Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести, Наставни » Географски информациски системи – Нов универзитетски учебник

Географски информациски системи – Нов универзитетски учебник

Во октомври 2011 година, од печат излезе универзитетскиот учебник Географски информациски системи. Автор на учебникот е д-р Благоја Маркоски, редовен професор на Институтот за географија-ПМФ, при Универ­зи­те­тот Св. Кирил и Методиј.

Учебникот Географски информациски системи е одобрен од страна на Наставно-научниот совет на Природно-математичкиот факултет во Скопје како основен учебник, наменет пред се за студентите запишани на студиумот по географија, односно насоките географски информациски системи, демографија, туризам, физичка географија и нас­тав­на­та насока.
Изработен е во склад со актуелните студиски програми на наведените насоки.

Учебникот на студентите им овозможува комплетен увид во научната методологија и користената технологија во проектирањето, изработката, дизајнот, се до потполната фун­кционалност на конкретен географски информациски систем.

Концепциски, учебникот е поделен на два главни дела, т.е. теориски аспекти на географските информациски системи и апликативни аспекти на географските информа­ци­ски системи.

Првиот дел на учебникот овозможува спознавање на теориските аспекти на гео­графските информациски системи, што е всушност неопходна база на информации за влез на читателот во апликативниот дел. Во овој дел разработени се предметот, проблемот, методите, принципите, значењето и примената на ГИС. Даден е преглед на развојот на географските информациски системи, како и поврзаноста со другите науки, со посебен осврт на картографијата, географијата, информатиката и статистиката. Потенцирани се неопходните човечки и технички ресурси и главните елементи во изработката. Голем простор е посветен на концепциите на географските информации и просторните методи, каде станува збор за географските и негеографските информации, ентитети/атрибути, типови и категории на податоците, просторните одлики на информациите, координатните системи и картографските проекции, концепциските модели, претставувањето на гео­г­раф­ските информации и функционалноста на ГИС.

Вториот дел, го воведува читателот во апликативните аспекти на географските информациски системи. Авторот најнапред на читателот му ги преставаува предусловите за развој и изработка на географските информациски системи како: техничките (хардвер и софтвер), неопходниот кадар, изворите на различните податоци и за заинтере­си­раните корисници. Во едно од поглавјата на едноставен и разбирлив начин на читателот му е претставен процесот на изработка на географскитe информациски системи, односно картографската подготовка, базитете на податоци, интеракцијата меѓу географските и негеографските податоци, заклучно со потполното функционирање на ГИС. Она што учебникот го издвојува од другите учебници од оваа проблематика е неговата практичност. Желбата на авторот за несебично пренесување на стекнатите знаења и искуства на студентите е преточена во поглавјето во кое станува збор за практичната примена на софтверскиот пакет Auto DESK MAP во изработката на ГИС. Во него читателите можат да се запознаат со основните функции на софтверот, креирањето на дигиталните карти, топологиите, специјалните и географските анализи. Во последното поглавје станува збор за искористувањето на ГИС апликациите, односно ГИС анализите, барањата,  доработката на картографските цртежи, и тиражното печатење. Големиот број термини со кои студентите прв пат се сретнуваат се објаснети во терминолошкиот речник на крајот од учебникот.

Од технички аспект учебникот е одлично дизајниран, со модерна корица, на 234 страни, во B5 формат (250 x 176 mm), со голем број фотографии, табели и шематски при­кази.

Иако првично наменет за студентите на студиумот по географија, учебникот нуди теориски и практични информации корисни и за студентите од другите научни дис­ци­плини во кои е аплициран ГИС, а може да разјасни многу дилеми и на лицата кои се или ќе бидат корисници на географските информациски системи во разните институции, ком­плании и сл.

  м-р Свемир Горин

Оваа статија е прочитана 4761 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести, Наставни · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger