Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија » Езерото Водоча – синото око на Струмица

Езерото Водоча – синото око на Струмица

14.05.2021

Езерото Водоча се наоѓа во непосредна близина на градот Струмица, со координати 41°25’1″N, 22°33’23″E, на околу 7 km западно од градот. Претставува акумулационо езеро кое е изградено во 1966 година со цел да снабдува со вода дел од Струмичката котлина. Се наоѓа на сливот на реката Водочница. Со површина од 1,9 km² и длабочина од 42 метри, езерото Водоча претставува едно од поголемите акумулации во источниот дел на Македонија, заедно со езерата Гратче и Мантово.

Подрачјето каде што е сместена акумулацијата Водоча, е под влијание на субмедитеранска клима од Егејското Море, со поголемо или помало вкрстосување со континентална клима, со долги топли лета и високи среднодневни температури, намалено годишно количество на врнежи, и намалена зимска температура. Просечната годишна температура на воздухот е 13.1°С, со највисоки просечни месечни температури во јули од 23.9°С и најниски просечни месечни температури во јануари од 1.7°С. Годишниот просек на водениот талог за ова подрачје изнесува 604 mm со максимум во есен и во пролет од април до мај, додека долготрајните суши се ретка појава, со околу 2%.

Брегот на езерото е обраснат со борова шума и нуди можност за пикник и рекреација. Во мала количина е застапен и риболовот кој е се јавува како вид на рекрација бидејќи подрачјето е заштитено од ловење. Воглавно како заштитени риби се оние кои надминуваат големина од 20 cm со цел да се зачува биодиверзитетот во ова езеро.

Потекло на името Водоча

Езерото Водоча името го добило по истоименото село во кое се наоѓа. Според  легендата, за време на битката на Беласица која ја водел Цар Самуил, дошло до насилно ослепување на војниците. Се смета дека тој настан се случил токму во ова село, по што произлегло и името од двата збора: „вади очи“. Сепак, научните толкувања кои се повикуваат и на пишаните историски извори каде се среќава името Водица, сметаат дека името на селото Водоча е изведено од апелативот вода со додавката -оча. Природните одлики на теренот со големо присуство на вода од истомената река во областа, како и историските потврди за ослепувањето во познатата битка на Беласица, даваат основа за поткрепа и на двете претпоставки за настанокот и значењето на името на Водоча.

Иако туристички не е многу познато, езерото Водоча е една од поатрактивните дестинации за посета во Струмичката котлина. Како такво, најпогодно е да се посетува во периодот од мај до септември, т.е. во летниот период. Поради своето широко околно пространство, езерото Водоча ќе ве воодушеви со прекрасните пејзажи. Исто така, за големите љубители на природата и авантуристите, околината на ова езеро нуди простор за прошетка, пикник или пак место за кампување.

Зајдисонце на eзерото Водоча

Користена литература:

  1. strumicadenes.mk/kultura/fotogalerija-ezeroto-vodocha-zaboraven-biser-vo-istokot/
  2. www.ribar.com.mk/index.php/ezera/item/588-vodocha
  3. wikimapia.org/6411985/mk/%D0%95%D0%B7%D0%B5%D1%80%D0%BE-%D0%92%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D1%87%D0%B0

Изработила: Ивана Крстова – студент на наставна географија

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија

Оваа статија е прочитана 1426 пати!

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger