Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог » Дојранско Езеро- Македонска туристичка атракција

Дојранско Езеро- Македонска туристичка атракција

11.07.2012

Во југоисточниот дел на нашата земја, на границата со Република Грција,  сместено е едно од трите македонски природни езера, Дојранското Езеро. Најниските делови на долината се исполнети со езерските води, кои се опкружени со ниски ридови. На западниот брег од езерото се наоѓа височината Калатепе со надморска височина од 691 метар. На северозападниот дел благо се издигнува Асанлиско Поле, кое преку с. Николиќ се прелева во плодна котлина. На северозапад над Асанлиско Поле се издигнува ридот Боска со надморска височина од 720 метри, на исток се падините на Круша Планина, кои многу благо се спуштаат кон езерото при што се создаваат мошне плодни површини. Најнискиот брег е на југ, кај населбата Кара-Дојран во соседна Република Грција. Кон север се протега планината Беласица.

Дојранското Езеро се протега на површина од 43,1 км ², од кои 27,3 км ² припаѓаат на Македонија и 15,8 км ² на Грција. Езерото има елипсовидна форма, со должина од 9 км и широчина од 7 км. Дојранското Езеро е остаток од поранешното Пеонско Езеро, познато и како Стримонско Езеро, кое покривало површина од 127 м ², и ѝ припаѓа на таканаречената Пјонска група на природни балкански езера. Тоа се создало во неогено-квартарниот период и има тектонско-вулканско потекло. Дојранското Езеро важи за ентропско езеро, благодарение на интензивното создавање органска материја. Неговата богата и разновидна флора и фауна го прават природно богатство не само за нашата земја туку и во целиот свет. Тука ќе сретнете најразлични ендемски видови животни и растенија, 15 видови риби, меѓу кои се издвојуваат костешот, плашицата и крапот, вилински коњчиња, над петстотини видови пеперуги што е импозантен број за еден таков ограничен простор, потоа дојранскиот ендемичен полжав, пет видови школки и уште многу други барски и крајбрежни жители.

Отвореноста на Дојранската Долина кон југ овозможува влијание на медитеранска клима, која се карактеризира со жешки и суви лета и благи и влажни зими. Од средината на мај до средината на октомври температурата на воздухот е над 20  ̊С, а на водата над 18  ̊С. Во жешките летни денови просечната температура на водата изнесува 27  ̊С, што му дава на езерото карактеристика на тропско езеро.

Природата враќа

Дојранското Езеро важи за плитко езеро, чија најдлабока точка изнесува 10 метри. Се наоѓа на надморска височина од 148 метри. Висинската разлика меѓу сегашната и некогашната линија на брегот изнесува 12 метри, што ќе рече дека симнувањето на езерото низ минатото е одраз на неговата еутрофичност, односно еволутивното стареење. Но, изненадува што биле потребни милиони години нивото на езерото да се спушта за 7 метри, а само за неполни двесте години, прокопувањето на каналот Ѓолај во 1808 година, да биде забележан пад на неговото ниво од 5 метри. За среќа, последниве неколку години со изградба на системот за полнење на езерото и поволната хидролошка состојба нивото на езерото е покачено за околу 1,8 метар од апсолутниот минимум. Наглото празнење на езерото во средината на 20 век, е директна последица на човековата негрижа, неконтролираното користење на водата за наводнување на природни бавчи и земјишта. Во овој период, езерото изгуби речиси 2 метри во длабочина, и приближно 30 проценти од вкупното количество вода. На некои места стариот брег се наоѓаше дури на еден километар оддалеченост од новата крајбрежна линија. Некогаш во езерото се ловеле 500 до 800 тони риби, денес таа бројка  е падната 50 до 70. Бројката од 60.000 посетители и 300.000 ноќевања е намалена на 20.000. Поради ова, од природна убавина, Дојран се претвори во еколошка катастрофа, а неговата најјака стопанска гранка и дејност по која што беше препознатлив, туризмот почна да замира. Едноставно колку и да ви е убаво, кога сте дојдени на одмор не сакате да се капете во тиња и да се убедувате дека тоа е здраво за вашите деца. Но, за среќа, во последиве неколку години со напор на локалните власти, езерото доживува ренесанса во секаква смисла на зборот. Плажите се повторно полни, а за големите летни празници сместување не можете да најдете дури до Валандово. Зошто совесните родители  до ден денес  и во периодот кога од тињата не се гледаше езерото, ги носат своите деца во Дојран, тоа е една сосема друга приказна, која ја знаел уште и Александар III Македонски Велики.

Благодетите на калта

Меѓу дојранчани со векови опстојува верувањето дека големиот војсководец Александар III Македонски Велики, ги носел своите војски во Дојран на Бања, да се одморат и закрепнат во благопријатната кал. Некои од повозрасните дојранчани ги паметат колците што постоеле до пред триесетина години, а биле дел од дрвениот мост што го направиле војските на Александар од пред денешниот пазар во Стар Дојран за да го преминат езерото до брегот кој денес се наоѓа на грчката страна. Денес докажаните благопријатни својства на езерската кал врз некои кожни заболувања, болки во зглобовите, артритис, бронхитис и слично доаѓаат да ги ползуваат луѓето од 7 до 77 години. Оние на кои не им пречи нејзиниот мирис на школки и алги, слободно можат да ги пробаат нејзините благодети дури и ако немаат никакви проблеми со гореспоменатите заболувања.  За најефикасни ефекти калта треба да се нанесува на телото седум дена и тоа еднаш до два пати дневно. Таа е особено корисна за лечење бронхитис кај мали деца. Седумдневната терапија со лековитата кал во пределот на градите, ви гарантира дека вашето дете многу полесно ќе ги помине вирусните периоди во текот на зимскиот период. Во лековитите својства на калта можете да уживате и на новата плажа, покрај брегот која е направена од песок зеолит, кој е особено лековит за обнова на ноктите, коските и некои кожни заболувања.

Легенди за името  Дојран

Дојран е место во кое се доаѓа со мали деца да се надишат јод што го испуштаат ендемските видови алги што живеат во езерото или за да се ползуваат лековитите својства на дојранската кал. Но, и несакајќи, патувањето до живописната и неповторлива убавина на целото опкружување околу Дојранското Езеро открива многувековна историја на овој крај кој опстојува уште од праисторијата. Како и што му доликува на едно вакво место допрено од величествената сила на природата, неговото  создавање е испреплетено со легенди кои се пренесуваат од колено на колено, од кои најпозната е онаа за девојката која занесена од љубовта кон својот младич, заборавила да ги затвори изворите, кои прелевајќи го целото поле, го создале денешното Дојранско Езеро. Во старите времиња, на просторот каде што денес се наоѓа Дојран постоел бунар од кој луѓето од околните населби полнеле вода. Откако ќе наполнеле вода, тие го затворале бунарот со девет катанци. Еден ден по вода заминала најубавата девојка од тој крај, по име Дојрана. Покрај бунарот ја чекало нејзиното момче, по име Лабин. Занесена од милувките, таа заборавила да го затвори деветиот катанец. Од бунарот почнала да тече вода која ја преплавила целата котлина. Така се создало езерото што го добило името по девојката Дојрана. Во периодот на владеењето на Османлиите со овие краишта, оваа легенда е малку дополнета и видоизменета и запишана од народот и следи: Турскиот паша кој се вљубил во прекрасната девојка Дојрана, им наредил на своите војници да ја доведат во неговиот шатор. Но, девојката се спротиставила на наредбата на пашата и за да не биде одведена со сила, влегла во езерските води и се удавила. Затоа кога одите кон Дојран, понесете со вас снимка од музиката за балетот “Лабин и Дојрана”, која ја создаде големиот македонски композитор Трајко Прокопиев, инспириран од прекрасната љубовна приказна.

 Извор: Чудесна Македонија – Младинска книга

Подготвил: Анита Тодорова

Оваа статија е прочитана 5485 пати!

Од категорија: Викенд предлог · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger