Нова, уште посилна геомагнетна бура од онаа во јануари!

8.03.2012

Денес Земјата ќе биде зафатена од силна геомагнетна бура која настанува како последица на завчерашните ерупции на површината на Сонцето. Можни се проблеми со електричните мрежи, сателитски базираните навигациски уреди, авионска опрема и слично.

Бурата која претставува голем облак од наелектризирани честички исфрлени од атмосферата на Сонцето со брзина од околу 7,2 милиони км на час, според научниците е предизвикана од две силни ерупции на неговата површина. Ова веројатно ќе биде најсилната бура во последните 6 години, посилна дури од претходната жестока бура која ја погоди Земјата кон крајот на јануари. Според експертите, бурата се одвива во три фази. Во првата фаза која веќе помина во вторникот, таканаречените сончеви блесоци (ерупции или факели), движејќи се речиси со брзината на светлината стигнаа до Земјата и предизвикаа одредени проблеми со радио-врските. Во втората фаза која започна вчера, сончевото зрачење се „судри“ со земјиното магнетно поле. Тоа предизвика одредени проблеми со авионскиот сообраќај особено блиску до половите, како и проблеми со сателитите во орбитата. Во третата фаза која се очекува денес, облакот плазма исфтрлен од короната на Сонцето ќе ја погоди Земјата (поточно дел од облакот, а поголем дел ќе продолжи понатаму во вселенскиот простор). Оваа последна фаза е најопасна и може да доведе до проблеми со електричните централи и мрежи, сателити, прецизни ГПС инструменти и друга осетлива опрема. Од друга страна, се очекува новата геомагнетна бура да создаде уште поспектакуларни и колоритни аурори (поларни светлини) на северната хемисфера, кои би можеле да бидат видливи дури до околу 40-тиот степен северна географска широчина (со тоа и до Македонија).

Научниците се изненадени од големата зачестеност на сончеви ерупции и геомагнетни бури. Според нив, ако порано биле забележани по неколку силни бури во текот на цела деценија, во последно време речиси секој месец се појавува по една силна бура. Уште повеќе загрижува фактот што Сонцето сеуште ја зголемува својата активност, а максимумот се очекува следната година. Меѓутоа, не може сосема сигурно да се предвиди дали и бурите ќе стануваат се почести и посилни до максимумот во 2013 година или пак ќе има одредена стагнација.

Како и да е, во Македонија не се очекуваат некои ефекти од геомагнетната бура (подетално видете на линкот http://www.igeografija.mk/Portal/?p=644), но ако е ведро времето во текот на вечерта, можеби ќе имаме среќа да здогледаме одблесоци од некоја аурора далеку на северното небо.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4106 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *