Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Колку изнесуваат највисоките досега забележани јунски температури во Македонија?

Колку изнесуваат највисоките досега забележани јунски температури во Македонија?

18.06.2012

Во деновите што следат, според временските прогнози од повеќе извори (УХМР, www.accuweather.com, yahoo weather и др.), се очекува многу топло време со температури што кон крајот на викендот ќе достигнат до 38 степени целзиусови. Слични температури, со неколку краткотрајни падови, главно ќе се задржат до крајот на јуни. Иако споменатите вредности изгледаат доста високи, во досегашните повеќедецениски официјални мерења на нашата метеоролошка служба (денешна Управа за хидрометеоролошки работи или УХМР), температурите на воздухот во текот на месец јуни се искачувале доста високо. Така, во неколку години, од 1950-тите до денес, апсолутно највисоки температури на воздухот во месец јуни се забележани во мерните станици Демир Капија и Велес. Истите достигнале 40,5 степени целзиусови, што претставува рекордна вредност за Република Македонија, за месец јуни. За еден степен пониски максимални температури се регистрирани во Овче Поле и Штипско (39,5 степени), а во Скопје и Гевгелија 38,8 степени целзиусови. За истиот месец, во мерните станици Битола, Прилеп и Куманово се забележани апсолутно највисоки јунски температури на воздухот од 37,6 степени целзиусови. Инаку, според соодветните светски стандарди по кои се придржува и нашата метеоролошка служба, температурата на воздухот се мери во сенка – во метеоролошка куќичка, на височина од 2 м над тлото. На самата подлога таа може да биде многу повисока, особено ако станува збор за бетон, асфалт и слични површини.

Во последните години, многу високи јунски температури беа забележани во 2007 и во 2010 година, кога во некои места (Демир Капија, Велес, Гевгелија) достигнаа речиси 40 степени целзиусови. Сепак, овој јуни веројатно ќе има севкупно повисока просечна температура во однос на претходните години, со оглед на пермнентно високите температури кои започнаа веќе од втората недела на месецот. Она што загрижува е очигледниот тренд на пораст на јунските и воопшто летните температури во Република Македонија. Така, во периодот 1950-1980 година, просечната јунска температура за Скопје изнесувала 20,1 степен, за Штип 21,3 степени, а за Демир Капија 22,4 степени. Во периодот пак 2005-2011 година, овие вредности изнесуваат за Скопје 21,8 степени, за Штип 22,4 степени и за Демир Капија 23,4 степени. Иако на прв поглед покачувањето изнесува само околу еден степен, а станува збор и за пократок споредбен период, тенденцијата на пораст е очигледна и се вклопува во сценаријата за глобалното затоплување со кое е погодена и Македонија. Во медиумите и јавноста на овој проблем не се посветува доволно внимание, но последиците од зголемувањето на летните температури веќе ги чувствуваме (пожари, недостаток на вода, намалени приноси и многу други), а ќе стануваат уште поизразени. Можеби не звучи многугу оптимистички, меѓутоа голем број држави подготвуваат стратегија за соочување со последиците од климатските промени, кои во разни региони различно ќе се манифестираат.

Како и да е, овој јуни најверојатно нема да го надмине температурниот рекорд од 40,5 степени целзиусови измерен уште во 50-тите години на минатиот век во мерната станица Велес, но тоа не е исклучено за следните години.

Извори:

Лазаревски А. (1993): Климата во Македонија, Култура, Скопје
http://en.wikipedia.org/wiki/Global_warming
Bergant K (2006) Climate change scenarios for Macedonia-review of methodology and results. University of Nova Gorica, Centre for Atmospheric Research, Nova Gorica, Slovenia. 1–50
http://www.accuweather.com/en/weather-news/europe-forecast-summer-2012/65828
http://www.netweather.tv/index.cgi?action=summer-forecast-2012;sess=
http://www.meteo.gov.mk/

Автор: д-р Ивица Милевски

 

 

Оваа статија е прочитана 5258 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger