Што е тоа попис на население и зошто почнал да се спроведува

3.02.2012

Пописите преставуваат најголем извор на демографски податоци. Со нивно спроведување се прибираат и обработуваат податоци кои се однесуваат на старосна, полова, економска, образовна структура, како и податоци за вработеност на населението, надворешните и внатрешни миграции, занимање, пораст, прираст, густина на населеност итн.

Најголемиот број на држави ги организираат пописите на точно одреден временски интервал од 10 години. Од причина што е неопходно податоците добиени од различни земји да бидат во можност да се споредуваат, се спроведуваат во годините во која завршуваат со „0“ или „1“, и ја регистрираат положбата на еден одреден датум кој го одредува државата и се нарекува критичен момент на Пописот (Цензусен ден). При тоа се води сметка и за методологијата според која се спроведува пописот.

Според одредени вавилонски записи, кои датираат од 3800 п.н.е., секоја шеста или седма година, биле практикувани пребројувања на жители, добиток и храна. Сведоштво за тоа се пронајдените глинени плочки испишани со клинесто писмо на кои меѓу другите информации можат да се забележат и записи за бројната состојба на населението во градовите на Сумерско-асирската и Вавилонската цивилизација и бројот на воени и даночни обврзници.

Подетални документи од првите пописи, датираат од 500-499 година п.н.е., за Персиската империја, и укажуваат дека пописот бил извршен за воени и даночни цели, како и заради издавање на заем за земјиште (Kuhrt A., 1995).

Со настанувањето, а и со брзиот раст на Римската империја се јавува интерес од практични причини да се води сметка за бројноста, социјалноекономската структура и општествената положба на населението. Така уште од времето на императорот Сервие Тулие во 555 г. пред  н.е. започнуваат да се спроведуваат пописи и истовремено да се води евиденција за целокупното население на Империјата. Пописите и овозможиле на Римската империја да превземе разновидни планирања на економски, а особено на планот на военостратегиските потреби за одбрана и освојувачки походи. Римските пописи се сметаат за најдобро развиени и документирани и имаат одиграно значајна улога во управувањето и развојот на Римската империја. Во Рим, пописите се вршеле на секој пет години, и како резултат на редовните пописи, постоеле детални регистри на жителите и нивните имоти, што служело да се дефинираат обврските и привилегиите на секој жител.

Најстарите детални податоци за попис во  Кина, се од периодот на Династијата Хан, од вториот век од н.е., кои укажуваат дека во тој период бројот на жители на територијата на ханската држава бил 59,6 милиони жители (Yoon H., 1985).

Во средниот век, различни држави ја продолжиле традицијата на пописи. Еден од најпознатите примери, датира од 1086 година, од Англија, кога англискиот крал Вилијам Први, организирал прво темелно истражување со цел да воспостави данок на териториите кои ги освоил. Познат е под терминот Domesday book , и како запис е достапен и на интернет од 2006 год.

Domesday book се всушност два независни дела. Едниот е познат како Little Domesday book кој ги опфаќа Norfolk, Suffolk и Essex. Голем дел од останатиот дел од Англија и делови од Велс се содржани во вториот дел насловен како Great Domesday book во кој пак нема истражувања за London, Winchester и некои други градови.

Во средниот век, Отоманската империја започнала со редовни пописи, кои се вршеле на секои триесет години, и кои ги опфаќале и сите нови територии кои Отоманската Империја ги освојувала, воглавно за даночни цели (Sasmaz M., ).Оваа практика била прекината во 17 и 18 век, за да во 19 век се отпочне со систематско собирање на податоци по примерот на американските, британските, и француските попис.  Првите помодерни пописи започнуваат во 1828/29 во кој не се бројат женските лица, а главна цел на овој попис е собирање на информации за оданочување на немуслиманското население и за регрутација на муслиманското машко население. Следните пописи биле спроведенувани во 1844, во 1866 и 1881/82. Последниот попис на Отоманската империја бил спроведен во 1905 година. Во модерна Турција првиот попис е спроведен 1927 година, а наредниот во 1935 година.

Официјалните пописи, всушност не биле популарни во Велика Британија се до средината на 18 век, делумно од религиозни и суеверни причини, а делумно од страв дека податоците би можеле да бидат злоупотребени од страна на непријателите. Во овој период Квебек го одржал првиот официјален попис во 1666 година, Исланд во 1703 година, а Шведска во 1749 година, Обединетите Американски Држави го официјализирале процесот на собирање на податоци и го одржале првиот официјален попис во 1790 година (www.census.gov)

Парламентот на Велика Британија го донесува Законот за попис во 1800 година и првиот официјален попис за Англија и Велс се одржува на 10 март 1801 година. Во Шкотска и Ирска започнале со следење на населението подоцна, дури во 1821 год. Меѓутоа Ирските документи за пописите во 1821,1831,1841 и 1851 се уништени од пожар во Граѓанската војна во 1922 година (www.ons.gov.uk/census/census-history).

Во Република Македонија во периодот по Втората светска војна се спроведени пописа во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994, 2002 година. Малиот временски период од 1991 до 1994 година е поради тоа што пописот во 1991 година беше  бојкотиран од  поголем дел албанското население. Следниот попис се очекува да се спроведе оваа година.

Автор: д-р Билјана Апостоловска-Тошевска

Оваа статија е прочитана 5368 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *