Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести » За пештерата Рамниште кај Прилеп

За пештерата Рамниште кај Прилеп

За време на спелеолошките истражувања од 2005 до 2007 година, во близина на Прилеп, истражувани биле пет пештери, од кои особено е интересна пештерата Рамниште. Оваа пештера е првиот примерок на пештери во Македонија која не се формирала врз компактна карпа (варовник), односно е кластокарстна пештера. Рамниште се наоѓа помеѓу селата Крстец и Оревоец, на западната страна на планината Козјак (1745 m), дел од масивот Бабуна. Иако пештерата на локалното население му била одамна позната, а ја посетувале и локалните планинари од почетокот на 20 век, Рамниште за прв пат во литературата ја споменува Јован Трифуновски.

Пештерата Рамниште е формирана во карбонатни конгломерати и бречи, депонирани од Пелагониското неогенско езеро, во IV стадиум од еволуцијата на Пелагонискиот басен, за време на плиоценот. Вкупната должина на пештерските канали изнесува 110 m, со длабочина која достигнува -22 m. Просечната температура на воздухот во пештерата изнесува 13ºС, а релативната влажност се движи преку 80%. Од животински свет,  забележани се само лилјаци.

Најголемата должина на еден коридор изнесува 100 m, а длабочината е 15-20 m. Пештерата има два влеза, од кои едниот е главен (хоризонтален) во форма на трапез со димензии 1,5х1 m. Овој канал се спушта кон внатрешноста со наклон од -25º,  благо паѓање надолу во пештерските простории и може да се помине и без посебна спелеолошка опрема, но сепак, со соодветно осветлување. Другиот влез се наоѓа на таванот на првата сала, кој што е вертикален со димензии 5х1 m. Треба да се напомене дека тој не е погоден за влегување без посебна спелеолошка опрема. Почетниот дел на пештерата е претставен се еден низок и тесен канал со неколку проширувања кој се спушта под наклон од 25ºС.

Всушност, пештерата Рамниште е составена е од три сали, во кои се застапени пештерски украси со претежно бела и црна боја. На самиот влез од лева страна се наоѓа првата сала наречена Невестинска сала во која има најмногу бели украси, сталагмити и сталактити. Следува една голема сала со сипар и голем наклон, која води до крајната сала. Карактеристичен е сталагмитот „Торта“ кој се наоѓа на крајот од пештерата. Останати украси кои се среќаваат се: сливови, драперии, завеси, столбови во бела, црна, црвена и жолта боја.

За пештерата Рамниште има многу преданија кои се поврзуваат со културата на луѓето низ историјата. Интересно е тоа што пештерата ја нарекувале и Духова дупка поради верувањето дека во неа се криеле зли духови. Едно предание кое го пренесува и Марко Цепенков говори за бескрајот на ходниците на пештерата под земјата кои водат дури до Солун. Според преданието, до ваква констатација дошол некој ловец кој со своето куче ловел во близина на пештерата. Гонејќи некој зајак кучето влегло во пештерата и се загубило. И покрај потрагата на ловецот и упорното довикување на кучето, тос не се појавило. Се случило така што ловџијата по околу една недела заминал во Солун. Шетајќи по брегот на морето, тој наеднаш видел како од самиот брег излегува некое куче и зачуден го препознал оноа што го загубил во споменатата пештера. На тој начин ловецот заклучил дека пештерата со своите ходници води дури до Солун. Но, мораме да кажеме дека сепак ова е предание.

Пештерата Рамниште иако не е туристички уредена, сепак е една од најпосетените пештери во Македонија.

Користена литература:

  1. mk/culture/peshterata-ramnishte-kaj-prilep-krie-tragi-od-kultura-od-minati-vreminja/
  2. mk/peshterata-ramnishte-fascinantna-ta-na-za-prirodata-i-za-chovekot-niz-vremi-ata/
  3. youtube.com/watch?v=FUQ5TeD4SXk
  4. Temovski M. (2008): Cave Ramnishte, researchgate.net

Изработила: Вики Каравешова, студент на Институтот за географија, ПМФ
Техничка корекција: Бојана Алексова, постдипломец по географски науки, ПМФ

Објавено од:

Од категорија: Географски вести · Tags: , , ,

Leave a Reply

*