Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » 10 – те најголеми езера во светот

10 – те најголеми езера во светот

Често пати сме се запрашaле кои се најголемите езера во светот, каде се наоѓаат и колку всушност  се големи тие езера? Во оваа статија ќе се обидам да дадам одговор на овие прашања. Во продолжение следува листа на 10-те најголеми езера во светот. Во листата покрај слатководните езера, опфатени се и солените езера. Најголемо езеро во светот е Каспиското езеро, по него редоследот е следен: Горно Ез. (Северна Америка), Ез. Викторија (Африка), Ез Хјурон (Сев. Америка),  Ез. Мичиген (Сев. Америка), Ез. Тангањика (Африка), Бајкалско Ез.(Азија),  Големо Мечкино Ез. (Сев. Америка), Ез. Њаса (Африка) и Големото Ропско Ез. (Сев. Америка).

Касписко езеро, често пати именувано како и Касписко море, претставува најголема затворена водена површина. Според типот на постанок е дел од групата на реликни езера, езера кои настануваат под влијание на издигнување и преградување на теснеците или заливите.  Па така Каспиското езеро е остаток од некогашниот океан Тетис. Неговата површина се наоѓа 28  метри под нивото на светското море. На неговите води излегуваат 5 држави: Русија, Азербеџан, Иран, Туркменстан и Казахстан. Завзема површина од 371.000 км кв и има волумен од околу 78.000 км кубни. Има должина од 1.030 км во правец север-југ и ширина од 435 км во правец исток-запад. Најголемата длабочина на ова езеро изнесува 1.025 м. Водата на Каспиското езеро е солена, чиј солинитет се движи околу 1,2%. Со вода најмногу се снабдува од притоките: Волга, Урал, Кума, Терек, Кура и тн., а водата единствено ја губи од испарување. На неговите брегови се наоѓаат следниве поголеми градови: Баку (главен град на Азербеџан),Гурјев (Казахстан), Махачкала (Русија) и т.н.

Горно Езеро (Супериор), е дел од системот на петте големи Североамерикански езера (Горно Ез., Ез. Хјурон,  Ез. Мичиген, Ез. Ири и Ез. Онтарио) воедно е најголемо езеро во оваа група. По површина е второ езеро во светот, а според слатката вода се наоѓа на првото место.  Во однос на типот  на постанок претставува глацијално езеро, кое е настането за време на плеистоцената глацијација. Се наоѓа на надморска височина од 183 м. Завзема површина од 82.367 км кв, која е поделена помеѓу САД и Канада.  Има должина од 563 км, ширина од 257 км и  максимална длабочина од 406 м. Содржи околу 12.000 км кубни вода. Водата најмногу  ја добива од врнежи. Претставува истечно езеро, од кое истекува реката Св. Марија, која има краток тек и се влива во ез. Хјурон. На брeгот на ова езеро се наоѓаат градовите: Дјулут (САД), Хотон (САД), Тундер Беј (Канада) и тн.

Езерото Викторија, се наоѓа во Африка и претставува најголемо езеро на овој континент. Наречено е по британската кралица Викторија. Според типот на постанок, спаѓа во група на тектонски езера. Се наоѓа на надморска височина од 1.134 м. Завзема површина од околу 68.000 км кв, со која е трето езеро во светот, а второ слатководно езеро. Поделено е помеѓу три Африкански држави: Уганда ги завзема северните делови од езерото  (површина од 45%), Кенија  ги поседува севeроисточните делови (површина од 6%) и Танзанија на која и припаѓаат јужните делови од езерото (површина од 49%). Има димензии од должина 337 км,  ширина од 250 км и максимална длабочина од 84 метри. Претставува истечно езеро, од него истекува Белиот Нил. На бреговите на езерото Викторија се наоѓаат следниве поголеми градови: Кампала (главен град на Уганда) и Кисиму (Кенија).

Езерото Хјурон, се наоѓа во Северна Америка и е дел од системот на петте големи Северноамерикански езера. Претставува трето слатководно езеро или се вкупно четврто езеро  во светот (приклучувајќи го и Каспиското езеро, кое е солено). Се наоѓа на надморска височина од 176 метри. Според типот на постанок е дел од групата на глацијални езера. Завзема површина од 59.570 км кв и има волумен од околу 3.540 км кубни. Поделено е помеѓу САД и Канада. Има неправилна форма, чија должина изнесува 332 км, а ширина 245 км. Просечната длабочина кај езерото Хјурон изнесува 59 метри, а максималната длабочина 228 метри. Водата ја добива од повеќе притоки, но најмногу од реката Св. Марија (истекува од Горното Езеро), како и од каналот (теснецот) Макинак, кој на некој начин  е истека на Езерото Мичиген. Имено овој теснец ги спојува двете езера, па затоа многу пати се сретнуваат како едно езеро (Мичиген-Хјурон), во прилог на ова доаѓа и истата надморска височина на која лежат езерата. Ез. Хјурон е истечно езеро, има истека од која истекува реката Сент Клер.  Езерото Хјурон има околу 30.000 острови, меѓу кои најголем е островот Манитулин. Овој остров го дели езерото на два дела, на запад е поголемиот дел од езерото, а на исток се наоѓа заливот Џорџија.

Езерото Мичиген, се наоѓа во Северна Америка и е дел од големите Северноамерикански езера. Претставува петто езеро во светот, a трето по површина во Северна Америка. Името на ова езеро доаѓа од индијански збор, што во превод би значел ,,Големата вода“. За разлика од другите големи североамерикански езера кои се поделени помеѓу САД и Канада,  Мичиген е целосно во територијата на САД. Се наоѓа на надморска височина од 176 м. Според типот на постанок спаѓа во групата на глацијални езера. Завзема површина од 58.000 км кв и има волумен од 4.900 км кубни. Претставува меридијански издолжено езеро, кое има должина од 494 км, а ширина од 190 км. Неговата максимална длабочина изнесува 281 метри. Северниот дел од езерото, преку каналот Макинак (широк 6 км и длабок 37 м) се спојува со езерото Хјурон, кое се наоѓа на иста надморска височина со езерото Мичиген. Преку овој канал (теснец) водата од Мичиген, се движи кон Хјурон. На бреговите на езерото Мичиген се наоѓаат следниве поголеми градови: Чикаго, Милвоки, Гери, Хемонд и тн.

Езерото Тангањика, се наоѓа во Африка, лоцирано е во Источноафриканскиот рифт. Претставува второ езеро во Африка, а шесто по површина во светот. Се наоѓа на надморска височина од 773 м. Завзема површина од 32.000 км кв, која е поделена на четири Африкански држави. Североисточните делови од езерото пипаѓаат на Бурунди, источните делови од езерото се дел од Танзанија, мал дел од југозападните делови припаѓаат на Замбија, додека целиот западен и северозападен дел од езерото припаѓа на ДР Конго (скоро ½ од езерото е под надлежност на оваа земја). Езерото е едно од најиздолжените езера во светот, има должина од 673 км (север-југ), а ширина од 45 км (исок-запад). Има максимална длабочина од 1.470 метри, длабочина со која претставува втора најдлабока криптодепресија (површината на езерото е над морското ниво, а длабочината на езерото е под морското ниво) т.е. второ најдлабоко езеро во светот. Езерото има волумен од 18.900 км кубни вода, волумен со кој е трето езеро во светот (поголеми се само Касписко Ез. и Бајкалско Ез.). Тангањика е истечно езеро т.е. има своја истека. Од ова езеро истекува реката Лукуга (десна притока на реката Конго). Најголеми притоки на езерото се реките: Русизи и Малагараси.

Бајкалско езеро, се наоѓа во Азија, поточно во  Русија (во близина на границата со Монголија). Претставува едно од најстарите езера во светот, настанато е по тектонски пат пред околу 25 милиони години и исполнува простор ограден со систем на раседи. Се наоѓа на надморска височина од 456 метри. Завзема површина од 31,500 км кв. (седмо езеро во светот), има максимална длабочина од 1.741 метар, длабочина со која претставува најголема криптодепресија (површината на езерото е над морското ниво, а длабочината на езерото е под морското ниво), односно најдлабоко езеро во светот. Неговата максимална должина изнесува 636 км, а максималната  ширина 50 км. Претставува најголем резервоар на вода во светот, во него се складирани 20% од слатката вода на светско ниво. Бајкалското езеро е едно од најпровидните езера во светот, има провидност од 40 м. Езерото е истечно, од него истекува реката Ангара, десна притока на Енисеј. Поголеми притоки на езерото се реките Баргузин и Селенга.

Големо Мечкино езеро, се наоѓа во Северна Америка, поточно во Канада. Лоцирано е на артичкиот круг, помеѓу 65° и 67° СГШ и помеѓу 118° и 123° ЗГД. Претставува глацијално езеро, кое е настанато за време на плеистоцената глацијација. Се наоѓа на надморска височина од 186 м. Наречено е по големото присуство на мечки во регионот. Зафаќа површина од 31.153 км кв, површина со која е четврто езеро во Северна Америка, а осмото езеро во светот. Има неправилна форма, чија брегова должина изнесува 2.719 км. Максималната длабочина изнесува 446 метри. Езерото е истечно, од него истекува Големата Мечкина река (десна притока на реката Мекензли). Бидејќи се наоѓа далеку на север, во поголемиот дел од годината е под мраз.

Езерото Малави или Њаса, се наоѓа во Африка, поточно во Источноафриканскиот рифт. Неговата површина лежи на надморска височина од 500 м., а завзема површина од 29.600 км кв, со која е трето езеро во Африка, а девето по големина во светот. Поделено е помеѓу три Африкански земји. Најголемиот дел од езерото т.е. неговите  јужни и западни делови се дел од Малави, североисточните делови од езерото припаѓаат на Танзанија, а источниот дел од езерото е дел од  Мозамбик (со исклучок на два острова, кои и припаѓаат на Малави). Имено езерото е меридијански издолжено езеро, чија должина се движи до 580 км, додека ширината достигнува до 75 км. Има максимална длабочина од  706 метри. Езерото Малави е истечно езеро,  од кое истекува реката Шире, лева притока на реката Замбези. Малави во 1984 година е ставено во листата на заштита под УНЕСКО.

Големо Ропско езеро, се наоѓа во Северна Америка поточно во  северозападните делови на Канада. Претставува глацијално езеро, кое е настанато како резултат на плеистоцената глацијација. Неговата површина лежи на надморска  височина од 156 м. Има неправилен облик, претставен со повеќе заливи. Завзема површина од 27.200 км кв, со која е петто езеро во Северна Америка, а десето по големина во светот. Ропското езеро е истечно езеро, од него истекува реката Мекензи. Најголема притока на езерото е Ропската река. Бидејќи се наоѓа на голема географска широчина, во поголемиот дел од годината е замрзнато.

Користена литература:

 Василески Д. (2011) Постанок на езерата и типови на езерски базени, Општа лимнологија, Скопје

 Мијалов Р. (1998) Хидрографија, Географија на Азија, Скопје

Интернет страни:

http://www.igeografija.mk/Portal/?p=1657

http://en.wikipedia.org/wiki/List_of_lakes_by_area

 

Подготвил: Дарко Стојчески

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , ,

Leave a Reply

*