Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Наставни » Global Mapper – толку едноставна, но толку корисна ГИС алатка

Global Mapper – толку едноставна, но толку корисна ГИС алатка

19.08.2012

Global Mapper е меѓу најкористените помошни или услужни ГИС програми на денешнината. Поради едноставната работна околина, малите хардверски барања, големите можности што ги нуди и релативно ниската цена, Global Mapper претставува многу потребна, а понекогаш и неопходна апликација. Главна намена на овој софтверски пакет е приказ и конверзија на преку стотина формати на геопросторни и сродни на нив датотеки, со цел тие да можат понатаму да се користат во било која друга програма. Имено, геоинформатичките и ГИС софтверски пакети, обично подржуваат само неколку специфични формати на датотеки. Заради тоа се јавува проблем на неможност за користење на одредена датотека во друг софтверски пакет. Тука на сцена стапува Global Mapper кој може да изврши претворање на бројни растерски, висински, векторски и табеларни геопросторни податоци. Меѓутоа не само тоа, туку во поновите верзии (последната е v.13), може да се менуваат проекции, да се мерат растојанија, површини и агли, да се прават топографски профили, па дури и автоматски да се генерираат изојипси. Инаку, првата верзија на програмата излезе во 2001 година од страна на американската компанија Global Mapper Software. Од тогаш речиси секоја година излегува понова верзија со одредени дополнувања, подобрувања и новитети. Ова е листа на дел од можностите на Global Mapper:

  • Преглед и конверзија на различни растерски, елевациски (висински) и векторски геопросторни формати
  • Трансформација на широка листа проекции и геодетски датуми
  • Едноставно внесување на содржини од ГПС уреди
  • Приказ на растерски, векторски содржини и атрибутни податоци во дводимензионален и тридимензионален мод
  • Геореференцирање на скенирани карти, сателитски снимки, фотографии, слики и други содржини
  • Автоматско генерирање на изохипси од дигитален модел на релјефот
  • Мерење на растојанија, агли, површини и волумен
  • Конструкција на топографски профили долж зададени правци
  • Анализи на видливост и протегање на сигнали од дадени точки
  • Дигитализација на точки, линии и полигони
  • Внесување и уредување на атрибутни податоци
  • Составување и анализи на сателитски снимки со далечинска детекција и многу други.

Global Mapper спаѓа во групата на ГИС софтверски пакети со средно висока цена која се движи од 300 до 400 долари. Покрај комерцијалната верзија, постои можност за слободно преземање и инсталација на демо верзија, меѓутоа истата има доста ограничувања. Всушност, демо верзијата може да послужи само за запознавање со некои функции на Global Mapper и за преглед на одредени фајлови. Преземањето на демо верзијата или купувањето на целата апликација се врши од веб адресата www.globalmapper.com. По симнувањето на инсталациониот фајл кој зазема околу 40 мегабајти, се преминува кон инсталација. Инсталацијата на софтверскиот пакет Global Mapper е доста едноставна, речиси автоматска и се изведува само со кликнување на инсталацискиот фајл (global_mapper_setup.exe). По завршување на инсталацијата, се пронаоѓа соодветната икона на десктопот или во старт менито и се покренува програмата. Инаку сите команди и потребни функции многу лесно се наоѓаат во менито, преку соодветните икони или пак со десен клик на глувчето врз соодветниот објект.
Во секој случај, за многу работи поврзани со географските информациски системи, Global Mapper ќе ви биде неопходен. Навидум едноставен, во себе „крие“ стотици различни функции и можности. Всушност токму затоа овој софтверски пакет се изучува и на насоката ГИС на Институтот за географија во Скопје.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5110 пати!

Објавено од:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger