Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Катар – најбогатата земја на светот

Катар – најбогатата земја на светот

21.02.2012

Географија: полуостровска држава со пустинска клима

Катар, или уште попознато како државата Катар или како што локално го нарекуваат Давлат Катар, е Арапски емират, земја на Блискиот Исток, која го зазема малиот катарски полуостров лоциран на североисточниот брег на големиот Арапски полуосторов. Инаку, Катарскиот полуостров е долг 161 километар, а целата држава има површина од 11.500 км квадратни или речиси колку половина од територијата на Македонија. Поголемиот дел од Катар е покриен со песок и со ниски треви, бидејќи се наоѓа во типична пустинска област. На југот од земјата се наоѓа Хор ал Адаид или во превод „внатрешно море“- територија со песочни дини. Највисоката точка на Катар е Кураин Абу ал Бавл со 103 метри надморска височина и се наоѓа на запад од земјата. Климата е типично пустинска: летата се пеколко жешки со температури и над 50 степени, а и зимите се доста топли. Во текот на годината врне само неколку пати, при што вкупната сума на врнежи едвај достигнува околу 80 мм.
Главен град на државата Катар е Доха. Катар се граничи со Саудиска Арабија од јужната страна, додека остатокот од територијата лежи во водите на Персискиот залив. По водена линија на запад Катар се граничи со островот Бахреин. Од 2004 година Катар е поделен на осум општини.

Политичко уредување: Емир на чело на државата

Катар претставува владеачка монархија назначена и предводена од Ал Тани фамилијата уште од средината на 19-тиот век. Како поранешен Британски протекторат најчесто експолоатиран за производство на бисери, својата независност како држава ја прогласува во 1971 година и притоа станува една од најбогатите држави во светот посебно позната по големото изобилство на нафта и природен гас. Во 1995 година, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани ја превзема власта од својот татко Калифа бин Хамад Ал Тани и станува Емир, Исламки владетел на Катар. Најзначајните позиции во Катар се под раководство на членови од фалимијата Ал Тани или нивни блиски доверливи соработници. На почетокот на 1992 година, Катар воспоставил блиски воени врски со Соединетите Американски Дражави притоа станувајќи Стратешка локација на нивниот Команден Центар и заеднички Команден Воздухопловден Центар на Катар. Инаку, 59 годишниот Хамад Бин Калиф важи за прогресивен во муслиманскиот свет. Под негово раководство растат приходите од нафта, ја модернизира армијата и го промовира спортот . На надворешен план станува првиот лидер, кој и покрај противењето на арапските земји ќе почне дијалог со Израел. Хуманитарно помага на африканските земји, за што има добиено безброј ордени и признанија. Вложува многу пари во уметноста и спортот – во 2007 дава рекордни 72 милиони долари на аукција за слика на Ротко. Во спортот се смета за заслужен за промовирањето на Катар како атлетска нација . Во последно време се шпекулираше дека понудил 1,6 милијарди долари за да го купи фудбалксиот тим Манчестер Јунајтед но зделката пропаднала. Катар е познат и како седиште на телевизијата Ал Џезеира формирана со декрет на емирот. Се смета за исклучително влијателен човек во телевизијата иако јавно неколупати е демантирано дека тој е меѓу финансиерите на медиумот.

Економски бум на Катар во последните 20-тина години

Катар има најголем приход по глава жител во светот и е најголем снабдувач со нафта и природен гас во светот. Во 2011 година Катар имал најголем БДП по глава жител во светот од 103.000 долари (за споредба, во Македонија тој е само 4.000 долари по жител), со извонреден економски пораст од 19,40%. Оваа држава со околу 1,7 милиони жители (од кои најголем број работници од странство, а само околу 300.000 домицилно население) има вкупен БДП од фантастични 200 милијарди долари (повторно за споредба, Македонија со 2 милиони жители има БДП од околу 9 милијарди долари!). Главни движечи мотори на брзиот развој и пораст на Катарската економија се големото производство и извоз на течен гас, нафта, петрохемиски производи и слични индустрии од овој вид. Катар доживеал висок економски пораст во изминатите години главно поради порастот на цената на нафтата и поради изнаоѓање на нови ефикасни начини за транспорт на течен гас. По Обединетите Арапски Емирати, Катар има највисок пораст на развој во полето на човечки ресурси во Арапскиот свет. Во 2009 година, Катар се котирал на високото петто место по извоз на пазарот во САД, оставајќи ги зад себе О.А.Е., Израел, Саудиска Арабија и Египет. Најновата економска премиса на Катар се заснова на развој на ресурси кои не се поврзани со експлоатација на природен гас, туку главно во поттикнување на приватните и странските ивестиции во неенергетскиот сектор (особено туризмот). Сепак производството на нафта и гас придонесуваат со 50% во БДП. Се проценува дека резервите на нафта на Катар достигнуваат 15 билиони барели што е доволно за производство на нафта со сегашното темпо во наредните барем половина век. Резервите на природен гас на Катар се проценуваат на околу 26 трилиони кубни метри, што всушност претставува 14% од светското производство и е трета земја производител на гас во светот. Во енергетскиот сектор Катар привлече инвестиции од околу 100 милијарди долари, од кои 60 до 70 милијарди се од САД. Постојат најави дека Катар во следните десетина години ќе инвестира повеќе од 120 милијарди долари во енергетскиот сектор. Исто така, од 2005 година Катар започна со крупни инвестиции во туризмот, во кои до 2015 година ќе вложи 20 милијарди долари (изградба на хотели, атракции, паркови и слично). Така, додека во 2000 година имаше само неколку стотици илјади туристи годишно, денес тој број се искачи на 2 милиони. Во прилог на туризмот е и огромниот аеродром што се гради во Доха. Тој треба да биде завршен во 2015 година и да има капацитет од дури 50 милиони патници годишно. Воедно, енормен раст бележи националната авиокомпанија Катар Ервејз која сообраќа кон голем број дестинации во светот. Моментално, во Катар е во процут и градежништвото, при што од 2005 година до сега се изградени 20-тина облакодери високи и до 300 м, а во градба се 4 облакодери кои ќе бидат високи над 500 м и ќе имаат до 120 ката.
Како многу богата држава, во Катар е висок стандардот на населението. Многу услуги се бесплатни или има најразлични погодности и поволности (образование, здравство, разни елементи од јавен сектор, купување на стан, автомобил). Инаку, просечната плата во Катар изнесува околу 5200 долари, но за работници дојдени од страна таа е само околу 1500 долари.

Население

Катар има монархиска емиратска тип на влада, со комбиниран правен систем составен од Исламски (или уште наречени Шариа) и граѓански права целосно контролирани од страна на Емиратот. Иако граѓанските права се имплементирани во законскиот систем, сепак Исламските права се најчесто користени за решавање на фамилијарни и лични проблеми. Законите се дизајнирани така да ја штитат монархијата и нивните наследни права. Во 2011 година, Катар имал население од 1,692,262 жители. Од тоа, околу 550,000 жители се доселеници на привремена работа во Катар кои главно живеат без своите семејства, а по потекло се од јужна и југоисточна Азија и од другите Арапски земји. Повеќето странски работници кои живеат во Катар со своите семејства се населени во околината на градовите Доха, Ал Кор, Месаиеед и Дукан. Исламот е доминантна религиска определба во Катар, каде околу 80% од популацијата се муслимани. Религијата, според правните закони на Катар, не е предуслов за добивање на Катарско државјанство. Други религии кои се населени во Катар се Христијани 6,5% и друга религиска определба 13,5%. Во изминатите години Катар остварил голем придонес во едукативниот систем. Според државниот закон, основното и средното образование се задолжителни. Во 1973 година е основан Универзитетот Катар. Од неодамна, со помош на Катарската Фондација е овозможено реномирани Американски универзитети да отворат свои едукативни кампови во Катар. Највисокото едукативно ниво е Диплома за завршени додипломски студии.

Според тоа, Катар нема некои големи природни убавини, но богатството од нафта и гас, нивното правилно искористување и управување од страната на Емирот, ја направи оваа држава да има најголем национален доход по жител во светот, надминувајќи ја фантастичната вредност од 100.000$. Огромната финансиска моќ доведе оваа мала држава сместена во суров пустински простор, целосно да се препороди и од некогашната сиромаштија да израсне во важен меѓународен „играч“ не само во Персискиот регион туку и пошироко.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6819 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот · Tags: , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger