Дводневна теренска настава до Мариово и Порече

26.04.2012

На 25 и 26 април (среда и четврток), со студентите од четврта година на Институтот за географија (наставна насока) беше изведена теренска настава до Мариово, Крушево, Порече и Церско. Во првиот ден, по тргнувањето од Скопје, студентите имаа можност преку Прилеп да навлезат и да го посетат прилепскиот дел на Мариово, со подолго разгледување на централната населба во овој простор – селото Витолиште. Инаку, Мариово е карактеристична брановидна котлина во крајниот јужен дел на Република Македонија, од сите страни заградена со средно високи и високи планини. Така, на запад е заградена со Селечка Планина, на север со планината Дрен, на исток со планината Козјак, а на југ со високата планина Ниџе. Мариово географски е поделено на прилепско Мариово на северозапад, битолско Мариово на југозапад и кавадаречко Мариово на исток, а вкупната површина на сите овие делови е околу 1250 км кв. Овој простор има многу интересна релјефна физиономија и климатски одлики, а низ средишниот дел, од запад кон исток поминува Црна – најголемата река во областа. Мариово има 30 села со уникатна физиономија и изглед, но за жал, по силните иселувања од 1950-тите години до денес, најголем дел од селата се раселени или речиси пред целосно раселување. Всушност, денес во цело Мариово вкупно живеат само околу 800 жители по што е најретко населена област (котлина) во Македонија со помалку од 1 жител на км кв. Губењето на статусот на општина на Витолиште, уште повеќе го забрза процесот на депопулација и „запустување“ на овој регион кој има солидни потенцијали за стопански развој.

По разгледувањето на селото Витолиште до кое води добар асфалтен пат, како и неколкуте интересни географски објекти и појави кои можат да се видат по патот, студентите со наставниот кадар се вратија во градот Прилеп, со цел кратко разгледување, ручек и одмор во самиот град. Во попладневните часови пак, се изведе неколкучасовна посета на Крушево, со запознавање на сите убавини, знаменитости, но и географски проблеми и ограничувања со кои се соочува највисокиот град во Република Македонија. При тоа, неизбежна беше посетата на Македониумот, музејот на Тоше Проески, спортско-рекреативниот центар и други интересни објекти. На крајот на првиот ден, по посетени бројни објекти и изминати речиси 350 км, во чест на студентите – апсолвенти беше организирана свечена вечера, со прекрасно другарување, песна, забава и споделување на впечатоците од бројните географски доживувања.

Следниот ден (26.04) се изведе посета на Поречкиот регион во басенот на реката Треска, помеѓу планините Јакупица (Мокра) на исток и Сува Гора (со Добра Вода и Песјак) на запад. Слично како Мариово и областа Порече има интересни природни карактеристики, но е слабо населена или поточно значително раселена и стопански „запоставена“. Состојбата можеби ќе се промени по изградбата на асфалтниот пат Скопје-Македонски Брод-Кичево. Сепак, овде навистина има што да се види. Особен впечаток предизвика изворот на Беличка Река (притока на Треска) кај селото Белица, од кој според проценките, во секоја секунда избиваа по околу 15 м кубни кристално чиста вода. Бројните брзаци ја запенуваат речната вода од каде и името – Беличка Река. Поради чистата, студена вода, покрај реката се изградени неколку големи рибници со многу квалитетна риба. Во областа има и повеќе пештери од кои беше посетена импозантната Пешна – пештерата со најголем отвор („влез“) не само во Македонија туку и пошироко. Потоа со студентите се упативме по долината на Треска до Кичево, а од тука до Церско Поле на планината Баба Сач (јужно од Кичево), најголемото и најкарактеристично карстно поле во Македонија. По кратко предавање од наставниците, повторно се вративме во Кичево со кратко разгледување на центарот на градот и организиран ручек. Во доцните попладневни часови, по поминати вкупно близу 650 км, групата се врати во Скопје.

Очигледно, бројните појави, објекти и подрачја што ги запознаа, дружењето, забавните моменти и колегијалниот однос за време на теренската настава, претставуваа прекрасно доживување за студентите. Воедно, тоа беше вистинско задоволство за наставниот кадар кој имаше чест на ваков пријатен и оригинален начин да ги заокружи теренските активности на уште една извонредна генерација географи!

Автор: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 5204 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *