Интересни факти за пописите

Според дефиницијата, попис претставува сложена статистичка операција на територија на една држава во еден даден момент. Преку пописите се создава јасна слика за бројноста на населението како и сите негови белези или со други зборови, се обезбедуваат информации за квантитативните и квалитативните показатели за населението.
Преку оваа статистичка операција се добива приказ на бројното движење на населението, се согледува неговата полова и старосна структура со што може да се утврди дали населението популациски старее или има сѐ повеќе младо население, која старосна група на население доминира на една одредена територија, дали во составот на населението доминира машко или женско население. Потоа, каква е етничката структура на населението или на пример религиозната, колкав дел од населението е невработено или пак во кои дејности има најголем број на вработени и слично.
Сите овие информации ни кажуваат каква е моменталната ситуација а служат и за идно планирање во рамките на една територија. Така, ако знаеме дека има популациско стареење на населението, ќе заклучиме дека за една-две децении ќе се соочиме со дефицит на работа сила, или на пример, ако на одредена област има голема стапка на емиграција посебно на младото население, тоа можеби е поради недостаток на работа и самото тоа поттикнува во идниот плански развој да се лоцира некоја фабрика или да се овозможат некои други можности за вработување и т.н.
Особен интерес побудуваат и фактите поврзани со пописите, па за таа цел во прилог издвоивме некои од најинтересните податоци поврзани со пописите:

  • Главни извори на информации за предистроиското населението се скелетните остатоци. Тие откриваат податоци за полот, возраста, расата, должината на животниот век, бројот на родени деца (кај женското население) и друго. Освен тоа и пештерските цртежи се сметаат како извори на податоци и тоа ликовни извори на податоци. 
  • Пребројувањето на населението се споменува и во грчката митологија. Имено, Кекроп бил митски крал на Атика кој што сакајќи да го преброи населението, му наредил на секој жител на Атика да остави по еден камен и така, пребројувајќи ги камењата, се утврдило дека тогаш на Атика имало 20.000 жители. 
  • Според одредени записи од Вавилон, од пред околу 6.000 години, се пребројувало населението, добитокот и храната на секои 6 до 7 години. За ова сведочат пронајдени глинени плочки кои што биле испишани со клинесто писмо. 

 Слика 1. Првиот попис во Вавилон

  • Во 2500 години п.н.е. во Египет биле спроведувани пописи само на работоспособно население поради потребната работна сила за градење на пирамидите. 
  • Од 2000 г.п.н.е. датираат најстарите зачувани пописни податоци воопшто. 
  • Во Римската империја, во времето на Сервие Тулие во 555 г.п.н.е. започнале да се спроведуваат пописи и се водело евиденција на целокупното население на Империјата. Тие овозможиле да се прават рационални планирање на економски план а особено биле корисни за военостратегиски потреби како при одбрана на Империјата така и при освојувања на нови територии. Римските пописи се сметаат за најдобро развиени и документирани и биле многу значајни за развојот на Империјата. Интересно надополнување е тоа што тие се спроведувале на секои пет години. 
  • Еден од најпознатите примери за спроведен попис, датира од 1086 година од Англија. Тогашниот крал на Англија, Вилијам Први го спроведил пописот со цел да воспостави данок на териториите кои што ги освоил. Овај попис е познат како „Domesday Book“ и се состои од два дела „Little Domesday Book“ кој ги опфаќа Норфок, Сафок и Есекс и е воедно посодржајната книга и „Great Domesday Book“ кој ги опфаќа останатите делови на Англија и не е толку обемен како првата книга. Интересно е тоа што поголемите градови како на пример Лондон, не се опфатени со овај попис и ги нема во ниту една од книгите.

  Слика 2. Извадок и корица од „Domesday Book“

  • Инките имале интересен начин на водење на евиденција за бројноста на населението. Тие ги забележувале информациите со групирање на нумерички прамени од памук и волна. Овие прамени содржеле информации за возраста, работата, како и имотот на Инките. За жал, упатството за нивното толкување е скоро целосно уништено со освојувањето на нивните територии од страна на Шпанците.

 Слика 3. Групирање на нумеричките прамени кај Инките

  • Пописите спроведувани во Отоманската империја биле наменети за даночни цели и се одржувале на секои 30 години. Во т.н. турски дефтери се содржат информации за бројот на семејства, за немажени и за вдовици, но немало информации за вкупен број на членови во едно семејство или пак на едно село или некоја друга територијална единица. 

 Слика 4. Извадок од Турски дефтер за водење евиденција на населението

  • Во Квебек бил спроведен првиот официјален попис во 1666 година, во Исланд во 1703 година, а во Шведска во 1749 година. Интересен е податокот дека во голем број на европски држави податоците за населението биле држени во тајност од причина што државите не сакале на непријателите да им откриваат информации за бројноста на населението како и за воените капацитети. 
  • Во делото „Принципи на популацијата“ издадно во 1798 година во Велика Британија, авторот Томас Малтус докажал дека порастот на населението е поврзан со достапноста на храна и останатите природни ресурси и поради тоа неопходно е да се знае колкав е порастот на населението за да се планираат потребните ресурси.

Слика 5. Томас Малтус и неговото дело „Принципи на популацијата“

  • Парохиските матични книги служеле како одлични извори на информации за проучување на фертилитетот на населението во одредени места а и во временски периоди кога податоци од витални статистики сѐ уште не биле достапни. Овие книги се појавиле во ХХ век и демографот Луис Хенри го потенцира нивното значење како извор на информации за фертилитетот. Во овие книги се содржат информации за крштевки, бракови и погреби и вакви евиденции се воделе скоро низ сите европски земји. 
  • Во 1846 година била направена современа методологија за попис во Белгија. 
  • Првиот закон за попис бил донесен во Чиле во 1853 година. 
  • Во 1864 година, за време на цивилната војна во САД, војската поминала низ Џорџија за краток период користејќи ги податоците од пописот. 
  • Од 1890 година датираат првите машини за обработка на податоците од пописите во САД (Hollerith tabulator).

 Слика 6. Hollerith tabulator

  • 1920 година е карактеристична за Англија бидејќи откако го спровела пописот, вовела политика за мигранти. 
  • Од 1990 година не е спроведен попис во Авганистан, Еритреа, Либан, Сомалија, Узбекистан и Северна Сахара. 
  • Во 2010 година во Кина е регистриран најголем број на население воопшто (1,3 милијарди). Во пописот биле вклучени 10 милиони попишувачи. 
  • Во 2012 година Бразил помогнал во спроведување на пописот во Сенегал. 
  • Дури во 2019 е спроведен вториот попис во Конго.

Ако се анализира историјата на бројното движење на населението во нашата земја, ќе се разбере отсуството на пописи и квантитативни информации за населението низ времето. Единствено се забележани попишувања на домаќинствата по населени места во турските дефтери во период на Отоманската окупација, поконкретно во XV и XVI век. Меѓу останатите факти поврзани со пописите кај нас, се издвојуваат следните:

  • Прв облик на некакво попишување на македонското население е спроведен на почетокот на XX век од страна на Васил K’нчев кој го објавува делото „Македонија-етнографија и статистика“ во Софија во 1910 година и таму се содржеле информации за националната припадност по населени места. 
  • Првиот официјален попис е извршен во 1921 година каде што се обезбедуваат податоци за населението по Првата Светска војна и во тој попис се содржеле само  основни податоци за населението. 
  • Следејќи ги меѓународните препораки, вториот попис се спроведил десет години подоцна, односно во 1931 година и исто како и претходниот, содржи само основни податоци за населението. Интересен е податокот дека дури 1/4 од вкупното население или 25% се изјаснило како градско население. 
  • Пописот во 1941 година се одложил поради Втората Светска војна и тој се спроведил во 1948 година. Третиот попис имал многу скромни податоци поради потребата овај попис да се спроведи во што е можно побрз рок за да се има информации за основните структури на населението по војната како и промените на населението кои што настанале. 
  • Четвртиот попис бил во 1953 година, само неколку години после претходниот попис и целта била да се согледаат промените во општествено-економскиот развој на државата. Овај попис имал пообемна содржина за белезите на населението како на пример биолошко-фертилните белези со кои се обезбедувале податоци за натамошниот развој на населението. Покрај тоа, за прв пат е направена азбучна класификација на дејности и занимања, список на школи и нивно групирање за определување на нивото на школувањето. Овој попис бил спроведуван по концептот на „присутно“ и „постојано“ население. 
  • Наредниот, петти попис се реализирал во 1961 година и особено се посветило внимание на економските карактеристики на населението и има побогата содржина во однос на претходниот попис. Покрај населението и домаќинствата, биле опфатени и становите, а разгледана е и станбената проблематика на градското население. Се обезбедуваат и податоци за внатрешни миграции. 
  • Пописот во 1971 година целосно ги опфаќа становите како трета пописна единица и за прв пат се обработиле и надворешните миграции односно се содржеле информации за бројот и структурата на населението кое што е на привремена работа во странство. За разлика од претходниот попис, повеќе се посветило внимание на податоците за миграциите. 
  • Седмиот попис на населението е спроведен во 1981 година и содржи податоци за земјоделските стопанства како четврта пописна единица. Генерално, ги имал истите основни информации како и претходните пописи со тоа што, податоците биле надополнети со информации за земјоделство и земјоделски стопанства. Треба да се напомени дека пописи на индивидуални земјоделски стопанства биле извршени во 1931, 1951, 1960 и 1969 година и тие обезбедиле подетални информации за земјоделството и земјоделските стопанства, но бидејќи во 1980 година не било спроведено прибирање на информации од земјоделски карактер, тие се обезбедиле со пописот од 1981 година. 
  • Нареден попис се спроведил во 1991 година кој што е доста сличен на претходниот од 1981 година, меѓутоа овај попис не се важи за успешен бидејќи било попишано само 80% од населението поради тоа што албанското население го бојкотирало пописот. Имало одредени напори за пресметување на процени на населението но истите биле негирани. Од тие причини се наметнала потребата да се спроведе уште еден попис, и така по три години, во 1994 година бил успешно спроведен друг попис кој што се фокусирал на етничките и другите идентификациони белези на населението. За овај попис, карактеристичен е концептот „de jure“ односно попишување на населението според нивните официјални адреси. Во финалните вредности не се вбројувало населението кое што е во странство подолго од една година.

        Слика 7. Пописна книга од 1991

  • Наредниот попис бил во 2002 година кој што се спроведил според препораките на Обединетите Нации и официјалната статистичка институција на Европската Унија – Eurostat со цел да се обезбеди меѓународна споредливост на податоците.

 Слика 8. Пописна книга од 2002 година

  • Во 2011 година, требало да се спроведи попис од 1 до 15 октомври со критичен момент 30.09.2011 година 24:00 часот, но истиот за жал не бил спроведен. Податоците требало да излезат во 2013 година. 
  • После 19 години пауза, во 2021 година се реализирал најновиот попис во државата. Овај попис првично беше планиран за 2020 година но поради пандемијата со Covid-19 беше одложен од април 2020 година за април 2021 година, па потоа за септември 2021 година кога конечно се спроведе во периодот од 05.09.2021 до 30.09.2021. Првиот сет на податоци беше објавен на 30.03.2022 година каде што беа презентирани основните податоци и структури на населението. Во наредните периоди се очекува да се објават и другите информации.

  Слика 9. Постер на пописот од 2021 година

Користена литература: 

  1. Апостоловска Тошевска Б. (2014): Историска демографија (интерна скрипта), Скопје.
  2. Апостоловска Тошевска Б., Стојмилов А. (2016): Социоекономска географија на Република Македонија, Скопје.
  3. Маџевиќ М.(2012): Географија на население, Скопје.
  4. Missiakoulis S.(2010): Cecropos, King of Athens the First(?) Recorded Population Census in History.
  5. https://popis2021.stat.gov.mk/ посетен април 2022
  6. https://www.stat.gov.mk/ посетен април 2022
  7. https://www.nationalgeographic.org/society/ посетен април 2022

Изработиле: Доц. д-р Марија Љакоска и Христина Ниневска

Оваа статија е прочитана 392 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.