Летно освежување до водопадот и изворите на реката Бабуна!

05.08.2021

Сместен во срцето на планината Јакупица, во изворишниот дел на реката Бабуна, во близина на селото Нежилово се наоѓа еден од најубавите водопади, не само во областа Азот (општина Чашка), туку и во Македонија. Иако долго време не била промовирана нивната атрактивност, тие денес се достапни за вљубениците во природата. Реката Бабуна (десна притока на Вардар) извира на југоисточната страна на планинскиот масив Јакупица (Мокра), под врвот Солунска Глава на 1760 m надморска височина. Речниот тек е во јужен правец до с. Богомила. Оттука протекува во југоисточен правец до селото Оморани, од каде свртува кон североисток сѐ до вливот во Вардар. Бабуна има живописна клисура, делумно клисуресто речно корито и водопади во нејзиниот горен тек. Се храни со вода од поголем број на притоки. Во долниот тек реката минува низ клисурата Пешти, каде што речните вирови се доста посетени од капачи преку летниот период.

Водопадот се наоѓа на 1260 m надморска височина, во мошне густа букова шума, а силниот млаз и распрснувањето на водата условува, дури и кога е најжешко, температурите овде да се значително пониски. До него се доаѓа по макадамскиот пат кој води од рибникот кај селото Нежилово во месноста Азот, кон ПД „Чеплес“ низ долината на реката Бабуна. Доколку патувате од Скопје, до селото со автомобил се пристигнува за околу 2 часа преку Велес и с. Богомила. Се пешачи по тесна патека, при што е речиси задолжително да се носат планински обувки. Првите 2 до 3 km патот е широк, релативно добар и прооден за теренски возила. На една остра кривина на патот кон ПД „Чеплес“, постои јасна маркација-патоказ кон водопадот на реката Бабуна и кон нејзините извори. Оттука се продолжува по тесна патека која ја следи долината на реката во правец на Нежиловски карпи. Оваа патека е долга 2 km, односно околу 40-тина минути пешачење и на некои места треба внимателно да се поминува, особено за време на врнежи или влажен период. Сепак, треба да се напомене дека на најризичните места од неодамна патеката е проширена и осигурана со сајли. Долж патеката се доаѓа до еден сипар, од каде едната патека води кон водопадот, а другата патека се движи до изворите.

Самиот водопад е од тектонско-ерозивен карактер (примарно тектонски), како резултат на бројните раседни структури на овој простор каде што се судруваат мермерните карпи и палеозојските шкрилци. Со нашите прецизни ласерски мерења, измерената височината на водопадот е 11,7 m. Во текот на целата година, водопадот е полноводен, со просечна количина на вода од 0.5 до 1 m кубни во секунда. Со своето силно ударно дејство, во подножјето на водопадот водата создала базен или џиновски лонец, со пречник од околу 10 m. Среде лето, водата е толку студена што човек eдвај може да издржи во негова близина. Температурата на водата во летниот период е пониска од 10 степени.

Доколку имате дополнителна енергија за пешачење, може да ги посетите трите извори на реката Бабуна. Експлозивни млазеви вода што бликаат од длабочините, под карпестиот масив на врвот Солунска Глава, никого не оставаат рамнодушен. Доволно е само да се застане над бучните кладенци и да се почувствува моќта и убавината што природата ги дала во овој дел од нашата држава. До изворите на Бабуна неодамна е направена пешачка патека, со чија изведба се поврзани мотел-рибникот „Нежилово“ и планинарскиот дом „Чеплес“. Патеката е претставена на патоказ и информативна табла на која стои предупредување да се избегнува движење во зимскиот или влажен период од годината, со оглед на тоа што на некои места може да биде лизгава и ризична за минување.

Водопадот и изворите на реката Бабуна се едни од најпосетуваните дестинации во Македонија, а воедно и цел, не само на искусните планинари, туку и на голем број на вљубеници во природата. Впечатокот е дека природата на овој простор во срцето на Македонија воопшто не штедела. Огромните букови дрвја даваат пријатна ладовина, а погледот кон Нежиловите Карпи е воодушевувачки. Затоа, за да ги избегнете топлите горештини овие денови, искрено ви препорачуваме посета на водопадот на реката Бабуна, а доколку сте во добра кондиција, задолжително видете ги нејзините извори и ќе доживеете вистинска авантура и уживање. На враќање не заборавајте да пробате од рибните специјалитети во рибникот во с. Нежилово!

Автори: Бојана Алексова, дипломиран професор по географија и д-р Ивица Милевски.

Оваа статија е прочитана 1057 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Advertisment ad adsense adlogger