За „импакт факторот“

Во едно друго (претходно) време, еден почитуван професор низ политичките кругови го пласира поимот импакт фактор (висока вредност) во наставно научните достигнувања. Еден негов близок пријател, додека имаше можност (потоа) овој поим успеа да го пласира и протурка и меѓу законската регулатива. Во ред, сето тоа е за почит, меѓутоа импакт факторот е релативна категорија ако се имаат предвид одделните научни области и полиња. Неговата вредност е секаде различна исто како списанијата со импакт фактор кои во светот имаат различно ниво.
Значи, овој фактор неможе и небитребало да се зема како единствен критериум за вреднување на достигнувањата на универзитетските и научни кадри, бидејќи има поединци кои (со чест на исклучоци) со незначителен број трудови со импакт фактор наголемо се издигнуваат во околината како нешто исклучително, а од друга страна немаат ништо друго од останатите универзитетски вредности (чекаа и чекаат владата да им преведе или да им донесе универзитетски учебник).
Се заборава на авторите кои имаат по неколку универзитетски учебници, монографски изданија, картографски дела, уметнички дела и слично, а попатно имаат и поголем број на научни и стручни трудови од импактчиите. Зарем нивниот придонес во наставно научниот процес е помал од еден или нека бидат и неколку трудови со импакт фактор објавени во седумдесетто или стоседумдесетто списание на ранг листата во светот, а притоа нее сменета ниедна технолошка линија во производството или било која цивилизациска корист.
Некој ќе рече ја афирмирам сопствената земја (а притоа се печати под акронимот на референцата) Република Македонија. Да, но во туѓо списание, не во наше. Сами проценете дали е поголема афирмацијата кога сопстевено списание со адреса од Република Македонија, од македонски универзитет, факултет, институт или научно друштво ќе се најде во библиотеките и рацете на научната јавност или таа афирмација ќе биде поголема со еден условно речено „изгубен“ труд во Индиско списание.
Неминовно е да се потенцира и тоа дека во државата Република Македонија има и институции од државен карактер и национален интерес (како на пример институциите за Македонски јази, историја, географија, право, техника) чии достигнувања и гледишта мора да се афирмираат од внатре кон надвор (типичен пример е семинарот за македонски јазик, литература и култура) а не обратно (зарем некој во Франција во наш интерес ќе го афирмира Македонскиот јазик, географијата или историјата на Република Македонија).
Очигледно е дека критериумот импакт фактор несмее да биде единствен. Мора да се имаат предвид авторите на посебни изданија, универзитетски учебници, монографии, карти, македонски списанија, уметнишки дела итн. Да се обидеме на оваа вредна групација барем да и заблагодариме за трудот, ако неможеме да ги удостоиме со награда како оние со „импакт фактор“.
Се надевам дека се разбравме, бидејќи опусот мерен во зборови кај едните и другите е драстично различен. Има и чисти математики, односно, пет или десет луѓе како коавтори публикуваат некој број трудови и сите тие се унапредуваат со истите тие трудови, наспроти оние кои индивидуално го поседуваат тој број.
Не е чесно некои лажно да се возвишуваат и наградуваат, а други со поголеми вредности и научен опус да се забораваат.

Проф. д-р Благоја Маркоски, редовен професор на ПМФ-Скопје

Оваа статија е прочитана 7606 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.