Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог, Географски вести, На тема » Село Богомила – оаза на недопрена природа!

Село Богомила – оаза на недопрена природа!

27.07.2021

Меѓу селските населби кои пленaт со својата местоположба, селото Богомила изобилува со вистинска природна убавина. Поставено помеѓу високите планини, од двете страни на реката Бабуна, свиена како во гнездо, Богомила е парче недопрена природа. Привлечно место за сите оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж, џаорот и нечистата животна средина. Поседува разновидни атракции кои можат на еден посетител да му приредат пријатен и незаборавен престој. Има содржини за сечиј вкус, за семејни луѓе, за авантуристи, гурмани, верски поклоненици, истражувачи, патеписци. Село Богомила се наоѓа во областа Азот, на територијата на Општина Чашка, во горното сливно подрачје на реката Бабуна, односно покрај нејзините брегови, на надморска височина од 510 m. Во релјефен поглед е лоцирана помеѓу планините Јакупица, Даутица и Бабуна, во северозападниот дел од Богомилско Поле.

Од Велес, селото е оддалечено 46 km, а од Прилеп 48 km. Низ него минува железничката пруга од Скопје кон Битола, Од двата града, до Богомила се стигнува со воз, потоа по регионален пат од Велес, а од поново време со патничко возило може да се стигне и од Прилеп. Од Скопје се пристигнува за околу два часа. На тој начин сообраќајно е лесно достапно и поволно за туристичка посета. Солидната сообраќајна мрежа се протега низ селото и околните селски населби и ги нагласува поволностите за туристичка посета.

Селото Богомила е опкружено со пошумени планиски страни, има пријатна микро клима и поради тоа се нарекува воздушна бања на овие простори. Бистрите, брзи, студени води на река Бабуна само го надополнуваат амбиентот. Шумите на околните планински страни предизвикуваат свежина во воздухот, убавина за очи и асоцираат на чистота, на недопрена природа. Богомила  е одлично решение за викенд предлог. Во летниот период при посетата може да се избере речно капење во студените води на „Тасески вир“. За излет се поволни околните ливади со дабови сенки во непосредна близина на селото. Просторот нуди услови за лов и риболов. За да се искуси вистинската убавина на ова поднебје пожелно е да се посети изворот и водопадите на река Бабуна. Патот води од село Нежилово. На посетителите им се потребни 3 до 4 часа одење пеш за стигнат до изворот. Се оди по широк земјен пат од кој по околу 6 кm се дели убаво уредена тесна планинарска патека. Патеката е обезбедена и добра за движење во летен и сув период. Патот води паралелно со реката и се извишува до над 1300 m надморска височина. На околу стотина метри под изворите се наоѓа водопад висок десетина метри.

На враќање од посетата може да се користи  хотелското сместување во рибникот Нежилово. Објектот располага со 16 соби, 65 кревети, два апартмани, сала за семинари за сто посетители, рибен ресторан и отворен базен. На самиот влез на селото ќе ве пречека „Ѕидан мост, споменик од римскиот период. Од римскиот период може да се префрлите во средниот век. Сиот крај изобилува со спомени, приказни за попот Богомил, основачот на богомилското движење појавено во десетиот век. Богомилите го добиле името според основачот на движењето попот Богомил. Така се нарекувале  затоа што сметале дека му биле мили на Бога, што значи Богомили.

Планината Бабуна и реката Бабуна исто така се поврзуваат со богомилите, бидејќи тие биле познати и под името бабуни. Богомилите биле прогонувани и од државата и од црквата, па затоа се собирале и се криеле  во пештерите кај село Нежилово. Се уште може да се почувствува гордоста дека тука пред многу века се создало движење кое се распространило до Босна, Франција, Италија и Мала Азија. Импресиониран од „пламените проповеди на таквија лугје“, богомилите биле предмет на интерес и на Коста Апостолов Солев Рацин, па за богомилите ќе ги остави и статиите „Богомилите, кратка расправиа от историата македонска“ од 1939 година, „Селското движење на богомилите во Средниот век“ од 1939 година и „Драговитските богомили“ објавена постхумно.

Но, посебноста на овој народ не е само по ова. Целата област се нарекува Азот, од арапскиот збор Хас или Хасот донесен од Османлиите, со значење на тешко пристапен или одметнат предел. Оттаму потекнуваат и зборовите асии и азбии за луѓе кои се бунтовници. Средновековното име на оваа област било Бабуна, кое е забележано во пишаните извори од 1335 година. Жителите на областа Азот се нарекуваат Ашани или Бабунци, препознатливи по своите етно-културни црти, бунтовни, поинакви, препознатливи. За да патувањето низ историјата биде комплетно се навраќаме на Петар Поп Арсов (1868-1941), кој се родил и израснал во село Богомила. Филолог, учител, револуционер и основоположник на Младата македонска книжевна дружина, а во 1893 година и еден од основоположниците на МРО во Солун.. Воедно публицист и редактор на весникот „Лоза“  Во спомен на неговото дело во селото постои и спомен куќа.

Низ историјата Богомила е горда и на Богомилскиот поход како дел од познатиот Февруарски поход во НОБ. Во Богомила има две цркви, повеќе манастири и свети води. Првата е Горна Црква. За нејзината изградба нема точни податоци, но се смета дека потекнува од XIII век. Црквата е посветена на Св. Илија Чудотворец. Втората, Долна Црква, изградена е во 1837 година и посветена е на Св. Атанасиј. Покрај овие две цркви, во Богомила се наоѓа и манастирот Манастир Св. Спас, кој особено е значаен како туристички објект. Се наоѓа на надморска височина од 550 m. Изграден е во 1996 година. Покрај манастирот, изградени се и конаци опремени за сместување на посетителите. Од 2014 година во организација на ЗГ Велес Бајкинг се одржува Outdoor Festival АЗОТ  мтб Предизвик. Централни активности како и изминатите години беа двете патеки за планински велсипедизам, а од 2018 година настанот се проширил во Outdoor Festival со активности за планинарење, планинско трчање и алпинизам (на месноста Нежилови Карпи). Ова е одлична можност за туристичка промоција на просторот за сите љубители на авантуристички, „адреналински“ туризам.

Литература:

  1. Трифуноски, Ф. Јован (1968): Област Бабуне и Тополке, Скопје.
  2. Коцо, Димче(1996): Археолошка карта на Република Македонија, Скопје: МАНУ. ISB9789989101069
  3. https://velesbiking.mk/


Изработила:
Марија Тошевска, студент на туризам на Институтот за географија – ПМФ

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија

 

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, Географски вести, На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*