Според најновите истражувања, за време на Плеистоцен, највисоките делови на планината Ниџе биле заглечерени

Според досегашните геоморфолошки истражувања, од 13-те високи планини во Македонија (повисоки од 2000 метри), 10 биле зафатени со плеистоценска глацијација, за што сведочат бројните циркови, валови, морени и др. Единствено Ниџе (2520 м), Осогово (2252 м) и Беласица (2031 м) се сметаа за високи планини на кои нема глацијални траги. Сепак, последните истражувања на авторот на оваа статија, покажаа дека највисокиот дел на Ниџе (5-та по височина во Македонија), околу врвот Кајмакчалан, бил зафатен со глацијални процеси. За тоа сведочи циркот околу 1,5 km западно од врвот, во изворишниот дел на Коњарска Река. Овој цирк кој има северна експозиција е со пречник од 1 km, всечен во прекамбриумски до палеозојски микашисти и гнајсеви. Со една карпеста греда, циркот е поделен на два дела (два секундарни цирка): источен и западен.

Гребенот на циркот е на височина од 2200 до 2334 m, додека циркниот под, кој е доста зарамнет е на околу 2000 m. На неговото дно има мало мочуриште-тресетиште со пречник од 100 m, кое очигледно е остаток од поранешно глацијално езеро. Со теренските опсервации и анализа на дронските снимки направени во таа пригода, утврдена е серија на челни и странични морени на височина од 1800 до 2050 m, која укажува на фазно повлекување на глечерот кон повисоките делови со затоплување на климата при крајот на плеистоцен. Според направената реконструкција, должината на глечерот била околу 1,5 km, во правец кон север-североисток. Тоа што циркот (цирковите) не е толку јасно релјефно изразен е резултат на слабо отпорната геолошка подлога во која е всечен (претежно микашисти), за разлика од цирковите на другите високи планини, кои главно се всечени во варовници (Јабланица, Шара, Бистра), мермери (Јакупица), гранити (Пелистер) и сл. Покрај глацијални форми, на овој простор има маркантни периглацијални појави, особено тревни (солифлукциски) тераси, лизгачки блокови, нивациски циркови и др.

Иако засега не може со голема точност да се зборува за староста на глацијалните форми на Ниџе, согласно корелација со блиските планини Пелистер (Баба) и Галичица, веројатно станува збор за последниот глацијален максимум, пред околу 15-20 илјади години. Истражувањата кои ќе следат, ќе дадат подетална слика за глацијацијата на Ниџе, како временски, така и просторно.

Според тоа, нема никаква дилема дека на највисоките делови на Ниџе за време на Плеистоцен имало глечери, кои оставиле јасни видливи траги во денешниот релјеф.

Изразувам голема благодарност до колешката-соработник Бојана Алексова, како и до Ема Кокиновска (дипломирани географи) кои учествуваа во теренските истражувања, а секако и до шоферот Пецо од с. Бач (по препорака од колегата Митов Ристе). Инаку, првата моја теренска посета на овој простор е изведена во 2005 година, кога забележав „сомнителни“ релјефни елементи.

Автор: проф. д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 565 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *