Гостувачко предавање на проф. д-р Гордана Каплан од Универзитетот Ескишехир во Турција

На 15 март 2022 година, на покана на проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, свое гостувачко предавање одржа проф. д-р Гордана Каплан од Универзитетот Ескишехир во Турција, афирмиран меѓународен експерт од областа на далечинска детекција. Насловот на онлајн предавањето беше: „Далечинска детекција – Очи од Вселената“.

Предавањето беше наменето главно за студентите од насоката ГИС кои го изучуваат предметот Далечинска детекција, потоа за студентите од ИЗСГ „Природник“, членовите на Институтот за географија, како и други заинтересирани за наведената проблематика. Истото беше проследено со исклучително внимание и интерес од 30-тина студенти, професори и соработници од Институтот за географија. Коорганизатор на овој настан беше Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник“, кое додели благодарница на проф. д-р Каплан и сертификати за учество на предавањето на своите членови – студенти.


Со воведен збор, предавањето го отвори проф. д-р Ивица Милевски како надлежен професор по предметот далечинска детекција на Институтот за географија. Потоа д-р Гордана Каплан ја изнесе својата едночасовна презентација со осврт на основните поими во далечинската детекција и оригинални примери за нејзина примена во повеќе области. По презентацијата која беше проследена „во еден здив“ следуваше кратка дискусија.

Во неформалниот дел, со со проф. д-р Каплан се разговараше за продлабочување на соработката преку можна студентска размена, онлајн консултации, заеднички проектни и други активности, истражувања и сл. Беше договорен забрзан процес на воспоставување на договор за Еразмус плус програмата како одлична форма за соработка.
Инаку, проф. д-р Ивица Милевски, во рамките на Институтот за географија, настојува да воспостави што е можно поголема меѓународна соработка и комуникација со географските и сродни институции од регионот и пошироко. Овој тренд во идниот период ќе продолжи со уште позасилено темпо. Целта е постигнување на што поголема отвореност и соработка на Институтот за Географија при ПМФ во Скопје со сличните географски институции на Балканот и пошироко.
Подготвила: Бојана Алексова, дипломиран географ и Претседател на ИЗСГ Природник.

Оваа статија е прочитана 348 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.