Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема, Чудесна Македонија » Моноспитовско Блато – последното типично мочуриште во Македонија

Моноспитовско Блато – последното типично мочуриште во Македонија

22.04.2021

Во подножјето на планината Беласица, на 16 km североисточно од градот Струмица се наоѓа Моноспитовското блато. Денешното Моноспитовско Блато е лоцирано во атарот на с. Моноспитово и зафаќа површина од околу 400 ha. Просечната надморска височина на блатото е околу 210 м.н.в., при што најниската точка е на 202 m н.в, а највисоката на 240 m н.в. Заедно со долините на реките Стара Река, Струма и Турија се разлива низ Струмичката Котлина. Се претпоставува дека блатото е остаток од некогашното големо езеро кое настанало пред 20 милиони години во време кога се формирало Егејското копно, а подоцна истекло кон Егејското Море.

Денешните реликтни флорни елементи сè уште егзистираат во самото Моноспитовското Блато, а особено во неговиот југоисточен крај на подножјето на планината Беласица. Тоа зборува дека генезата на овој блатен екосистем започнала во поодамнешната геолошка историја на оваа подрачје. Според Јован Цвијиќ, кој ја истражувал геоморфологијата на Македонија,  Моноспитовското блато го добило денешниот изглед кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Во својата долга и богата историја Моноспитовското блато претрпело големи промени. До 1947 година било искористувано преку лов и риболов, пасење стока по ливадите, користење на рогозот и трската за покривање на куќите и плетење кошници. Со мелиоративните зафати од 1947 до 1975 година биле спроведени интензивни мерки за негово исушување и добивање нови земјоделски површини, со што површината на блатото била намалена за повеќе од десет пати.

Иако површините се драстично намалени, денес Моноспитовското блато е природен музеј на отворено каде може да се сретнат реликтните видови, како што е кралскиот папрат (осмунда регалис), кој со одлука на Општина Струмица од 1987 година е прогласен за заштитен вид, бидејќи го има само тука. Покрај него, блатото изобилува со силикатни алги, ретки видови инсекти, барски птици и цицачи. Во Моноспитовското блато се регистрирани вкупно 112 видови птици, меѓу кои најзначајни се црниот штрк и малиот орел кликач.  Овој споменик на природата потсетува на мала џунгла во која сè уште се кријат уникатни растенија и животни кои ги нема на други простори на Балканот.

Со рачно изработени предмети од трска, дрво и платно, месното население од селото Моноспитово ги привлекува туристите да го посетат оваа област. Чајки од дрво (чамци за пловење во Моноспитовското блато), леси од шамак и трска, разни декоративни предмети од глина, трска и платно, се нудат на гостите, кога доаѓаат да уживаат во богатата флора и фауна на Моноспитовското блато. Моноспитовското блато ќе се ревитализира и во иднина треба да стане природно-научен музеј, со патна мрежа на платформа, посматрачници и ловџиски куќички.

Користена литература:

  1. opstinabosilovo.gov.mk
  2. Монографија подготвена од Македонско еколошко друштво, Скопје (2008): Моноспитовско блато, последното мочуриште во Македонијa (eprints.ugd.edu.mk), Струмица

Изработка и фотографии: Ивана Крстова – студент на наставна географија

Корекција: Бојана Алексова, Институт за географија

Оваа статија е прочитана 2007 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger