Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Географски филмски грешки

Географски филмски грешки

11.04.2012 

Сите гледаат филмови, од најмалите до најстарите, секакви жанрови. Од филмовите може многу да се научи, но сепак треба да се внимава и на грешките, нешто да не биде погрешно. Пред се да се внимава на географските грешки бидејќи се едни од најбројните. Режисерите или поради своето незнаење или поради незнаењето на гледачите филмовите ги прават токму онака како сакаат и им одговара. Ова се само некои од многуте географски грешки во некои од најпознатите филмови.

Кракатау, Источно од Јава (англиски: Krakatoa, East of Java) е филм од 1969 г. во режија на Бернард Ковалски. Главни актери се: Максимилијан Шел и Дијана Бејкер. Еден од првите филмови со т.н. „големи катастрофи‟. Бил номиниран за Оскар за најдобри визуелни ефекти. Сето тоа е убаво и филмот е добар, меѓутоа режисерот требал да фрли еден поглед на географската карта и потоа да го стави насловот на филмот. Кракатау е вулкански остров во Сунданскиот Проток меѓу Јава и Суматра во Индонезија. Јава се наоѓа од неговата источна страна и насловот на филмот би требало да гласи „Кракатау, Западно од Јава‟ (англиски: Krakatoa, West of Java). Најсилна била ерупцијата во 1883 г. кога острвот бил потполно разурнат. Повторно силни ерупции имало во 1927 и 2009 г. и се уште важи за активен вулкан.

Нешто повеќе за Кракатау на http://www.igeografija.mk/Portal/?p=689

Паркот Јура (англиски: Jurassic Park) е филм од 1993 г. под режија на Стивен Спилберг, базиран е на истоимениот роман на Мајкл Криктон. Како главна тема на филмот е фиктивниот остров Исла Нублар, каде научниците создале забавен парк со клонирани диносауруси. Џон Хамонд (Ричард Атенбург) поканува група научници да го посетат паркот. Поради саботажа, диносаурусите ќе се ослободат, па техничарите и посетителите се обидуваат да избегаат од островот. За време на премиерата, филмот заработил 914 милиони долари и со тоа станал најуспешниот филм за таа година, а моментално се наоѓа на десетото место на најпосетувани филмови. Можеби би бил помалку посетуван доколку се знае географијата. Имено на почетокот на филмот Денис Недри (Вејн Најт) се наоѓа во Сан Хозе во Костарика. Сан Хозе е главен град на државата, а не како што е прикажан некое рурално место или село и што е најважно се наоѓа во внатрешноста на државата и во негова близина нема палми и неможе да се види океан.

Можете да проверите на видеото http://www.youtube.com/watch?v=PvawCGz86yY (1:00)

Троја (англиски: Troy) е филм од 2004 г. во режија на Волфганг Петерсен. Филмот е базиран врз Хомеровата Илијада и приказната е за Тројанската војна и грчката митологија. Во главните улоги настапуваат: Бред Пит како Парис и Орландо Блум како Ахил. Бил номиниран за Оскар за најдобра костимографија. Во ред е тоа, но веројатно Волфганг Петерсен не учел биогеографија. Во филмот во неколку сцени може да се видат лами. Ламите се домашни животни кои потекнуваат од Јужна Америка. Најмногу се користат за товарење и пренесување. Се јавуваат во различни бои, од бела, преку кафеава и сива до црна. Често е шарена во комбинација од овие бои. Височината до врвот на главата изнесува 1,8 м, а масата помеѓу 130 и 200 кг. Во филмот може лесно да се забележат и необјасниво е како во 1200 г. п.н.е. во Турција, која се наоѓа на илјадници километри од Јужна Америка, може да се најдат.

Видео од филмот http://www.youtube.com/watch?v=_jCjL9jBHGg&feature=player_embedded

Армагедон (англиски: Armageddon) е филм од 1998 г. кој го режирал Мајкл Беј. Во главните улоги играат: Брус Вилис, Бен Афлек и Лив Тајлер. Само 18 дена ја дели Земјата од удар со метеор со големина на Тексас, метеорот кој би ги уништил сите форми на живот. Научниците на НАСА на чело со Ден Труман (Лив Тајлер) на помош ќе го повикаат најголемиот стручњак за бушење нафта Хери Стампер (Брус Вилис). Но него го мачат други проблеми. Филмот е одличен и без грешка се до самиот крај. Големиот метеор експлодира и гледаме како луѓе од целиот свет излегуваат надвор да го прослават тоа. Гледаме луѓе од разни делови од светот, од САД, Индија, Турција итн. и „секаде е ден‟. Тоа не е можно бидејќи Земјата ротира околу нејзината замислена оска. Ротацијата се врши од запад кон исток и една ротација трае 24 часа. Како последица на ротацијата настанува смената на ден и ноќ на сите точки на земјината површина и затоа во едни делови од светот би било ноќ, а во други ден.

Делот од филмот http://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=pILXoPluHtw

Индијана Џонс: Кралството на Кристалниот череп (англиски: Indiana Jones: Kingdom of the Crystal Skull) е филм на Стивен Спилберг од 2008 г. Во главната улога се појавува Харисон Форд во улога на археологот и авантуристот Индијана Џонс. Дејството на четвртиот дел по ред филм од триологијата Индијана Џонс е сместено во 1957 год. Сега стариот Индијана Џонс (Харисон Форд) се кара со агентот на Советскиот сојуз кој го предводи Ирина Спалко (Кејт Бланшет) во потрага по кристалниот череп. Убав филм, авантура, треба да се изгледа, но филм кој сигурно има најмногу географски грешки, а некои од нив се:

– во Мексико се наоѓа пирамидата Чичен Ица, а на филмот е во Перу,
– не постојат такви водопади во Перу како во филмот, некои од нив се на Хаваите, а некои се во Аргентина,
– На картата на Средна Америка пишува  држава Белизе, но ако се знае дека дејството на филмот е од 1957 г., тогаш и тоа е грешка. Државата во 1973 г. го добила ова име, а претходно се викала Британски Хондурас.

Постојат многу географски филмски грешки, а во новите филмови постојано се повторуваат. Во филмот The Thing од 2011 г. дејството се одвива на Антарктик. Континентот Антарктика се наоѓа јужно од јужен поларен круг, постојат долги периоди на постојана темнина или пак постојана светлина. Грешка е тоа што постојано има смена на ден и ноќ. Грешка постои и во филмот Captain America: The First Avenger од 2011 г. На ѕид се наоѓа карта од Северна Америка на која се наоѓа и Нунавут. Нунавут е најголемата и најновата федерална единица на Канада која на 1 април 1999 г. се отцепила од Северозападните Територии со Актот на Нунавуд. Во 1941 г. кога се одвива дејството во филмот Нунавуд не постоел. Во филмот Contagion од 2011 г. има повеќе географски грешки, кога се прикажува картата на светот Торонто е лоциран на местото на Монтреал, Барселона е главен град на Шпанија итн.

Автор: Ивица Маџевиќ, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 5991 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger