Пејсажи од Македонија

8.04.2012

Ви претставуваме избор од десетина оригинални фотографии на карактеристични, претежно природни пејсажи во Македонија. Дел од фотографиите се снимени за време на теренските настави и истражувања со студентите на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.

Поглед од врвот Голем Кораб (2753 м) кон сипарите околу врвот Кепи Бард (2589 м) покрај границата со Албанија.

Еден од бројните циркови на Шар Планина источно од врвот Бакрдан (2704 м), со моренски бедеми по дното (на околу 2400 м н.в.), снимени во месец август.

Гребенот на планината Кожуф по самата граница со Грција со остриот врв Дудица (2132 м), снимени од највисокиот врв на Кожуф, Зеленбег (2166 м).

Поглед кон Пелагонија од карпите покрај патот Прилеп-Витолиште (надморска височина 900 м), односно од ограноците на планината Дрен над с. Штавица.

Снимка од карпестиот врв Козјак (1200 м) на Сува Планина кон езерото Козјак, долината на Треска и кон областа Порече.

Снимка од висорамнината Витачево – Кавадаречко (810 м н.в.) кон долината на Црна и околните планини. Во позадината, далеку на север се гледа масивот Јакупица (Мокра).

Панорамска снимка на Демиркаписката клисура всечена во сивкасто-бели варовници. Од една страна, клисурата претставува добра комуникациска врска, а од друга страна е одредена климатска бариера помеѓу средното и јужното Повардарие.

Пролетна панорама на Дојранското Езеро со планината Беласица во позадината. Инаку, ова подрачје се одликува со најтопли зими во Македонија, заради што овозможува одгледување и на некои суптропски култури.

Залез на Сонцето над Охридското Езеро снимено од планината Галичица на височина од 1500 м близу превојот Липова Ливада (1568 м). Во позадината се планините Мокра (лево) и Јабланица (десно).

Езерото Матка во делот од истоимениот кањон. Во позадината е Сува Планина.

Интересен релјефен локалитет „Маркови Кули“ северно од градот Прилеп, единствена таква појава (поточно од такви размери) не само во Македонија туку и пошироко.

Земјани пирамиди во локалитетот Куклица, снимени во есенски период од возвишението Забел.

Претставените, но и бројните други пејсажи од Македонија покажуваат колку интересна и разновидна физиономија има нашата држава, особено имајќи ја во предвид релативно малата површина што ја зафаќа. Тоа е вистинско природно богатство, со кое треба да се гордееме, да го промовираме но и сочуваме за идните генерации.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7260 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *