ИГЕОГРАФИЈА » Географски вести » Настап на студенти на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, на престижна работилница на НАСА и ЕСА
Настап на студенти на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, на престижна работилница на НАСА и ЕСА
Во периодот од 5 до 9 септември 2022 година, во кампусот на Карловиот Универзитет во Прага, Република Чешка се одржа голема меѓународна работилница за новите технологии во далечинска детекција (RS-Remote Sensing), TAT-2022 (TAT-9). ТАТ (Trans-Atlantic-Training) претставува серија годишни работилници и курсеви за набљудување на Земјата (EO), организирани од 2013 година од страна на Националната аеронаутичка и вселенска агенција (NASA), Европската вселенска агенција (ESA) и Карловиот Универзитет во Прага, Чешка. Оваа година тренинг-курсот на ТАТ 2022 беше насловен: „A Changing Eastern Europe: New Challenges for Science and Capacity Building in Land Remote Sensing“. На настанот беа поканети постдипломци од 30-тина држави во централа и југоисточна Европа, а целта е развој и унапредување на нови технологии, производи и постапки за далечинска детекција, набљудување и анализа на Земјината површина. По препорака на д-р Ивица Милевски, на ТАТ-2022 учествуваа двајца претставници од Македонија, поточно од Институтот за географија при ПМФ-УКИМ во Скопје и тоа: Бојана Алексова, студент на постдипломските студии (авторот на овој текст) и Андреа Алексоска, студент на додипломските студии.
Работилницата официјално започна со свечено отворање од страна на претставници од Карловиот Универзитет, а предавачите беа реномирани светски експерти од областа на далечинска детекција, меѓу кои: Волкер Раделоф (Volker Radeloff) – САД, Џесика МеКерти (Jessica McCarty) – САД, Серги Скакун (Sergii Skakun) – САД, Хи Јин (He Yin) – САД, Петја Камбел (Petya Campbell) – НАСА САД, Франческо Сарти (Francesco Sarti) – ЕСА Италија и Премисл Стич (Přemysl Štych) – Чешка.
Севкупната програма на работилницата беше поделена на 21 посебни тематски предавања, меѓу кои најинтересни и од посебно значење беа примената на радари во далечинската детекција, користење на база на податоци од OpenEO, како и Google Earth Engine. Освен делот со предавања, учесниците имаа и практични вежби со помош на неколку софтверски пакети (JupyterNotebook, Python, QGIS, Google Earth Engine, итн.).
Во неформалниот дел на конференцијата, беше изведена еднодневна екскурзија низ градот Прага, преку која учесниците на работилницата имаа можност да ја разгледаат оваа преубава Европска метропола. Секако, краткотрајното слободно време, беше исполнето со пријатно дружење, позитивни дискусии и забава.
Преку сите наведени активности, остваривме бројни контакти и разговори, размена на идеи за идна соработка со професорите и истражувачите од НАСА и ЕСА, како и со постдипломците од другите држави. Moe големо задоволство е што како учесник на работилницата бев поканета на присуство на идните планирани едукативни настани организирани од НАСА, ЕСА и неколку европски Универзитети. Исто така, предавачите од овие две реномирани институции изразија целосна подготвеност да помогнат во моето идно усовршување од областа на далечинската детекција.
Останува желбата и уверувањето дека нашата држава, а во тие рамки и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ќе најдат начини за поинтензивно вклучување на младите истражувачи и постдипломци на вакви настани, наменети за усовршување, развој и примена на најновите дигитални технологии на далечинска детекција. Тоа, особено ако се има во предвид дека далечинската детекција станува основна алатка за проучување, анализа и мониторинг на просторните содржини и појави.
Напишала: Бојана Алексова, постдипломец на ПМФ-Институт за географија
Од категорија: Географски вести · Tags: ESA, NASA, remote sensing, TAT, Trans-Atlantic Training Course, географи, далечинска детекција, Прага, работилница, Чешка