Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Глацијални езера на Шар Планина

Глацијални езера на Шар Планина

Се смета дека после Рила, Шар Планина претставува планина најбогата со леднички езера на Балканскиот Полуостров. Вкупно на планинскиот масив регистрирани се 39 вакви езера, 25 постојани и 14 повремени, а на територијата на Република Македонија ги има 19. Сите се наоѓаат во појасот помеѓу 1820 и 2440 метри н.м.в. и нивниот постанок во целост е врзан за периодот на глацијација и интерглацијација. Со повлекувањето и топењето на мразниците предните делови на цирковите се оградуваат со моренски материјал, додека пукнатините и малите понори со нанос од палеозојски шкрилци и други материјали. Така водата од топењето на мразниците се заезерува, а тука притекува и околната изворска вода како и водата од снежно потекло од повисоките делови на циркот.

–         Боговињско Езеро: Езерото се наоѓа меѓу Бриставец и Мала Смрека на 1.960 m надморска вицина и спаѓа во групата на валовски акомулациони езера. Долго е 452 метри, широко 225 метри и длабоко 2,20 метри. Должината на бреговата линија му изнесува 1200 метри, а површината 66880 m² со што претставува најголемо ледничко езеро во Република Македонија. Во текот на сончевите летни денови водата се загрева до околу 15°C, а во текот на зимата езерото е под мраз.

–         Големо Караниколичко Езеро: Трето според површината која ја зафаќа (26240 m²) и прво според длабочината од 5,6 метри е Големото Караниколичко Езеро. Тоа се наоѓа во еден од најпристапните циркови на Шар Планина, на падините на Кара Никола, на надморска височина од 2180 метри. Бојата на езерската вода во плитките делови е светлозелена, а во подлабоките темносина со провидност до околу 3,6 метри. Ова езеро располага и со најтопла вода во текот на летните месеци чиј што индекс е над 18°C, а често дури и до 23°C. Бидејќи нема површинска притока со вода се храни од сублакустриски извори и врнежи, а за време на висок водостој добива површинска отока чие корито е всечено во моренски материјал.

 

Од останатите глацијални езера на Шара како поголеми и позначајни се издвојуваат: Црно Езеро, Бело Езеро, Мало Караниколичко Езеро, Црн Ѓол, Кривошиско Езеро, Големо и Мало Деделбешко Езеро, Долго и Горно Врачанско, Долно и Горно Доброшко Езеро, Вакувско и други.

  1. Николиќ Р.Т. (1912) : Глацијација Шар Планине и Кораба. Гласник геолошког друштва, Београд
  2. http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%91%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%9A%D1%81%D0%BA%D0%BE_%D0%95%D0%B7%D0%B5%D1%80%D0%BE

Подготвил: Глигорије Џилвиџиев

Оваа статија е прочитана 9903 пати!

Објавено од:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger