Посета и предавање на проф. д-р Александар Ваљаревиќ од Географскиот факултет на Универзитетот во Белград

На ден 28 март 2022 година, на покана на проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, во рамките на предметот далечинска детекција на насоката ГИС, свое предавње одржа проф. д-р Александар Ваљаревиќ од Географскиот факултет при Универзитетот во Белград. Предавањето беше под наслов: „Напредни методи во ГИС и нивна примена во шумски и крајбрежни области“. Инаку, д-р Ваљаревиќ е етаблиран специјалист за напредни ГИС апликации. Бил визитинг професор на универзитетите во Грац (Австрија), Вајоминг (САД), Хо-ши-мин (Виетнам), Тајпеј (Тајван) и др. Има објавено преку 60 трудови во индексирани списанија, од кои над 20 во списанија со импакт фактор.

Предавањето го отвори д-р Ивица Милевски како надлежен професор за предметот далечинска детекција, а потоа следуваше 90-минутна презентација од д-р Ваљаревиќ која опфати повеќе апликативни примери на ГИС анализи за разни цели. Освен класична презентација, беа претставени неколку примери „во живо“ на работа со QGIS и комбинација на растерски со векторски анализи. Сето тоа беше проследено со дискусија од присутните. На крај, присутните беа запознаени со работата на Географскиот факултет во Белград, можностите за соработка, посебно во делот на ERASMUS, размена на студенти, заеднички предавања и сл. Целото предавање беше проследено со исклучително внимание и интерес од 30-тина студенти и членови на Институтот за географија.

По предавањето, следуваше неформална средба со присутните членови на Институтот за географија, раководителот на Институтот, проф. д-р Мирјанка Маџевиќ и Деканот на ПМФ, проф. д-р Александар Скепароски.

Во оваа пригода, изразувам благодарност до присутните студенти, почитуваните колеги (проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, помладите членови на ИГ), особено до раководителката на Институтот за географија, проф. д-р Мирјана Маџевиќ за сета логистичка поддршка, како и до деканот на ПМФ кој најде време за кратка средба со гостите.

Исто така, да напоменеме дека коорганизатор на овој настан беше Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник“, кое придонесе за поголема информираност за настанот и присуство на студентите.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 288 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.