Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести, На тема, Чудесна Македонија » Валог – Интересна геоморфолошка форма во релјефот на Македонија

Валог – Интересна геоморфолошка форма во релјефот на Македонија

30.03.2021

Во околината на кочанското село Бели во релјефот се јавува една интересна геоморфолошка форма, кај месното население позната под името Валог. Тоа е вдлабнатина во земјата која има стрмни страни но не е суводолица, ни дол, бидејки нема ни извор ни водотек, има рамно дно но не е речна ни езерска тераса. Во географската литература до сега не е забележена. Се поставува прашањето, што претставува Валогот, кога и како е настанат, имали стопанско значење, поготово што овде со исто име се јавуваат повеќе вакви валози. Така има  Белски Валог, Кочански Валог, Соколов Валог, Каракашки Валог, Димоски Валог, Мутоски Валог, Попов Валог и Утмански Валог. Имињата обично ги носат по сопствениците на нивите што ги имаат  или ги имале во тој валог. Некако најсочуван и со особена  маркантност во релјефот ќе го опишеме Димоскиот Валог.

Име,  местоположба и форма

Идејата да се напише овој труд дојде од името Валог. Работејки на преоектот за Глацијалните езера во Македонија, финансиран од Фондот за наука на СРМ, во осумдесетите години од минатиот век, го истражувавме и ледничкото Боговинско Езеро на Шар Планина. За него констатиравме дека е езеро настанато во ледената доба во Валов, а валовот бил формиран со ледничка ерозија во Дилувиумот кога Шар Планина била заглечерена. Израснат меѓу белските Валози, уште тогаш размислував за врската меѓу овие имиња Валов и Валог, заменета е само буквата в со буквата г. Споредувајки ги овие геоморфолошки творби се забележува дека има сличности по формата но и разлики во времето и начинот на постанок.

Димоскиот Валог претставува длабнатина во релјефот на земјата која е формирана меѓу три рида. На исток е Трипунски рид, на запад Средната Ридина и на север Падарнницата. На југ Валогот е отворен но само во високиот дел. Во нискиот дел источната страна на Средната Ридина и западната страна на Трипунски Рид скоро се соединуваат и ја затварат длабнатината. Валогот има рамно дно  кое е долго околу  500  и широко во средината оклу 300 метри. Покриено е со црвена земја. Се наооѓа на надморска височина од околу 500 метри. Во јужниот дел рамнината заршува со од народот таканаречен  Вист. Тоа е стрмно спуштање на рамнината преку целата ширина на Валогот во вид на праг висок околу 1 метар. Интересно е дека слични вакви вистови на истата надморска висина се забележуваат и во соседните валози Каракашкиот и Мутоскиот. Страните на Валогот се стрмни тешко совладливи, така што во него се влегува само од јужната страна. Длабнатината има издолжена форма и се протега во правец север југ во должина од околу еден километар. Во потполност личи на валов. И тој во средината, како и валовот  личи на  латинската буква U.

Името Валог е  старо, месното население вели од памтивека, вероватно како и соседната Гунтера, која e латински збор и на  македонски значи покриена земја, бидејки во основата е варовита, а е покриена со вулкански туф, така и Валовот е прилагоден на месниот говор во Валог.

Генеза и време на формирање

Во формирањето на Димоскиот Валог, а со тоа и на останатите наведени валози учествувале повеќе фактори. Меѓу нив како поважни ке ги наведеме: местоположбата и геолошкиот состав на земјиштето во кое се формирани, потоа присуството на вулкански ридови во околината и најважниот фактор долгото дејствување на абразивниот процес од страна на некогашното плиоцено Кочанско езеро.

Во геолошки поглед Димоскиот Валог е вдлабен помеѓу варовитиот Трипунски рид од исток, варовитата Средна Ридина од запад и на север Падарницата составена од кристалести шкирлци. Плиоцените варовници биле добра брана за абразивниот процес, додека таков случај не бил и со палеозојските шкрилци кога во плиоценот Кочанската Котлина била исполонета со познатото во науката Кочанско Езеро како дел од големото плиоцено Средновардарско Езеро. Преку езерските тераси е утврдено дека нивото на ова езеро достигнувало до 900 метри надморска височина. Во пошироката околина Валогот од југ е заграден со вулканските купи Сламерник, Алењак (524 м.н.в.)  и Драчевик , а од север, со исто така вулканска  купа Граотина (624 м.н.в.). Во вакви услови езерските бранови по пат на абразија имале одлични услови да дејствуваат и да го формираат валогот.

Према тоа Димоскиот Валог, од геоморфолошки аспект е фосилен абразивен релјеф, формиран од и во плиоценото Кочанско езеро со кое била исполнета Кочанската  котлина. Тој е многу постар од валовот на Боговинското Езеро, кој е формиран за време на ледената доба пред повеќе од 12.000 години, додека Димоскиот Валог е настанат  во плиоцениот период и е стар  повеќе од 5,5 милиони години.

Стопанско значење

Стопанското значење на Димоскиот Валог, а со тоа и на останатите валози во околната на Бели, доаѓа од нивните рамни дна, кои се исполнети со езерска глина која е многу погодна за развој на лозарството. Во минатото, се до Првата светска војна во сите валози се одгледувала виновата лоза. На споменатиот Трипунски Рид се славел Св.Трипун, денот на лозарите и лозјата. Старите кажуват дека грозје се берело по цел месец. Периодот од 1912 до 1920 година бил катастрофален за лозарството. Тогаш под налетот на лозовата болест филоксера, лозарството овде било потполно уништено. Меѓу двете светски војни во валозите главно се одгледувале индустриски култури како памук (бубаќ), тутун и афион. По 1970 година, кога од афионот е забрането слободно да се добива катран (морфиум), обработката на земјата во валозите се напушта и денес тие се запустени прелози. Во дел од Белскиот Валог има изградено куќи, а кочанскиот целиот е претворен во населба и таа така се вика Валог.

Литература:

  1. Д-р Душан Манаковиќ, Д-р Томе Андоновски, Д-р Милорад Стојановиќ, Д-р Александар Стојмилов: Толкувач за геоморфолошка карта на Република Македонија. Прородно-математички факултет, Институт за географија, Скопје 1998.
  2. Драган Колчаковски:  Геоморфолошка Терминологија. ПМФ, Скопје 2005.
  3. Василије Матиќ : Кочанска Котлина, физичко-географски испитивања, СГД, Београд 1950.
  4. Д-р Александар Стојмилов, Илинка Атанасова [и др]:  Бели , едно од најстарите села во кочанскиот крај. ТИНГ-Кочани 2013.


Автор:
д-р Александар Стојмилов, редовен професор на Институот за географија (во пензија)

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*