Според новите истражувања Големиот кинески ѕид е многу подолг отколку што се мислеше!

9.06.2012

Големиот кинески ѕид е најголемата градба на светот, единствена за која се тврди дека може да се види дури од Месечината. По своите димензии – огромна должина, височина од 10-16 м, широчина од 8 м, претставува убедливо најдолг ѕид на светот и најголем одбрамбен објект. Инаку, до пред неколку години се знаеше дека ѕидот има должина од близу 7 илјади км. Меѓутоа, неодамна Кинеската државна управа за културно наследство објави дека врз основа на деталните истражувања е утврдена вкупната должина на Големиот кинески ѕид, која изнесува 21.196 км. Управата, пред 5 години во соработка со државната канцеларија за картографија започна истражување за вкупната должина на кинескиот ѕид. По едногодишна работа беа објавени прелиминарните резултати дека ѕидот е долг 8851 км, или околу 2 илјади км повеќе од претходната должина. По целосното завршување на работите, се утврди дека ѕидот се протега низ 15 кинески покраини и регии и дека вкупната должина му изнесува фантастични 21.196 км. Тоа е колку половина од должината на екваторот, или пак 5.000 км повеќе од растојанието помеѓу Скопје и Сиднеј! Во оваа должина на ѕидот се вклучени не само ѕиданата преградна структура, туку и останатите одбрамбени градби како што се ровови и природни бариери. Големиот кинески ѕид започнал да се гради пред повеќе од 2200 години како заштита од освојувачите, а подоцна владетелските династии неколку пати го проширувале и зајакнувале. Инаку ѕидот е граден од камења, тули и земја, а градбата со одредени прекини и рушења траела се до XVII век. Денес, само околу 8% од оригиналниот ѕид останале „недопрени“, а останатото е во лоша состојба. Меѓутоа дури и тие 8% претставуваат извонредна и можеби една од најголемите туристички атракции во светот.

Извори:

http://en.wikipedia.org/wiki/Great_Wall_of_China
http://www.b92.net/zivot/vesti.php?yyyy=2012&mm=06&dd=08&nav_id=616603

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 10717 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.