Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Воздухот е загаден, ама дозволено?!

Воздухот е загаден, ама дозволено?!

17.11.2011. Превземено од весникот Вечер.

Зголемување на загадувањето, според Министерството за животна средина, се очекува во зимскиот период, поради вклучувањето на топланите и загревањето на домовите.
Скопјани може да здивнат бидејќи загаденоста на воздухот се движи во рамки на дозволените граници. Ова, барем, го покажале резултатите од скоро поставените мониторинг станици кои го мерат нивото на сулфурни и азотни оксиди во воздухот. Покачување на вредностите се очекува во зима, поради работата на топланите и на грејните тела во домаќинствата, но надлежните уверуваат дека и тогаш загадувањето се движи во границите. Досега беа поставени три мерни станици кои на различни локации низ градот го контролираат квалитетот на воздухот, а вчера беа инсталирани уште две во општините Центар и Карпош. Од Министерството за животна средина информираа дека со новите мерачи ќе се добие целосна слика за загадувањето во метрополата. Во пресрет на ниските зимски температури експертите веќе предупредуваат дека загадениот воздух најмногу им штети на дишните патишта.
– Со овие две мерни станици на територијата на Скопје имаме вкупно пет, а низ Македонија 17 мониторинг станици кои го следат нивото на загадување на воздухот. Главно, квалитетот на воздухот се движи во рамки на она што е дозволено со закон, поставување пак на новите мерни станици ќе даде покомплетна слика за присуството на штетните материи во воздухот. Иако зиме параметрите се повисоки тие се движат до законските граници – вели министерот за животна средина Абдилаќим Адеми.

Иако надлежните уверуваат дека воздухот што го дишеме е според законите, граѓаните во некои делови на Скопје и околните места повеќепати се пожалија дека имаат отежнато дишење и печење на очите, а во воздухот се чувствува непријатна миризба. Експертите посочуваа дека токму последици од загадениот воздух најмногу ги чувствуваат болните на дишните патишта кај кои се зголемуваат несаканите ефекти, а особено на удар се децата кои се поранлива категорија..
– Воздухот кој содржи загадувачки материи како сулфурни оксиди или чад пред се создава предиспозиции за акутни респираторни инфекции, а ја влошува состојбата кај хроничните болни од бронхитис и астма – посочува Гордана Ристевска од Институтот за јавно здравје.
Мерните станици се финансирани со пари од европските претпристапни фондови. Според претставникот на ЕУ во Македонија, Робин Лидл нашата земја напредува во намалувањето на емисиите на штетните гасови во воздухот. Она што треба да направи Владата, посочи тој, е да се се одвојат повеќе пари за оваа намена.

Според градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ за разлика од периферните места во градот во централното подрачје има повеќе автомобили и очекувано е загадувањето да биде поголемо.
– Доколку мерните станици покажат дека има потреба да се донесат и мерки со кои би се намалило загадувањето доколку има потреба, ние заедно со Министерството ќе преземеме одредени решенија. Едно од нив може да биде и ограничување на движењето на возилата во Центар- вели Тодоровиќ.

Сања Момировска

Оваа статија е прочитана 4998 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger