Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема, По Светот » Ладога – најголемото слатководно езеро во Европа

Ладога – најголемото слатководно езеро во Европа

28.07.2021

Езерото Ладога е најголемото слатководно езеро во Европа. Се наоѓа во регионот Карелија, северозападниот дел на Русија, источно од Балтичкото Море, на само 40 km источно од Санкт Петерсбург во близина на границата со Финска. Се протега помеѓу 40 и 65° северна географска ширина. Зафаќа површина од 17675 km2 (без островите) или споредбено значи дека зафаќа скоро 69% од територијата на Македонија (25713 km2). Се наоѓа на надморска височина од само 5 m. Има издолжен облик во должина од 219 km, ширина 82 km и просечна длабочина од 51 m. Најголема длабочина (230 метри) е забележана во точката западно од островот Валаам. Низ езерото Ладога и главните реки на сливот на езерото поминува водниот пат Волга-Балтик (река Нева-езерото Ладога-река Свир-езерото Онего). Вкупната должина на водниот пат на Волга-Балтик од Санкт Петерсбург до Череповец е 845 km.

Езерото Ладога е значајно воглавно како транзитен воден пат, со релативно мал удел во товарниот сообраќај што потекнува или пристигнува во езерските пристаништа. Околу 70%  од товарните движења се состојат од дрва и градежни материјали, јаглен, руди, нафтени производи и челик. Вкупниот товарен сообраќај е околу 8 милиони тони во зависност од насоката на сообраќајот. Превозот е овозможен без потреба од претовар, до соодветни дестинации во Русија, Финска, Германија и останати земји. Во патничкиот сообраќај езерото има значајна улога (70 до 80 %), главно заради туристички екскурзии од блискиот Сант Петерсбур. Oколу 77.000 патници годишно патуваат на езерото Ладога: 40.000 во правец Волга-Балтичко Море и 37.000 во обратна насока. До дестинациите на езерото може да се дојде преку сувоземен патнички и железнички сообраќај, како и преку аеродромите во областа кои ги има околу 40-тина.

Природно-географски особености на езерото Ладога

Езерскиот басен е создаден под влијание на глечерите. Северниот, североисточениот и северозападниот брег се карпести со длабоки тесни заливи (слично како норвешките фјордови, но во помали димензии), карпи од гранит и гнајс се издигнуваат над езерската вода, а островите се прекриени со борова шума. Езерото има приближно 660 острови со вкупна површина од 456 km2. Повеќе од петстотини острови се наоѓаат во северниот дел, во областа Шкери. Најголеми од нив се Ријекалан – Сари (55,3 km2), Мантинсари (39,4 km2), Килпола 31,1 km2) Тулолансари (30,3 km2) и Валаам (27,8 km2). Источното крајбрежје е порамно од северното. Јужните брегови, кои имаат многу песочни и карпести плажи, главно се ниски, повлечени и пошумени со врби и евли. Во истиот простор евидентни се простори со борова шума.   Климата тука е под влијание на Атлантикот. Самото езеро, исто така, дава значителен ефект врз климатските услови во околината. Средната температура на воздухот во јануари се движи од -8 до -10°C, во јули околу 16°C. Годишните врнежи изнесуваат 650 mm. Доминираат југозападни и западни ветрови во текот на целата година. Тивко и мирно време е исклучително ретко. Понекогаш ветровите се бурни. Во басенот на езерото околу 85% од приливот на вода се должи на притоките, 13% на врнежите, а 2% потекнуваат од подземните води. Поголеми притоки се Волкхов, Свир и Вуокса. 35 реки се влеваат во езерото, а само една истекува во неговиот југозападен дел. Поточно, езерото Ладога, одвоено од Балтичко Море со Карелијскиот Залив, се испушта во Финскиот Залив преку реката Нева, која тече на запад кон и низ Санкт Петерсбург. Водата од езерото служи за водоснабдување на градот Санкт Петерсбург. Нивото на езерската вода е највисоко во јуни и јули, а најниско во декември и јануари, со просечна годишна осцилација на водата од околу 0,8 метри и апсолутна максимална варијација од 3 метри. Неговата максимална длабочина е 230 метри (за споредба, просечната длабочина на Балтичко Море е 180 метри). Опасните бури се вообичаени и имаат бранови кои достигнуваат висина до шест метри.

Заради големата површина и морфологијата на езерското дно, има значителна хоризонтална и вертикална хетерогеност на температурата на езерото во сите сезони, освен периодот кога замрзнува. Замрзнувањето на езерото обично започнува во ноември. Ледената покривка трае од ноември до мај (172 ± 3 дена). Во средината на февруари, езерото е покриено комплетно, но тоа зависи од временските услови и зимата. Средната дебелина на мразот во март е 50-60 sm, а минималната температура на целото водно тело е достигната на почетокот на април (околу 0,6° С). Топењето на мразот започнува во средината на март. Поточно, централниот дел на езерото се одмрзнува кон крајот на март или почетокот на април, а северниот дел до почетокот на мај. Езерската вода има жолто кафеава боја Изобилува со риби, што е од исклучително комерцијално значење.

Туризмот покрај езерото Ладога

Езерото Ладога е единствена целина, во која физичко-географските, историските, културните, социјални фактори се комбинирале и овозможиле еден просторен и функционален туризам во конкретниот простор. Изобилува со убавини, пространи шуми и карпести крајбрежја кои можат да се посетат со брод или пеш. Има разновиден екосистем, со богат рибен фонд и скоро 500 вида на риба, вклучувајќи крап, платика, костреш и загрозениот вид атланска есетра, од чии јајца се прави кавијар со врвен квалитет. Ладога е едно од трите езера во светот каде може да се видат фоки. И покрај фактот дека водата во езерото Ладога останува студена дури и во лето, таа привлекува голем број туристи.

Како што рековме претходно, крајбрежјето има прекрасни песочни плажи. Најдобар период за кајакарење на езерото е јуни и јули. Кон есента, ова задоволство е оневозможено поради можното невреме и височината на брановите, кои се налик на оние кои се создаваат во морето. Благодарение на ладна свежа вода, остатоците на потонатите бродови се добро зачувани во езерските води, а повеќе од 10 години ентузијастите за нуркање ги составуваат описите на пронајдените бродови во рамките на проектот „Тајните на потонати бродови“ низ Ладога. Јужниот дел од езерото е погоден за капење и пешачење, за разлика од северниот кој е посуров, со заскриени карпести заливи, густи иглолисни  шуми, место каде живеат кафеави мечки, елен и рис. За посетителите е интересен северниот мермерен кањон Рускеала во езерото Ладога, од каде со години се експлоатирал камен за изградба на најимпресивните градби во Русија. Посетителите можат да одат по ободот на кањонот по платформи за набљудување, а можат и да се изнајмат чамци за да се прошетаат и видат окната и подземните тунели.

На езерото има и природен резерват Ниженсвирски (од јуни 1980 година). Се протега на 416 km2 на десниот брег на долниот дел на реката Свир, вклучувајќи дел од источниот брег на езерото Ладога и неговите води. Околу 30% од резерватот е блато и тресетско мочуриште. Познато е како значајно место за гнездење на птици и собиралиште на птици преселници. Регистрирани се 256 различни видови птици. Од антропогени вредности, се вбројува тврдината Оречек, израдена на остров во близина на поранешниот град Шписелбур. Неговото добро сочувано наследство сведочи за неговата историја. Тврдината и стариот дел од градот се под заштита на УНЕСКО. Во северниот дел на најголемиот остров, Валаам, е сместен истоимениот манастир од 14 век. Поради својата неверојатна природа, езерото Ладога пред сè ги инспирира сликарите кои се восхитуваат на локалните бои и пејзажи. Многумина го насликале манастирот Валаам, бидејќи неговите структури изгледале особено импресивни и мистериозни со позадината на величествената природа. На бреовите на езерото твореле врвни мајстори на сликарството како Ф.А.Василиев, А.И. Куинџи, Н.К. Рорих, И.И.Шишкин. Во услови кога се помалку останува чиста недопрена природа, езерото Ладога со својата уникатна природа навестува посебно добра можност за развој на различни облици на туризам.

Користена литература:

  1. Buzun V., Rezvyi S., Sagitov R. (1998): Arctic bird migration on the Gulf of Finland and Lake Ladoga within the St. Petersburg region // Workshop “Studies on Arctic bird migration in the region of northern Baltic and White Sea”. Helsinki, 1998. P. 8.
  2. Darevsky I.S. (1983): Amphibians and reptiles // Nature of the Leningrad region and its conservation. Leningrad, P. 125-131.
  3. Egorov (2019): Why is Ladoga considered Russia’s most extraordinary lake?, Travel.
  4. Karetnikov, V. V. Guzivaty (2007): Thermal regime of Lake Ladoga as a typical dimictic lake, Limnological Review 7, 2: 63-70 Therma.
  5. Levoshko S., Proshina A (2010): Basic principles and planning tasks of the landscape and recreational arrangement of the ladoga lake coast attributable to area features, Architecture and Engineering Volume 3 Issue 2.
  6. M. Glazov, D. M. Kuznetsova, M. A. Solovyeva, V. I. Ulichev, V. V. Rozhnov (2019): Use of the Lake Ladoga Area by the Ladoga Seal (Pusa hispida ladogensis) in the Autumn–Winter Period Based on Satellite Telemetry Data, pringer.com/journal/10525/ Biolog Billten 46, pages1165–1171.
  7. Atlas of Karelian ASSR. Head Department for Geodesy and Cartography. Moscow. 1989, 40 p.
  8. britannica.com/place/Lake-Ladoga
  9. roughguides.com/articles/discover-lake-lagoda-russia-purest-lake
  10. rbth.com/travel/330929-why-is-ladoga-amazing
  11. https://www.evaneos.com/russia/holidays/discover/12000-1-lake-ladoga
  12. readytotrip.com/hotels/Russia/lake-ladoga/
  13. krc.karelia.ru/economy/transport/index.shtmlNaumenko А. М., S.G.
  14. mcsplus.ru/en/sistema-monitoringa-dvizheniya-sudov-volgo-baltijskogo kanala

Изработила: Марија Тошевска – студент на туризам на Институтот за географија – ПМФ

(текстот е дел од семинарска работа по предметот Водните ресурси во функција на туризмот)

Корекција: Бојана Алексова – Институт за географија

Објавено од:

Од категорија: На тема, По Светот · Tags: , , ,

Leave a Reply

*