Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Вселена, На тема » Што е супернова?

Што е супернова?

11.02.2021

Ѕвездите наликуваат на луѓето. Се раѓаат, живеат и потоа умираат. Сепак, оваа споредба е опишана на многу едноставен начин. Ѕвездите претставуваат гасовити, топчести небесни тела со сопствена светлина и топлина кои произведуваат енергија преку нуклеарна фузија. Науката што се занимава со проучување на ѕвездите се нарекува ѕвездена астрономија. Ѕвездите можат да се видат на небото како точки што треперат, заради ефектот на земјината атмосфера и нивното растојание од нас (коешто обично се мери во светлосни години).

Ѕвездите заедно ги држи рамнотежата на гравитацијата што ја турка ѕвездата и топлината и притисокот што се туркаат од јадрото на ѕвездата.

Исто како и огнот, ѕвездите на крајот ќе изгорат преку снабдување со гориво. Разликата е во тоа што кога огнот го исцрпува горивото, не преминува во нешто неколкупати поголемо од неговата оригиналната големина, ниту пак се руши во самиот себе за да создаде супер густа материја. Кога ѕвездата „ќе изгори” многу нешта може да се случат, но најчестиот настан е силите кои го балансираат овој џиновски објект да преминат во нерамнотежа. Ѕвездата е во рамнотежа помеѓу две спротивни сили, нејзината гравитација се обидува да ја стисне во најмало можно топчесто тело, меѓутоа нуклеарното гориво кое гори во јадрото на ѕвездата создава силен надворешен притисок, кој се спротивставува на внатрешниот притисок на гравитацијата. Кога џиновска ѕвезда ќе снема гориво, истата се лади. Ова предизвикува притисокот значајно да се намали. Во овој случај, гравитацијата победува, а самата ѕвезда одеднаш колабира. Крајната експлозија се нарекува супернова. Компресијата од пропаѓањето на ѕвездата предизвикува јадрото да стане многу густо, кое се нарекува бело џуџе. Тоа не емитира светлина како повеќето sвезди. Наместо тоа, дава топлинско зрачење што може да биде видливо за научниците. Ако ѕвездата е доволно голема, ова густо јадро може да премине во црна дупка.

Hubble Space Telescope image of supernova 1994D in galaxy NGC 4526.


Дали оваа астрономска појава се случуваат често?

Одоговорот е и да и не. Постојат милијарди ѕвезди низ безброј галаксии во нашиот универзум, па постои голема веројатност некоjа ѕвезда да премине во супернова. Прашањето е само дали истата можеме да ја видиме. Суперновите се едни од најсајните предмети што луѓето некогаш ги забележале на ноќното небо и често се гледаат во други галаксии. Меѓутоа, суперновите тешко може да се видат во нашата галаксија бидејќи меѓуѕвездениот прав го попречува нашиот поглед. Една од најпознатите супернови што ја набљудувале луѓето е формирањето на Маглината Рак. Во 1054 година, кинеските астрономи забележале експлозија на небото. Оваа супернова, наречена SН 1054, беше видлива две години пред да згасне во она што сега го знаеме како Маглина Рак.

Маглина Рак.


Дали суперновите можеме да ги видиме?

За жал, суперновите видливи со голо око се ретки. Меѓутоа, иако се ретки, НАСА постојано ги охрабрува граѓаните да ги „бараат“ на ноќното небо. Во 1987 година суперновата наречена 1987А била видлива во блиската галаксија наречена Голем Магеланов Облак, која се гледа само од јужната хемисфера.  Астрономите се уште внимателно го проучуваат експлозивниот бран на 1987А, кој се судира со меѓуѕвезден гас и прав.

Супернова 1987А.


Поволните ефекти на суперновите врз живиот свет на Земјата
.

Последиците од овие вселенски експлозии врз биосферата можат да се должат на електромагнетното зрачење, космичките зраци и радиоактивните изотопи, меѓутоа, постојат теории дека суперновите можат да предизвикаат и поволни ефекти врз еволуцијата на живиот свет. Имено, најдена е силна корелација меѓу фреквенцијата на блиските супернови со биолошката разноликост на морските животински видови. Истражувачите претпоставуваат дека ефектите од суперновите врз живиот свет биле индиректни, воглавно преку глобални промени на климата кои влијаеле врз успешноста на прилагодување на постоечките и појавата на нови видови организми. Интересно е тоа што е забележано дека геолошките периоди започнуваат и завршуваат со наглиот раст и опаѓање на фреквенцијата на супернови.

Илустрација на една од најсјајните и најенергичните експлозии на супернова досега.

Оттука, некои научници заклучуваат дека еволуцијата на живите организми ја рефлектира еволуцијата на нашата галаксија.Имено,неодамна се објавени истражувања кои имплицираат дека случувањето на супернова пред околу 7-8 милиони години предизвикала климатски промени и нагло зголемен пораст на фреквенцијата на громови кои предизвикале шумски пожари. Иститепредизвикале низа на ефекти, неколку милиони години подоцна идопринеле нашите човеколики предци (Homo habilis) да почнат да се движат на две нозе наместо на четири. Интересно е тоа што оваа теорија вели дека еволуцијата на човекот е поврзана токму со случувањето на супернова. Сепак, ваквите сознанија е неопходно да се потврдат и од други, независни истражувачи.


Користена литература:

  1. astronomy.pmf.ukim.mk/wp-content/uploads/2020/12/Astronomski-almanah-2020.pdf?fbclid=IwAR0t5OKWgrZ2S7YIXRTab5KcStcxWUSpbGod4cULJoA2rTO_2OzfY_5IoiA
  2. www.britannica.com/science/supernova
  3. www.researchgate.net/publication/303100483_Zemjata_i_Vselenata_Earth_Space
  4. spacecenter.org/what-is-a-supernova/
  5. spaceplace.nasa.gov/supernova/en/

Изработил: Филип Наумовски – студент на наставна географија на ИГ

Објавено од:

Од категорија: Вселена, На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*