Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија » Топ 10 атрактивни домашни дестинации за ова лето

Топ 10 атрактивни домашни дестинации за ова лето

24.06.2021

Иако летото е годишно време кое асоцира на море, сепак Македонија е земја која располага со голем број туристички атракции кои изобилуваат со извонредна „летна убавина“. Далеку од градската гужва и вообичаените летни дестинации, во прилог се издвоени 10 атракции во Македонија, кои со својата уникатност пленат со својата убавина и се прикладни места за да „избегате“ од летните горештини.

1.Трпејца

Трпејца е село сместено на брегот на Охридското Езеро и е старо повеќе од околу десет векови. Претставува мало село со голем ентузијазам, меѓу Охридско Езеро и планината Галичица, со бисерни брегови и  проѕирна вода. Има повеќе легенди кои говорат за Трпејца. Една од легендите вели дека името доаѓа од зборот „трпеза“, затоа што некогаш посетителите кои оделе на пат кон  манастирот Свети Наум застанувале во селото и во чест на многуте монаси што живееле аскетски живот поставувале трпеза. Трпејца располага со „посебен“ туризам кое поседува помали плажи и мирна вода која во текот на целото лето е погодна за капење. Трпејца или македонскиот Сен Тропе е една од дестинациите кои секоја година привлекуваат се поголем број на туристи.

2. Планината Кожув

Планинскиот масив Кожуф се простира на јужната граница на Македонија, па поради близината со Егејското Море, климата е контитнентално-медитеранска и затоа е идеална за кој било ден од годината. Оваа планина најмногу е посетувана во текот на зимата, токму заради своите високи снежни пејсажи, меѓутоа доколу ја посетите во текот на летото, ќе имате прилика да вдишете чист планински воздух, во кој се насетува недалечното Егејско море. Кожуф е идеален за планински велосипедизам, јавање коњи, параглајдинг, пешачење, лов и риболов, како и за кајак на реката Точинца. Во близина е и рудникот Алшар кој како резултат на вулканската активност во минатото поседува ретки минерали на неговата западна страна. Рудникот Алшар е познат во светски рамки по појава на талиум, а посебно минералот лорандит – еден од најретките минерали во светот. Посетете го Кожуф и уживајте во природните убавини кои ги нуди оваа планина.

3. Беровско Езеро

Беровско Езеро е вештачко езеро кое се наоѓа на околу 6 km од градот Берово. Најпогодно за посета е во периодот јули – август, односно кога температурите се највисоки. Поради самата местоположба, ова езеро нуди неверојатна рекреација која ќе ве принуди да го посетите уште еднаш. Во околината на езерото има викендички кои најчесто се изнајмуваат, па така ќе можете да уживате што подолго во глетката која ја има само овде. Постои и трансверзална патека која го спојува најјужниот и најсеверенниот дел на Малешевијата. Истата претставува предизвик за најголемите ентузијасти и е со должина од 45 km и висинска разлика од 730 метри. Свежиот воздух во лето и мноштвото листопадни шуми го опколуваат езерото кое претставува недопрена природа.

4. Високите врвови на Кораб и водопадот Пројфел

Највисоката планина во Македонија, Кораб или уште нарекувана алпска планина, се простира на границата со Албанија во западниот дел на Македонија. Доколку сте љубител за освојување на планинските врвови, неизбежно е да не ја посетите оваа планина. Со своите 2.764 m н.в Кораб го има највисокиот водопад во Македонија, но и на целиот Балкански простор. Корабски водопад или познат како Пројфел се наоѓа во горниот тек на Длабока Река и како таков има височина од 70 до 140 метри во зависност од сезоната и водостојот на изворот. Карактеристично е тоа што водопадот може да се види јасно од далечина само во пролетните месеци и во почетокот на летото, а зимно време е често замрзнат.

5. Езерото Младост

Во централниот дел на Македонија, во непосредна близина на селото Отовица и патот Велес-Скопје, на реката Отовица е изградена брана позната како Велешко Езеро или езерото Младост. Езерото е сместено на 11 km од градот Велес и до него се стигнува преку регионалниот пат Р-1102 (Скопје-Велес). Во околината на езерото има неколку ресторани кои најчесто служат риба. Истите нудат и сместувања кои имаат неодолива глетка кон езерото во утринските часови. Во текот на минатата година беше уредена мала плажа која се повеќе привлекува странски туристи. Направена е и патека која го заобиколува едниот дел од езерото со што се добива подобра панорама.

6. Езерото Гратче

Планина и езеро, водопади и река, археолошко наоѓалиште, но и урбанизиран дел, каде што може да се преноќи, но и да се вкусат разновидни специјалитети. Дивата природа изгледа како да е илјадници километри оддалечена од цивилизацијата, а всушност сето ова е на дофат на дланка, на само 5-6 km од секојдневниот градски живот. Станува збор за Гратче, мало вештачко езерце, вгнездено во подножјето на Осоговието, во клисурата на Кочанска Река, на помалку од десет минути возење од Кочани. Дотаму може да се стигне и пеш, бидејќи од градот е направена пешачка патека покрај самата река, погодна за рекреативци, лица од различна возраст и за мали деца.

Во истоименото место се наоѓаат и Кочанските (антропогени) водопади како и клисурата на Кочанска Река.

7. Водопади на реката Бабуна

Водопадите на реката Бабуна на планината Јакупица се уште една од низата неверојатни атракции која не смее да биде непосетена ова лето од сите вљубеници на природата. Воедно, водопадите територијално припаѓаат на Општина Чашка. Иако долго време не била пропагирана нивната атрактивност, тие денес се достапни за сите ентузијасти и туристи. Всушност, може да се каже дека тоа што човекот долго време не го посетувал ова место е предност за природата. Недопрената природа со години ја зачувала оваа убавина онаква каква што била отсекогаш. До водопадите се изградени пешачки патеки кои ги всекуваат реките со малечки мовчиња, патокази, дрвени колиби и клупи за посетителите, така што многу лесно може да се дојде до оваа неверојатна атракција која ја нуди планината Јакупица.

8. Мермерно езеро – Прилеп

Во близина на селото Беловодица, близу градот Прилеп се наоѓа Мермерното Езеро. На локацијата се вршело ископ на мермер се додека при ископот не се стигнало до извор на природна вода која го запрела процесот. Додека престојувате на ова место се чувствува пријатен и смирувачки мирис на мермер. Мермерното езеро е дефинитивно предел каде природата и вели стоп на човечката рака. Стотици посетители секој ден тука наоѓаат спас од летните горештини. Поради атрактивниот предел каде што е сместено во мермерни блокови, езерото го добива името – Мермерно езеро или Прилепско Памук Кале.

9. Адреналинскиот мост Кожле

Ако сте авантурист и сакате да уживаме во адреналин, тогаш една од дестинациите за посета е мостот Кожле во близина на градот Скопје. Мостот го спојува селото Кожле со автопатот „Пријателство“, а се наоѓа помеѓу Скопје и Велес. Мостот е изграден со дрвен под и е оптегнат на челични сајли, па потребно е стабилно чекорење по него, бидејќи се ниша на секое движење. Самиот поглед кон мостот дава посебно чувство на адреналин и загарантирана забава додека поминувате, па така уникатното доживување овде е загарантирано. Исто така е познат и како Стојанов мост, бидејќи е изграден во 2012 година од страна на Стојан Трајановски со фамилијата, од село Инџиково.

10. Заливот на коските – Охрид

Заливот на Коските е залив во Охридско Езеро, а воедно и археолошки локалитет на праисториска населба на полуостровот и автокампот Градиште. Она што е интересно тука е начинот на изградба на колибите кои се поставувале на издигната платформа изградена над дрвени колци. Потребата од ваков тип на колиби било најчесто за заштита од брановите и копнените животни. Како и да е, оваа подводна археологија секако вреди да се посети која ни нуди убав реален приказ за жителите од праисториските општества, а воедно и да не запознае со нивниот начин на живот кој заслужува да се спознае и да се зачува за идните генерации.

Користена литература:

  1. https://macedonia-timeless.com/
  2. https://macedonia-postcards.blogspot.com/
  3. http://www.istrazijamakedonija.com.mk/storii.aspx?id=15
  4. http://www.ribar.com.mk/
  5. https://kocani.gov.mk/
  6. https://marh.mk/

Изработила: Ивана Крстова – студент на наставна географија-ПМФ

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија-ПМФ

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, На тема, Чудесна Македонија · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*