Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Жените во високото образование

Жените во високото образование

По повод осми март, интернационалниот ден на жената, направена е анализа на учеството на жената во високото образование, поконкретно, на студентките на прв циклус на студии. Во овој кус осврт, акцентот е ставен на состојбите во Република Северна Македонија, но направена е споредба со други држави од Европа. Главната цел е да се пресмета процентуалното учество на студентките во вкупниот број на студенти, во кои стручни и научни полиња доминираат жените и сето тоа да се надополни со некои социолошки објаснувања за соодветната слика.

Информациите се основа на секое истражување и неопходно е истите да се веродостојни и точни. Во конкретниот случај, тие се добиени од официјални статистички институции кои ја обработуваат оваа проблематика. Податоците за универзитетите во Република Северна Македонија се добиени од Државен Завод за Статистика, додека за европските држави од официјалното статистичко одделение на Европската Унија – Eurostat. Податоците добиени од статистичките истражувања за високото образование во Република Северна Македонија покажуваат дека во учебната 2017/2018 година имало вкупно 56.941 запишани студенти на македонските универзитети. Наредните две учебни години има помал вкупен број на запишани студенти, односно 53.677 за 2018/2019 и 51.734 студенти за учебната 2019/2020 година.

Воочлив е бројот на студенти кој што континуирано се намалува, а како главни причини за ваквите состојби се сметаат намалувањето во бројот на раѓања, популациското стареење на населението во државата поради продолжениот животен век, миграциите и други. Меѓу останатите причини за сѐ помалиот број на студенти се наведуваат можности за студирање во странство, личниот избор за не продолжување на обраозванието и други.  Бројот на студентки пак во учебната 2017/2018 година изнесувал 31.699 што соодветствува на 55.8% од вкупниот број на запишани студенти. Во учебната 2018/2019 година имало 30.352 запишани студентки односно 56.5% и во последната анализирана учебна година 2019/2020 таа вредност изнесувала 29.515 или 57.1%. Иако бројот на запишани студенти од една во друга учебна година се намалува, процентуалното учество на жената во високото образование продолжува да расте.

Табела 1. Вкупен број на запишани студенти, број на студенти по пол и нивно процентуално учество во високото образование за учебните години 2017/2018, 2018/2019 и 2019/2020.

Извор на податоци: Жените и мажите во Република Северна Македонија, Државен завод за статистика, 2021

Податоците можат да се разгледуваат и на континентално ниво, а преку приказите можат да се направат компаративни анализи. И Така, во 2017 година од вкупно 36 држави за кои што се обезбедени податоци, дури 30 држави имаат вредност над 50%, а тоа значи дека од вкупната бројка на студенти таа година, доминираат жените. За 2017 година, најмала вредност има Лихтенштајн со 43.8%, потоа следува Турција со 45.8% додека пак со најголеми вредности се истакнуваат западните и северните европски држави и тоа Шведска со 63.5%, Исланд со 62.6% и Норвешка со 60.7%. Република Северна Македонија се наоѓа на 13 место што е повеќе од просекот со (како што е наведено и погоре) 55.8% учество на жените на додипломски студии од вкупниот број на студенти.

Карта 1. Процентуалното учество на жените во високото образование за 2017 година.

Наредната 2018 година има мала варијација на вредностите, но со најголемо и најмало учество од вкупниот број на студентки повторно се јавуваат истите земји. Единствено промена има во рангирањето на нашата држава, која што во 2018 година со процентуално учество од 56.5% се наоѓа на 11 место.

Карта 2. Процентуалното учество на жените во високото образование за 2018 година.

Веќе во 2019 година се забележува разлика кај минималните вредности. Најмала вредност повторно има Лихтенштајн со 43.9%, потоа Кипар со 44.7% и Германија и Турција со 46%. Додека пак првите места повторно се заземени од Шведска, Исланд и Норвешка. Во 2019 година, Република Северна Македонија по втор пат го имаше 11 место.

Карта 3. Процентуалното учество на жените во високото образование за 2019 година.

Преку податоците за дипломираните студенти, се има увид на половата распределба според научните области и може да се добијат сознанија за тоа во кои области доминираат студентките. Податоците од Државен завод за статистика ја отсликуваат ситуацијата за дипломираните студенти во 2018 и 2019 година.

Табела 2. Вкупен број на дипломирани мажи и жени како и нивното процентуално учество во 2018 и 2019 година.

Извор на податоци: Жените и мажите во Република Северна Македонија, Државен завод за статистика, 2021

Вкупниот број на дипломирани студентки за 2018 година изнесува 4.368 од вкупно 7.279 што одговара на 60% од сите дипломирани студенти. Во 2019 година се регистрирани 4.378 дипломирани студентки од вкупно 7.449. Процентуалното учество одговара на 59%. Според табелата можат да се добијат следните заклучоци: најмногу доминираат жените во медицинските науки со 74% од дипломираните студенти, потоа во хуманитарните науки со 68% во 2018 и 70% во 2019 година, нешто помал удел имаат во природно-математичките со 64% и општествените науки со 60% за 2018 и 58% за 2019 година, околу 50% имаат биотехничките науки додека најмал процент со 43% се забележува во техничко-технолошките науки. Вредностите споредени помеѓу двете години варираат со мали отстапувања.

Ситуацијата во минатото била далеку поралична од онаа што е денес бидејќи жените имале помал пристап до образование (посебно до високо образование) и повеќе се насочувале на учење на одреден занает или пак целосно се посветувале на обврските во домот и воспитување и одгледување на децата. Ситуацијата во денешно време е променета и се утврдува (според изнесените податоци) дека жените односно студентките сѐ повеќе доминираат во високото образование.

Прашањето кое што произлегува тука е зошто сѐ поголем е уделот на жени во високото образование? Иако одговорите варираат, како едни од најчестите причини се јавуваат амбицијата што значи дека уште во основно и средно образование ученичките повеќе се стремат за остварување на одреден успех, а тука се поврзува и поголемата заинтересираност на ученичките за образување, друга причина е тоа што постојат помалку профили на работа (кои се и помалку платени) каде што може да се вработат жените со завршено средно стручно образование и до одредена мера се наметнува потребата за продолжување на образованието за да станат висококвалификувани кадри за одедена област. Одредени области каде што доминираат жени како што се на пример медицински сестри, лаборанти, фармацефти и сл. налагаат да имаат завршено вишо или високо обраозвание за да се сметаат како квалификувани, а со тоа да имаат поголем финансиски надомест. Потоа нашето општество, кое сѐ уште се бори со прашања за родова нееднаквост, па жените мораат повеќе да се образуваат од мажите, да учат напорно за да постигнат подобар успех, сè со цел да добијат подобри работни позиции кои ќе бидат добро платени.

Користена литература:

  1. Carnevale A. P., Smith N. Gulish A. (2018): Women can’t win, Georgetown University, Center on Education and the Workforce, McCourt School of Public Policy
  2. Distribution of students enrolled at tertiary education levels by sex and field of education, Eurostat пристапена преку https://ec.europa.eu/eurostat/web/main/home последно посетена март, 2022
  3. https://collegenews.org/women-outnumber-men-in-us-colleges-nearly-60-of-students-in-2020-21-were-women/ Последно посетена март 2022
  4. https://feed.georgetown.edu/access-affordability/women-increasingly-outnumber-men-at-u-s-colleges-but-why/ Последно посетена март 2022
  5. Ljakoska M., Madjevikj M. (2019): Аge differences of marrying couples – the case of North Macedonia. Proceedings of the symposium dedicated to the 70th anniversary of the Macedonian Geographical Society – New trends in geography, 3-4.10.2019, Ohrid, Republic of North Macedonia, pp. 247-257.
  6. Жените и мажите во Република Северна Македонија, Државен завод за статистика, 2021

Подготвиле: Христина Ниневска, постдипломец и доц. д-р Марија Љакоска – Институт за географија при Природно-математички факултет – Скопје

 

Објавила: Бојана Алексова, постдипломец на Институт за географија, ПМФ

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags:

Leave a Reply

*