Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Има ли потенцијални лежишта на нафта во Македонија?

Има ли потенцијални лежишта на нафта во Македонија?

28.03.2012

Има ли лежишта на нафта во Македонија или нема? На оваа тема кај нас се дебатира, за неа се пишува речиси половина век, а во последно време зголемен интерес покажуваат и странските компании. 
Во периодот од крајот на педесеттите години на минатиот век до крајот на шеесеттите години, тогашната југословенска влада одобрила и делови од Македонија да влезат во програмата за нафтени истражувања финансирана од сојузниот буџет. Во таа програма влегле истражните работи во Тиквешијата, во Скопско Поле и во Овчеполието и тоа на повеќе локации зашто првичните снимања покажале дека теренот на тој простор најмногу одговора за потенцијални нафтени наоѓалишта. Првично најбрзи охрабрувачки резултати имало при истражните работи во атарот на пробиштипското село Плешинци, кое во еден дел влегува и во Овчеполието. Таму речиси на површината на земјата биле откриени нафтени шкрилци што месното население, при недостиг од дрва, ги користело и сеуште ги користи за огрев. Истите одреден период дури се експлоатирале и биле носени на преработка во Србија. Веќе во 1968 година, екипа на „Нафтагас“ од Нови Сад, која во поранешна Југославија била најголемата компанија за нафтени истражувања, дошла во овчеполската рамнина и започнала да трага по црното злато. Истражувањата на „Нафтагас“ од Нови Сад, Војводина покажале дека во Македонија има нафтени шкрилци и индиции за сурова нафта, при што нивната концентрација е најголема во Овчеполието (во споредба со Тиквешијата – делот кон Криволак и со испитувањата вршени во скопскиот регион). Во регионот на Овчеполието, нафтени истражувања биле вршени во атарите на селата Ерџелија, Врсаково, Мустафино и на неколку локации во близина на градот Свети Николе. Екипите на „Нафтагас“ биле опремени со дупчалки за нафта што ги транспортирале на камиони и со воз и во тој период биле атракција за локалното население. При истражните работи кај Свети Николе работниците од „Нафтагас“ по релативно кратко бушење успеале да откријат жила на солена вода што за стручњаците било доказ дека претпоставките дека во Овчеполието има нафта се основани, но дека се потребни и дополнителни сериозни истражувања. Најдобар резултат во Овчеполието дала дупнатината што била во близина на селото Ерџелија. Таму по неколкумесечна работа и достигната длабочина од близу 2000 м, екипите на „Нафтагас“ успеале да извадат природен гас, а веројатно и одредено количество на нафта, на што му претходела силна експлозија поради пробивањето кон природниот гас. Тоа било повод за бројни новинарски екипи кои дошле на местото на настанот да го гледаат природниот пламен кој горел со месеци. Меѓутоа, набргу потоа истражните работи во тој регион биле запрени, по што бил изработен и извештај со елаборати од извршените геолошки и геомеханички истражувања на почвата. По 2 години од почетокот на истражувањата, стручњаците на „Нафтагас“ си заминале за Србија, носејќи ја со себе целокупната документација, која веројатно и до ден денес е во архивите во Србија. Поради ниската цена на нафтата на светскиот пазар во тој период од само околу 10-20 долари за барел, немало голем интерес за продолжување со истражувањата, ниту пак сосема точно се знае до какви сознанија дошле стручњаците на „Нафтагас“. Но денес цената на нафтата е 10 пати поскапа и урива рекорди, а техниката за утврдување на лежишта на нафта е значително напредната. Воедно, значителните откритија на резерви на нафта и природен гас во соседните земји ги подгреваат и нашите надежи. Така, во Албанија неодамна повеќе странски компании открија огромни резерви на нафта долж брегот на Јадранското Море од близу милијарда барели, а заедно со останатите лежишта, вкупните резерви се проценуваат на речиси 1,5 милијарди барели нафта. Истражувањата што се во тек можеби ќе ја оправдаат споредбата за Албанија како Кувајт на Балканот. Србија, пак, прави планови за извлекување околу 400 милиони тони нафтени шкрилци од својата територија во близина на Алексинац, што може да резултира со близу милион тони нафта. Претходно во оваа држава веќе се потврдени резерви од околу 80 милиони барели нафта во Панонскиот басен, а речиси исто толкави резерви има и во Хрватска. Во Бугарија пак, на повеќе локации (главно северно од Софија) се откриени големи резерви на природен гас од близу 30 милијарди метри кубни. Во Романија, заедно со последните откритија е потврдено дека има најголеми резерви на нафта и природен гас на Балканот, многу повеќе дури и од Албанија.
Затоа не е чудно што се повеќе странски компании кои имаат доволно финансиски средства и технологија, се интересираат за можни лежишта на нафта во Македонија и тоа претежно во Овче Поле. Првичните проценки на некои компании и домашни експерти одат од една во друга крајност: од тоа дека воопшто нема нафта, па до тоа дека резервите се значителни. Сепак, со оглед на морфологијата на теренот, геолошката градба (дебели слоеви на еоцени седименти налегнати врз палеозојски шкрилци) и геотектонската структура, сосема е можно да има одредени лежишта на нафта на поголема длабочина од 2-5 км (инаку во Светот често се дупчи и до длабочина од 10 км!). Во најдобар случај, во овој басен со површина од околу 200 км кв., тие резерви не би надминувале неколку милиони барели (1 барел одговара на 117 литри). Ако на тоа се додадат и нафтоносните шкрилци кај с. Плешинци, веројатно од регионот на Овче Поле би можело да се очекуваат вкупни резерви на нафта од најмногу десетина милиони барели или до околу 1 до 2 милиони тони што одговара на двегодишните потреби за нафта на нашата држава. Сепак, вистинската состојба може да се сознае само со детални истражувања и дупчења кои се доста скапи и неизвесни. Затоа се наметнува констатацијата дека за Македонија е многу посигурно, поисплатливо и „поеколошки“ да се вложува во истражување и користење на сончевата енергија која докажано ја има во големи количини и од која би се добивала топлотна или електрична енергија. Србија, која има значително помалку сончева енергија, минатата година веќе договори изградба на огромна соларна електрична централа. Слични чекори прават и останатите држави во регионот. Трендот е скапата нафта постепено да се заменува со електрична енергија, а дел од неа пак, да се добива од сончева енергија и други алтернативни извори.

Извори:

http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=EC0D89E93452A94786401901A3014EF2
http://www.mkd.mk/21924/udarna-vest/ovce-pole-nafta-gas-nafta-gas-probistip/
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/features/2012/02/22/feature-02

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5721 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Еден одговор на "Има ли потенцијални лежишта на нафта во Македонија?"

  1. Горан Китевски says:

    Одлична статија професоре Милевски.
    Мое конкретно мислење е дека треба да се направат конкретни истражувања во врска со ценетиот ресурс на територијата на Република Македонија. Покрај извесните показатели кои можеби укажуваат на евентуалното постоење на нафтата во Македонија, сепак постојат и други, општествени показатели за можноста во Македонија да има (огромни) резерви на нафта.
    Најпрво, би ја спомнал геополитичката валоризација на Македонија во модерниве времиња. Како земја која има само слаба геополитичка вредност во споредба со некогашната поставеност и регионално значење, сепак Македонија е ценета од светскиот фактор. Секако дека треба да се спомене и заентересираноста на Соединетите Американски Држави конретно за овие простори. И понатаму може да се зборува за политичките аспекти на надворешен фактор кон Р. Македонија, заради ресурсната поткованост на нашата држава.

    Можеби вистинското прашање е: зошто евентуалното постоење на нафта не е сеуште обелоденето (или поконкретно, зошто нема вистински обиди да се установи евентуалното присуство на црно злато)?

    Еден од одговорите сигурно би се наоѓал во монополизацијата од геоекономски глобални рамки чија основа се наоѓа на нафтената вредност. Имено, кога се форсира конечност на нафтата – а со тоа и поголема цена (што помалку – тоа поскапо), откривањето на (огромни или било какви) резерви на нафта во Република Македонија, би претставувало потврда за едни поинакви теории околу генезата и природата на црното злато, како и комплетно пореметување на главните пазарни врски кои носат огромни пригоди на регионални и глобално ниво.

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger