Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, На тема, Чудесна Македонија » Како започна „приказната“ за Бислимска Клисура?

Како започна „приказната“ за Бислимска Клисура?

24.04.2021

Бислимска Клисура е кратка клисура (сатеска) на реката Пчиња, долга околу 6 km. Се наоѓа на околу 5-10 km јужно од градот Куманово, помеѓу месноста Искрин мост на север и с. Пчиња на југ. Последниве години, оваа клисура станa се попривлечна дестинација за посетителите, не само од Македонија, туку и од странство. За ваквиот зголемен интерес и посетеност, освен природните вредности, придонес имаат повеќемина ентузијасти, лица и институции. За жал, многу често (како што е и обичај кај нас) се заборава или намерно се премолчува како започна целиот процес. Уште помалку етички е што придонесот на оние што со години го вложувале своето време, здравје и труд во истражувањата и промоцијата на оваа клисура, се заборава и потиснува, намерно или не. Со тоа се прави долгорочна штета и на самиот локалитет, бидејќи се потценети и фрлени на страна резултатите од тие истражувања, кои покажаа на каков начин треба да се третира, управува и заштитува овој уникатен предел во Кумановско.

Како всушност започна приказната за Бислимска Клисура?

Уште од моето детство, имав голем интерес кон природата и природните науки, поради што во 1991 година се запишав на Природно-математичкиот факултет – Институт за географија. Љубовта кон геонауките особено ми беше поттикната од д-р Томе Андоновски, тогашен професор по геоморфологија (наука за релјефот) на Институтот за географија, преку бројните факултетски и вон-факултетски теренски активности. По една прошетка до Бислимска Клисура (по иницијатива на колешката Валентина Митевска) во 1994 година, и впечатокот кој го добив тогаш, решив мојата дипломска работа да биде токму за карстниот релјеф на овој простор. Истата беше под наслов „Геоморфолошки карактеристики на карстната оаза Бислимска Клисура“. За таа цел, во текот на 1995 година, изведов преку 20-тина теренски истражувања, со скицирања на сите површински и подземни карстни објекти, појави и процеси, провлекувајќи се низ најтесните, стрмни и на некои места мошне опасни подземни канали. Резултатот беше оригинална дипломска работа, која заедно со просекот на студиите, придонесе да бидам примен за асистент на Институтот за географија. Поради големиот интерес, уште во 2000 година, дипломската работа беше објавена онлајн.

Веднаш по дипломирањето, продолжив со истражувања на структурните елементи на релјефот во клисурата, која на некои места има скалесто-кањонест карактер, како и со анализа на десетина пештери, од кои неколку подолги од 50 m. Новите сознанија кои за прв пат беа објавени и во неколку научни трудови во 1998-1999 година (линк 1, линк 2) предизвикаа големо внимание со оглед на тоа што претходно немаше никакви податоци за овој простор (кој им беше познат само на ретките рибари).

Веќе во 1999 година се обративме до локалните телевизии (ТВ НОВА, ТВК и др.), со замолница да биде направена репортажа за Бислимска Клисура, со цел населението од градот Куманово да се запознае со преубавите предели со кои располага истата. Во таа смисла, беа и неколкуте настапи во емисијата Еко Журнал од 1997 до 2002 година. Освен атрактивноста на кањонот, при јавните настапи се укажа и на опасноста од евентуална деградација на пештерите, кои исто така, од моја страна за прв пат беа презентирани во јавноста. Сепак, се до 2012 година општината и градот не најдоа начин, ниту интерес да посветат поголемо внимание на оваа природна вредност, која заслужува посебен статус.

За среќа, состојбата значително се подобри по 2010 година, односно по претходно изработената „Стратегија за развој на туризмот во СИПР“, за чија изработка, во делот на природните гео-атракции, јас бев клучен експерт. Во овој документ, Бислимска Клисура за прв пат го доби заслуженото место, како значаен потенцијален туристички локалитет, со детален план на активности.

Во 2013 година, по моите повеќегодишни инсистирања, беше одобрено да изведам презентација пред тогашните структури на општина Куманово, за уникатните вредности и туристичкиот потенцијал на Бислимска Клисура. Споменатата презентација, освен што предизвика големо внимание, доведе до тоа поединци од локалната самоуправа и Центарот за развој на СИПР да се заложат за започнување на конкретни проектни активности поврзани со туристичко уредување на Бислимска Клисура.

Како резултат на моите напори за што поголема промоција на Бислимска Клисура, во периодот од 1995 до 2015 година, речиси секоја година организирав терени со студенти географи и други заинтересирани лица-авантуристи (вклучително и мои колеги, особено проф. д-р Благоја Маркоски). Во тој контекст, беше и теренската настава со студенти географи во 2013 година, заедно со повеќе одговорни лица од општина Куманово, кои за прв пат ги видоа убавините и можностите на овој уникатен карстен простор.

Веќе во 2014 година, поголем проектен тим ангажиран од БДС Консалтинг, а под моја стручна координација, изработи „Студија за валоризација на природни и културни потенцијали во Бислимска Клисура во функција на туристичкиот развој“ (линк). Во истиот период, преку проект поддржан од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на Република Македонија, преку Тримакс ДОО, а под мое стручно раководство и со поддршка од Општина Куманово, беа изработени (а потоа и поставени) 10 големи ГИС-базирани туристичко-информативни карти (табли). На тој начин, постепено почна да се промовира Бислим и да се зголемува интересот за негова посета. Меѓутоа, паралелно се зголемуваше моето стравување од поголема деградација на овој мошне осетлив карстен простор.

Познавајќи ги добро вредностите на Бислимска Клисура, како и неопходноста за нејзина заштита, во 2015 година, при изработката на Националната Стратегија за заштита на природата, како клучен експерт од геоморфологија, предложив истата да биде на листата за заштита. Така, Бислимска Клисура влезе како предлог за идно заштитено подрачје, во финалната верзија на Стратегијата, усвоена од Владата на РМ во 2017 година. Во таа смисла беа и заложбите, што поскоро овој простор да биде законски заштитен, бидејќи според моите познавања, претставува највреден природен локалитет со кој располага Кумановската Котлина. Мотивот беше и тоа што уште при првите истражувања, беа забележени бројни појави на деградација, уништување на разни релјефни форми, кршење на пештерскиот накит, убивање пештерските лилјаци и др.

Со постапката за отпочнување на законска заштита, согласно Законот за заштита на природата, требаше да се дефинира зона за одржливо користење (со максимално дозволени туристички активности и градби), потоа зона за активно управување и зона за строга заштита (со посебно вредните пештери и природни појави кои би биле заштитени за идните генерации). За жал, моите укажувања до локалните структури, дека покрај туристичкото активирање е неопходна и законска заштита на Бислим (што впрочем беше поддржано и од Секторот природа при МЖСПП), воопшто не беа земени во предвид. Напротив, во последните години беа изведени бројни градежно-технички активности за поставување на спортско-туристички содржини во клисурата. Од аспект на поголемо туристичко и економско искористување на клисурата, тоа е за поздравување, особено имајќи го во предвид фактот дека за заживување на Бислим е вложен голем напор и ентузијазам од поедини здруженија и институции.

Сепак, сите овие активности не требаше да се случат пред воопшто да се изврши валоризација или барем генерално зонирање на клисурата, со што би се заштитиле, истакнале и промовирале нејзините уникатности. Било какви бизнис интереси, не смеат да бидат на сметка на зачувување и заштита на овој (единствен од таков вид) геолокалитет во Североисточниот дел на Македонија.

Лично се надевам дека Бислимската Клисура и покрај сите „стихијни“ активности, во догледно време ќе биде заштитен простор со национално значење: локалитет каде што ќе можат да се видат бројни површински и подземни карстни форми, ретка и загрозена флора и фауна, како и да се разбере поновата геолошка историја на овој дел од планетата Земја. Сето тоа треба да остане за идните поколенија, за да уживаат во природниот дар на Кумановско, онака како што денес се восхитуваме ние.

На крај, морам да кажам дека како истражувач кој вложил огромен, децениски труд во истражување, промоција, презентација и заштита на вредностите на Бислимска Клисура, навистина сум разочаран од некои „локални фактори“ кои ги „заборавија“ вистинските познавачи на Бислим, како и моите препораки во поглед на иднината на овој уникатен локалитет. Уште повеќе сум разочаран што, како што тргнала работата, наместо споменик на природата од национален карактер, Бислим станува „забавен парк“. Игнорирањето на науката и знаењето, но и на националните документи со стратешко значење, надополнето со преземање на нестручни чекори на своја рака, најчесто е погубно по нашето природно наследство, а тоа пак, станува јасно видливо дури кога е веќе предоцна.

Автор: д-р Ивица Милевски*

*Авторот е клучен експерт од областа на геоморфологија (валоризација, ревалоризација, промоција и зачувување на геонаследството) во преку 50 домашни и меѓународни проекти, вклучувајќи ги НП Шар Планина, ЗП Осоговски Планини, ЗП Малешево, СП Куклица, СП Маркови Кули, НП Пелистер, НП Галичица, СПР Тиквеш, СП Матка, потенцијален геопарк Кратово-Злетово, СП Вевчански извори и бројни други.

Оваа статија е прочитана 946 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger