Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Внатрешното Море во Малта – лагуна и вртача

Внатрешното Море во Малта – лагуна и вртача

23.04.2021

Внатрешното Море (познато на малтешки јазик како Кавра) е лагуна и една од четирите вртачи што се наоѓаат во областа Двејра, Малта (на островот Гозо) и претставува најинтересна карактеристика во оваа област од геоморфолошка гледна точка.

Тунел долг 80 метри, познат како Гар тад Двејра го поврзува Внатрешното Море со отворено море, а механизмот на овој тунел е тесно поврзан со формирање на абразивни прозорци како што е сега срушениот Азурен Прозорец. Токму овој тунел може да ни помогне во разбирањето на една од првите фази што доведуваат до формирање на абразивни прозорци.

Имено, процесот на формирање на абразивни прозорци на крајбрежјето на Малта е овозможен од морска вода што протекува низ пукнатина во карпата и со моќта на брановите што ја зголемуваат пукнатината. Со текот на времето, карпата ослабува и паѓа, со што пукнатината станува поголема и поширока. Денес, таа пукнатина е тунел што го поврзува отвореното море со длабоката вртача, полнејќи ја со морска вода и создавајќи го Внатрешното море. Освен Внатрешното Море, Двејра е домаќин на уште три вртачи, и тоа: заливот Двејра, Бервин и помалата Сина дупка.

Причините за настанувањето на овие вртачи се различни. Водата од врнежите што се провлекува низ земјата може да раствори варовник, наталоженни соли или гипс (како во случајот на Двејра) под земјата со својата малку кисела pH вредност. Како што се формира пештера, тежината на „висечкиот таван“ на крајот попушта, оставајќи длабока, обично заоблена депресија во земјата. Депресијата што го содржи Внатрешното море има дијаметар од 300 до 400 метри и претставува најголема таква формација на Малта. Внатрешното море е создадено кога отвореното море навлегло во вртачата низ долгиот тунел (80 m), кој е природно издлабен низ карпата, и на тој начин формирајќи лагуна.

Користена литература:

  1. dwejra.weebly.com/geology.html
  2. www.guidememalta.com/en/the-inland-sea-the-what-how-why-of-this-fascinating-place-in-dwejra-gozo

Изработил: Стефан Спирковски – студент на наставна географија

Оваа статија е прочитана 1830 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger