Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема, По Светот » Зошто Истанбул го нарекуваат „главен град на светот“?

Зошто Истанбул го нарекуваат „главен град на светот“?

03.05.2021

Истанбул се наоѓа на северозападниот дел во Турција. Градот го опфаќа јужниот дел на Босфор, на границата помеѓу заливот Златен Рог и Мраморно Море, во северозападниот дел на земјата. Истанбул е единствениот  град  на два континента, кој се наоѓа на крстопатот на Европа и Азија. Овој град е престолнина која остава без здив, без разлика дали зборуваме за историјата, бројните занимливости и активности, со сите мириси и вкусови кои овој град ги пружа. Западниот дел од градот се наоѓа во Европа, а источниот во Азија. Двата дела се раздвоени со протокот Босфор кој ги поврзува Црно и Мраморно Море и е важен пловен коридор од извонредно геостратешко значење.

Факти за Истанбул – градот на два континенти или т.н. „главен град на светот“

  1. Истанбул е единствен град на светот кој се наоѓа на два континента, европски (Тракија) и азиски односно Анадолија.
  2. „Главниот град на светот“ (антички: Byzantium) е основан на Седум брда како Рим.
  3. Сината џамија е единствена џамија во Истанбул со шест минариња. 
  4. Една од најпосетените атракции во Истанбул е црквата Aја Софија, која е изградена за само пет години. 10000 работници работеле на нејзина изградба во периодот помеѓу 532 и 537 година. За изградбата на црквата било искористено едно од седумте светски чуда, односно напуштениот и уништен храм на Артемида од Ефес. Султанот Мехмед Втори ги заштитил христијанските мозаици.
  5. Тунелот Евроазија кој поминува низ градот Истанбул е изграден под протокот Босфор, кој ги поврзува Европа и Азија. Тунелот бил официјално отворен во 2016 година. Тунелот ги поврзува Кумкапи на европскиот дел со Кадиќој на азискиот дел од Истанбул со пат од 14,6 km. Го пресекува протокот Босфор под морското дно на максимална длабочина од -106 метри. Патувањето меѓу двата континента трае околу 15 минути. Освен тоа, благодарение на современата технологија и методи, тунелот е изграден на таков начин што се претпоставува дека на него нема да имаат влијание природни непогоди како земјотреси и цунами.
  6. Капали Чаршија е најголемата затворена чаршија на светот со повеќе од 3000 продавници.
  7. На 28 октомври 2018 година во Истанбул се отвори најголемниот аеродром во светот. Првиот лет беше со авион од авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс” (Turkish Airlines).  Аеродромот е изграден на вкупна површина од 76,5 милиони метри квадратни, а другите фази би требало да бидат завршени до 2023 година. Предвидено е аеродромот да содржи шест одвоени писти, да има капацитет за 500 авиони, паркинг од отворен и затворен тип со капацитет од 70.000 возила и годишно ќе опслужува околу 200 милиони патници.
  8. Четирите бронзени коњи кои денеска ја красат катедралата Сан Марко во Венеција, се одземени од Истанбул (некогашен Константинопол) од крстоносците во 13-от век.
  9. На дневно ниво се собираат околу 16 тони ѓубре од општината.
  10. Агата Кристи својот познат роман „Убиството во Ориент Експрес“ го напишала во хотелот Пера Палас во Истанбул, откако самата била патник во тој воз кој сообраќал од Париз до Истанбул.
  11. Подземната линија, претходник на метрото во Истанбул е една од најстарите во светот, која постои од 1875 година. Постари се само метрото во Лондон (1863) и во Њујорк (1868). Се работи само за една линија која поврзува два плоштада и има само две станици и го носи името „Тунел“.
  12. Во историјата, Истанбул бил главен град на неколку империи, и тоа на: Римската Империја, Византиската Империја и Отоманската Империја. А во денешно време, Анкара е главен град на Турција.
  13. Истанбул зафаќа површина речиси колку државата Белгија, со речиси еднаков број население.
  14. Познатата парола „почвата и карпите во Истанбул се златни“ од 50-те години на 20.век донела огромен број на луѓе од селата во овој магичен град. Поради тоа Јапонците во тој период за да го земат ова злато предложиле, односно посакале бесплатно да го исчистат Халич, Златниот Рог.
  15. Истанбул е град во кој често (секојдневно) има сообраќајен метеж.

Ова се само мал дел од фактите според кои оправдано Истанбул го носи епитетот „главен град на светот“. Имено, Истанбул е посетуван од многубројни туристи од разни делови од светот, па така и од нашата држава. Секако, заслужува секој од нас да го посети, бидејќи има што да понуди во однос на туристички поглед.

Користена литература:

  1. https://www.trt.net.tr/makedonski/proghrami/2020/02/05/dali-znaietie-dieka-istanbul-ie-iedniot-od-najstaritie-ghradovi-vo-svietot-1353610
  2. https://gotravel.com.mk/zoshto-istanbul-e-tolku-poseben/
  3. http://www.aljazeera.com.tr/haber/avrasya-tuneli-acildi

 

Изработила: Мелехат Ејуп – студент на наставна географија

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија

Оваа статија е прочитана 591 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger