Колку раселени и историски села има во Македонија?

Селото се дефинира како населено место со еднофункционално значење во кое преовладува една дејност, а атарот е со аграрна физиономија и функција (Закон за територијалната организација на Локалната Самоуправа во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004, 12/2005, 98/2008 и 106/2008)). Големиот број на војни кои што се одвивале на територијата на Македонија во периодот на првата половина од ХХ век и сите миграциски процеси, кои настанале поради новите општествено-економски односи, довеле до тоа да во овие села настанат значителни и брзи промени. Градовите каде што се развивала индустријата, станале привлечни за селското население, па така тие се зголемувале, а голем дел од населението ги напуштало селата. (Даскаловски, Маџевиќ, 2009). Сите овие промени довеле до тоа да голем број на села да бидат сосема напуштени и да преминат во категоријата на раселени села. Овие раселени села можеме да ги групираме во две категории: раселени села кои биле напуштени многу рано во минатиот век (до пред Втората светска војна) и раселени села кои биле напуштени во периодот од Втората светска војна до последниот попис во 2002 година. Раселените села кои биле напуштени до пред Втората светска војна се именувани како историски села, бидејќи за нив не се води посебна евиденција веќе во поновата историја и нивните атари се припоени кон тогашните постоечки населени места. Помладата генерација на раселени села настанале во текот по Втората светска војна до 2002 поради различни фактори, но најчесто поради миграцијата село-град.

Историски раселени села

За овие раселени села најчесто добиваме податоци од турските списоци за областите, странски истражувачи, како што се Васил Иванов К‘нчов, Стефан Верковиќ, Димитар Мишев и од странските топографски карти за овие простори. При користење на топографските карти, всушност добиваме и локација каде истото раселено село се наоѓа. Доколку ги преброиме сите раселени села во Македонија кои спаѓаат во категоријата на историски села, добиваме број од 165 села.
Поделено, по региони, би изгледало вака:

Во прилог се наброени по две историски села од секој регион:

  1. Скопски: село Јизарци (во близина на Радишани), с.Аџево (во близина на Драчево);
  2. Полошки: с. Горно Фалише (во близина на с.Стенче), с.Дабово (во близина на с.Волковија);
  3. Југозападен: с.Браќани (во близина на с.Ковче), с.Габовци (во близина на с.Подмоље);
  4. Пелагониски: с.Старо Смилево (во близина на с.Смилево), с.Пештерица (во близина на с.Ореовец),
  5. Вардарски: с.Мушанци (во близина на Градско), с.Глоговица (во близина на с.Ораовец);
  6. Североситочен: с.Бислим (Бислимска Клисура), с.Калин Камен (во близина на с.Костур):
  7. Источен: с.Пониква ( во близина на с.Полаки), с.Спиково (во близина на Пехчево) и
  8. Југоисточен: с. Брест (во близина на с.Сушица) и село Воловец во близина на Дојран;

Раселени села

За овие раселени села најчесто добиваме податоци од официјалните пописи на Македонија (од 1948 до 2002). Заклучно со последниот попис од 2002 година во Македонија имало 141 раселено село. Сите овие раселени места биле забележани со жители на првиот попис од 1948 година, но до 2002 останале без жители од различни миграциски фактори. Најмногу раселени села има во оние општини од каде што се иселило бројно турско население, како и од оние македонски села кои што економски се послабо развиени. (Панов, 1967).
Нивниот распоред по региони е следниот:

Во прилог се издвоени по две раселени села од секој регион:

  1. Скопски: село Умово (во близина на с.Цветово), с.Калдирец (во близина на с.Црвена Вода);
  2. Полошки: с. Јелошник (во близина на с.Доброште), с.Болетин (во близина на с.Видуше);
  3. Југозападен: с.Тоска (во близина на с.Богојци), с.Селци (во близина на с.Елевци);
  4. Пелагониски: с.Дабјани (во близина на с.Ропотово), с.Снегово (во близина на Битола),
  5. Вардарски: с.Ќесендре (во близина на с.Раец), с.Витанци (во близина на с.Чашка);
  6. Североситочен: с.Думановце( во близина на с.Гошинце), с.Д`лга(во близина на с.Винце):
  7. Источен: с.Црвена Нива ( во близина на с.Бели), с.Мал Габер(во близина на с.Голем Габер)
  8. Југоисточен: с. Шипковица (во близина на с.Козбунар) и село Честево во близина на Валандово;

Општините Валандово и Неготино се единствените општини во Македонија кои што имаат повеќе историски и раселени села, отколку што имаат места со постојани жители.

Општина Валандово (со денешните граници), некогаш имала 34 населени места, за денес 52% од тие населени места да не постојат или да немаат жители, додека пак за општина Неготино, овој процент изнесува 56%.

Вкупно историски и раселени села во Македонија има 306, а заедно со населените места, оваа бројка изнесува 1957, што значи 15% од населените места што постоеле во Македонија пред Втората светска војна, денес се раселени. Со објавувањето на новите резултати од последниот попис се очекува овој број да се зголеми, бидејќи во последниот попис биле регистрирани многу населени места со помалку од 10 жители.

Користена литература:

  1. Даскаловски, В., Маџевиќ, М. (2009). Географија на населби. Скопје.
  2. Панов, М. (1967): Број, управно-територијална разместеност и раселени села во СР Македонија.
  3. К‘нчов, B. (1900). Македонија. Етнографија и статистика. Софија.
  4. Верковиќ, С. (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  5. Мишев, Д. (1905). La Macédoine et sa Population Chrétienne. Париз.
  6. Државен завод за статистика. (2002). Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.
  7. Државен завод за статистика. Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна.
  8. 3rd Military Mapping Survey of Austria-Hungary (1910).

Автор: Никола Трајковски – студент на Институт за географија-ПМФ
Стручна корекција: доц. д-р Марија Љакоска, Институт за географија-ПМФ
Техничка корекција: Бојана Алексова, демонстратор на Институт за географија-ПМФ

Оваа статија е прочитана 5726 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.