Sports Tracker – извонредна ГПС апликација за „следење“ на вашето рекреативно движење

8.04.2012

За оние што често го поминуваат времето во рекреативно планинарење, шетање во природа, возење на велосипед, но и било каков сличен вид на рекреација со „движење на отворено“, неодамна излезе новата, збогатена верзија на бесплатната ГПС (глобален позициски систем) апликација Sports Tracker. Наменета е за инсталација на „паметни“ мобилни телефони (iOS, Android, Symbian, Windows Phone) и други преносни уреди со вграден ГПС чип. Апликацијата поседува бројни можности за следење и бележење на патеката на движење, видот на активност (пешачење, трчање, планинарење, велосипедизам), брзината, надморската височина, поминати чекори, па дури и за согорени калории или пак преглед на фотографиите снимени по патот. Сите податоци, автоматски се запишуваат во вид на дневник на активности, кој може да се прегледува и анализира по потреба. Поминатиот пат од една или повеќе активности може да се зачува во векторски фајл (.gpx) и да се прегледа или нанесе на сопствена дигитална карта, Google Earth или слично. Она што е уште поинтересно е можноста за директно on-line префрлање на податоците поврзани со движењето, од мобилниот телефон, на страницата на Sports tracker (по претходно бесплатно регистрирање) или пак на вашиот профил на социјалните мрежи (на пример на Facebook или Tweeter). При тоа, постои можност за префрлање и на фотографиите снимени во текот на движењето заедно со точната локација од каде се вршело снимањето. На тој начин, доколку сакате вашите пријатели може да го следат вашето движење на страницата на Sports Tracker преку детална Google Earth подлога (врз сателитски снимки, изохипси, едноставна карта или комбинирано).

Оваа одлична апликација, од своето појавување во 2004 година до сега е симната над 100 милиони пати во повеќе од 200 држави, при што на страницата вкупно се забележани движења од 150 милиони км! Нашите анализи покажаа дека податоците за патеките на движење, доста точно се пренесуваат на карта, која пак исто така е многу детална. Сепак, точноста главно зависи од квалитетот на ГПС уредот во мобилниот телефон и неговите параметри. Како и да е, од нас секоја препорака за Sports Tracker кон сите вљубеници во „мобилната рекреација“ без оглед дали е во природна или урбана средина!

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4637 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *