Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести, На тема, Отворено..., По Светот » Мистеријата за пирамидите во Гиза

Мистеријата за пирамидите во Гиза

17.06.2021

Мистеријата отсекогаш не фасцинирала и ни давала некој мотив се повеќе да ја истражуваме нашата Земја. Токму таа мистерија е карактеристична и за пирамидите во Гиза. Градот Гиза, се наоѓа во северниот регион на Египет, на западниот брег на реката Нил. Претставува трет по големина египетски град, зад Каиро и Александрија, а неговата стратешка локација во близина на некогашната, античка престолнина на Мемфис, го направи важен град низ египетската историја.

Комплексот на мистериозните пирамиди во Гиза се наоѓа на источните периферии на градот. Оваа локација е дом на вкупно девет пирамиди, антички гробници на кралеви чувани од спокоената Сфинга. Можеби една од најинтересните факти за Големата пирамида во Гиза е дека таа е најстаро и последно светско чудо (а ги има вкупно седум). Оваа пирамида е исто така најстара, како и најголема од деветте во некрополата Гиза, а воедно е последното почивалиште на кралот Куфу, кој бил антички египетски монарх и втор фараон на Четвртата династија, во првата половина во период на Старото кралство. Пирамидата била завршена со изградба во 2560 година п.н.е. и се градела околу 20 години.

Втората највисока пирамида која е позната како Пирамида на Кафре, била завршена со изградба во 2570 година п.н.е. само 10 години по Големата пирамида. Таа била наменета за синот на кралот Куфу, додека третата пирамида, која е најмала од трите пирамиди, позната е како Пирамидата на Менкаур и претставува последното почивалиште на внукот на кралот Куфу.

Всушност, главната мистерија за овие светски чуда е нивното настанување. Голем број на египтолози сѐ уште не се сигурни како се изградени пирамидите, но најмногу се верува во теоријата дека египетскиот народ помогнал во нивна изградба како чин на државната служба. Откривањето на едно село лоцирано во близина на пирамидите ги натерало самите археолози и египтолози да веруваат дека околу 20000 Египќани работеле на нивна изградба. Импресивен факт за Големата пирамида е дека секој варовнички блок кој е користен за нејзина изградба тежел два тона, што е приближно иста тежина колку еден џип. Па затоа, како точно локалното население успеало да ги подигне тие камења и да формира совршена пирамида останува мистерија која можеби никогаш нема да биде разјаснета.

Уште поголема мистерија има и во внатрешноста на самите пирамиди, каде што можеби има неоткриени простории, кои можеби би ни ја кажале вистината за овие светски чуда. Во самата пирамида, се наоѓаат три комори, една главна комора која служи за потпора на пирамидата и две горни комори кои се познати како комора за кралот и комора за кралицата. При самите простории биле откриени тунели кои се протегаат до јужните и северните ѕидови. Со текот на годините, се размислувало дека овие тунели водат кон некои други простории кои можат да ни помогнат при откривање на мистериите за пирамидите. Па така, со модерна технологија утврдено е дека тунелите во кралската комора водат кон надворешноста на пирамидата. Ова довело до верување дека овие отвори служеле за да и овозможат на душата на кралот да патува кон ѕвездите на северното и јужното небо. Мистеријата за овие тунели всушност била кај комората на кралицата, па поради тоа биле испратени камери со далечинско управување, каде што се видело дека тунелите се блокирани со мали камени врати. Неодамна, со помош на робот била издлабена дупка во самата врата, што довело до откритие на нова мала просторија. Најновото истражување на комората било направено од страна на новоразвиена роботска камера која успеала да влезе во просторијата и да открие над 4000 хиероглифи, исцртани со црвена боја и резби во камен. Ова откритие ни дава заклучок дека тунелот има симболично значење и тој може да биде клучот за откривање на мистеријата или пак за започнување на друга.

Главното прашање за овие светски чуда, е можеби зошто всушност биле изградени?

Според многу верувања, овие огромни конструкции биле изградени како гробници за фараоните и нивните кралици, со цел да им се заштитат нивните тела и да им помогнат при ниното патување до вечниот живот. Од самото раѓање, античките Еѓипќани си ја планирале својата смрт, па така за фараоните идеално место биле пирамидите за да ги чуваат нивните најскапоцени материјални добра. Погребот се сметал за многу важен настан, процес кој бил поврзан со изгревањето и заоѓањето на сонцето. Смртта на фараонот претставувало заоѓањето на сонцето, додека неговиот син, идниот фараон, било изгревањето. Па, поради оваа причина, фараонот морал да биде вечно заштитен во смртта, со цел да би се избегнало било какво нарушување. Овој процес бил постигнат со мумификација каде што телата на починатите фараони биле балсамирани и завиткани во тенки ленти од лен. Телото, потоа било ставено во саркофаг, кој бил ставен длабоко во пирамидата, заедно со храна, облека, мебел и други луксузни материјали. Но, сепак во самите пирамиди никогаш не биле пронајдени тела, денес тие се целосно празни и за разлика од другите египетски гробници, ѕидовите се исто така празни и не содржат никакви описи, хиероглифи или пак имиња на фараоните што е многу невообичаено, освен при тајните тунели.

Па, со оглед на овие карактеристики, можеби пирамидите не биле изградени за оваа цел? Можеби постои некоја друга причина за нивно постоење? Причина која можеби би ни ја објаснила и нивната прецизност што се користела при градењето.

Неминовно е да се напомене дека многу луѓе веруваат во некои теории дека можеби сепак вонземски цивилизации ги изградиле овие мошне спектакуларни пирамиди. Но, како и да е, пирамидите продолжуваат да ги маѓепсуваат луѓето со својата мистериозност и убавина, поради што ниту едно патување во Египет не е комплетно без времето поминато во една од најпрепознатливите туристички атракции во светот. Во која теорија ќе верувате вие, оставаме на вас.

Користена литература:

  1. https://en.wikipedia.org/wiki/Great_Pyramid_of_Giza
  2. https://en.wikipedia.org/wiki/Giza
  3. https://www.planetware.com/tourist-attractions-/pyramids-of-giza-egy-giza-giza.html
  4. https://www.mywanderlust.pl/visiting-pyramids-giza/

Изработила: Ведра Стојановска – студент на ГИС – Институт за географија

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, На тема, Отворено..., По Светот · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*