Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Камерон се спушти до најдлабоката океанска точка на Земјата!

Камерон се спушти до најдлабоката океанска точка на Земјата!

26.03.2012

Ноќва пред полноќ по средноевропско или „наше“ време, односно нешто пред 8 часот наутро по локалното западно-пацифичко време, познатиот режисер и авантурист Џејмс Камерон конечно се спушти на најниската, односно најдлабоката океанска точка на Земјата во подрачјето на Маријанската депресија наречена Челенџер Дип. При допирот на подморницата до дното, инструментите забележале длабочина од дури 10.898 метри. Ова е второ вакво спуштање на човекот по 1960 година, меѓутоа прво самостојно (соло), а воедно и прво долготрајно спуштање (претходното траело помалку од 20 минути). По спуштањето на подморницата Deepsea Challenger, Камерон до истражувачките тимови на бродовите Mermaid Sapphire и Barakuda кои се на површината, речиси 11 км над него, испрати кратка едноставна порака дека „сите системи се во ред“. Во моментот тој изведува детална 6-часовна „прошетка“ по дното, набљудувајќи од тесниот кокпит на подморницата. Инаку, самата подморница долга 7 м е технолошко чудо, конструирана за многу брзо спуштање во амбисот (150 метри во минута), со специјална заштита од високи притисоци на екстремните длабочини и бројна софистицирана научно-истражувачка опрема. Така, спуштањето со оваа подморница која Камерон ја нарекува „вертикално торпедо“ се изведе за неполни час и половина, а речиси исто време ќе биде потребно да изрони на површината. Големата брзина беше неопходна за целата мисија да се изведе преку ден, а при тоа да остане доволно време за набљудувачко маневрирање и изведување на истражувачки операции на дното. Инаку, низ специјално сферно стакло на кокпитот е овозможено Камерон директно да го набљудува дното, за кое научниците велат дека е многу понепознато, отколку површината на Месечината. Снимањето пак на сеуште непознатиот свет се одвива со посебно изработена 3Д камера и многу силни ЛЕД-рефлектори, при што се очекуваат импозантни снимки. Воедно, движејќи се по дното, подморницата со помош на роботска рака, собира примероци од седименти и жив свет кои за прв пат ќе бидат видени и изнесени на површината веќе во текот на денешниот ден. Сепак, нивната детална анализа ќе трае многу долго, а не се исклучени и  бројни новини, па и непланирани откритија. За геолозите пак, се очекува оваа мисија која е резултат на соработката на National Geographic, Rolex и Џејмс Камерон, да донесе нови сознанија за подвлекувањето на континенталните плочи на овој простор и геолошките процеси поврзани со него. Според тоа, во наредните денови може да очекуваме навистина интересни информации за светот од најниската точка на планетата Земја.

Дополнение (20.30 ч): Камерон се врати на површината и ги изнесе своите први впечатоци за дното на Маријанскиот Ров. Според неговите зборови: „се чувствував како да се наоѓам на некоја друга планета“. Покрај големите очекувања, подводниот свет бил доста пуст, без некои очекувани впечатливи макроскопски животни. Инаку, заради одредени технички проблеми, наместо предвидените 6 часа, Камерон на дното се задржал само околу 2,5 часа.

Извор: www.nationalgeographic.com

Подготвил: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 4100 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger