казал за нас. Когај почна сослушуањето, го прашаја Нешота да каже што знае. Тогаш тој га слимна капата и рече: Еве гледајте затоа сум рекал, а главата од ќутек све исцепена. Когај видоа судиете ова, се завртеа накај нас и ни рекоа: Ајде речите чок Јашари падишах (да живее царот) и идите дома. Мие таќе рековмо и не пуштија, а со нас и по еден тоар вошке донесовмо дома. Со насмевка го рече ова на крајот дедо Атанас во својата 95 година, на 8 Март 1967.

Забележал Илија Петрушевски

Запис од Еротеј – Игумен на Манастирот

 1905 Лето Август 15-ти Турци, Арнаути опколија манастира да плмна и да ги изгора со свем народа. Тогава беше собор манастирски. Нарот имаше до 3000  хилади човечки души: от Тетово, от Гостива[р]ско, наивише блгари и срби. От Скопје имаше и от Tетовска каза- от селата. Стоеха затворени 5 дена на моасере. Храната свичка от манастира се даваше. Жито се похарчи 82 товари, вино  8000 хиладе оки, ракиа 3500 хиладе и петстотине оки. И 14 волови, 2 биволи, 48-м овци и кози, масло марсно – 60 оки, сирене – 150 оки, ориис – 100 оки, зарзават бовчалок купен – 6 товари а манастирски бавчалок башка. Благодарение на Негов. Императорство Величество нашија татко Султан Абдул Хами и неговите чиновници ослободиа манастира и народа да не стане никаква жертва. Народа го пуснаха мирно и тихо. Воина пристигна 300 конаци до 2000 хилади пешаци. Арнахути имаше 7000 хиладе души около манастира. А воината влезе натра, во манастир. Со воината беше Галибек Алаи комендар. Бог да поживи тахиви чиновници. С името царско свичко помири во манастира и со Арнаутите. Арнахутите си отидоха засрамети. Извесно е дека Македонија во почетокот на овој век, кога настанал овој запис, била постојано под ударите на шовинистичките пропаганди на соседните земји. Имено, под влијание на овие пропаганди запишувачот ги претворил Македонците во Бугари и Срби.

Биографија од Филип Лулков – препис на биографијата

На Филип Трифунов Лулков во 1899 го заминав за Цариград .Во 1903 год. преминал во Бугарија, Софија се запишав во четата на Војводата Бобев, ме предадоа, властите мене ме фатија. Бугарските власти мене ме интернираа во внатрешноста на Бугарија во Варна. Во 1905 заминав за Македонија со Тетовско-гостиварската чета на Војводата Никола Панов-Гостиварчето. Минавме турската граница околу Гловешево во паланечко се составивме во село Кнежево со окружните војводи за Македонија Даме Груев, Чучков. После неколку дена одмор со четата на Никола Панов заминавме кратовско, кумановско, скопско покрај селата Коњаре, Неманица, Преод, Крушхица, Дивље, Сушица, Скопска Црна Гора, Булачане, Црешево, Мирковци, Бразда, Кучково, Кучевисхте и Радуша. Куриер ни беше Тодор Даскал од село Јелошник, тетовско. Стигнавме во Тетово на планината Жхеден до село Ротинце, после 2 дена отмор тргнавме во село Брезно, Јелошник и манастирот во Лесхок. Бевме откриени до село Слатина од арнаути бостанџии. После 2-3 часа борба со арнаутите четата се оттргна назад во планината Жеден. Во борбата отепавме двајца арнаути од село Слатина. После 2-3 дена четата поново по друга насока заминавме за селото Јелошник во планината шар. После неколку дена пауза, заминавме за село Сетоле, Лавце над Тетово и продуживме за село Блаце. Курир ни беше Синадин од село Чајле, гостиварско. Имавме маллку борба со четата на качакот Демир од Лакавица. После заминавме за село Стенче, Волковија. Бидејки што бевме сваки ден пресретнувани од турските војски и од башибозуци принудена беше четата да се разделит на две. Војводата Никола Панов со четворица четници замина за гостиварско, останатите четници под раководство на секретарот на четата Дончо од село Волковија заминавме преку Суха Гора во село Здуње, поречко. Од Здуње во село Пуста Брезница, скопско. Во село Горно Соње се составивме со четата на Диме Мартинов после неколку време со четата ја се разболев и заминав за Бугарија. Неколку пати бугарските власти ме интернираа во Варна и на други места. Во 1912 година ступив доброволец во Мак-Одринската Бригада во (прва рота на 2 Скопска држина) во 1 Бригада, II Дружина, една рота скопска учествував во свите Борби за освободување на Македонија. Имам слободен билет.

Потпис

Филип Трифунов Лилков

За напишаното да е верно, одговарам морално и материјално.

Автор: Илија Петрушевски

Оваа статија е прочитана 504 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger