Ропото: Грчкиот заборавен град што тоне

Во централниот дел на Грција, близу градот Трикала во северозападна Тесалија, затскриено на падините на планината Каравула се наоѓа селото Ропото. Некогаш просперитетното село и дом на околу 300 семејства неодамна се соочи со лизгање на земјиштето кое го претвори селото во „град на духови”. Денес, заборавено и оставено на (не)милосрдноста на природата, Ропото сè уште тоне, полека поместувајќи ги полустоечките градби.

Сè започнало во далечните 1960-ти кога на земјиштето околу селото почнале да се појавуваат пукнатини што довело до планови за напуштање на населбата. Сепак, до почетокот на 1980-тите оваа одлука била игнорирана и континуирано се издавале градежни дозволи. Меѓутоа, утрото на 12 април 2012 година се случило лизгање на земјиштето од огромни размери што предизвикало итна евакуација на градот за многу кратко време.

Како всушност доаѓа до лизгање на почвата?

Лизгањето на почвата претставува посебен геоморфолошки процес. Ваквото нешто се манифестира со раскинување и лизгање на растресити слоеви долж стрмни падини. Појавата најчесто настанува ако под растреситите слоеви се наоѓа глиновит слој, наведнат во правец на наклонот на падината. При зголемено натопување со вода растреситите слоеви отежнуваат, а глиновитиот слој кој инаку е вододржлив набабрува и станува лизгав. Со тоа, под дејство на Земјината тежа, навлажнетите и отежнати растресити слоеви ја губат стабилноста и се слизнуваат долж глинестата основа во вид на тестеста маса. На тој начин настануваат лизгалишта. Токму на овој начин е предизвикана целата штета во Ропото која сега е толку сериозна што не може да се обнови.

Поранешните жители на Ропото сведочат за нивната постојана борба со водата. Tие макотрпно се обидувале да ги истиснуваат подземните води и дождовницата со надеж дека тоа ќе ги заштити од силата на природата, а нивните поплаки и повици за помош кон авторитетите биле постојано занемарувани.

Големината на свлечиштето и масовното уништување на инфраструктурата ја вознемири заедницата и печатот кои ги притиснаа јавните власти со цел да се најде брзо и трајно решение за овој долготраен геотехнички проблем. Денес, сè повеќе научници се заинтригирани од тамошната состојба и нивната главна намера е утврдување на геотехничките услови на целото подрачје преку целосна геотехничка теренска работа. Дополнително да се изнајдат непосредни и долгорочни поправни мерки за стабилизација на падината, како и глобално да се следи однесувањето на геоструктурата.

И покрај последователните напори, денес животот во селото е практично невозможен. Некогашниот производител на висококвалитетни јаболка и симбол на спокој, сега претставува заборавен „град на духови” во кој нема ниту електрична енергија, ниту питка вода, ниту живот. Згора на тоа, некои од поранешните жители се обврзани да плаќаат данок на имот и покрај тоа што не можат да стапнат во своите куќи. Она што може да се извлече како наравоучение e дека силата на природата не треба и не смее да се потценува, а знаците кои таа ги дава мора будно да се следат пред да биде премногу доцна.

 

Користена литература

[1]   Колчаковски Д. (2006): Геоморфологија, Скопје
[2]   Колчаковски Д. (2004): Педогеографија, Скопје
[3]   Bellas M., Voulgaridis G. (2018): Study of the major landslide at the community of Ropoto, Central Greece, mitigation and FBG early warning system design
[4]   https://greekreporter.com/2021/03/07/ropoto-greece-sinking-ghost-town-full-documentary-2
[5]   https://blogs.agu.org/landslideblog/2016/02/23/ropoto-1

 

Подготвил: Филип Наумовски, студент на Институот за географија, ПМФ

Оваа статија е прочитана 957 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.