Поради наглото топење на мразот на Арктикот, не очекува студена и снежна зима!

15.09.2012

Експертите за климатски промени предупредуваат дека арктичкиот мраз се топи со запрепастувачка брзина, а дебелината моментално му е најмала во последните 30  години од кога се мери по сателитски пат. Во однос на 1980-тите години, мразот се повлекол за околу 45%, што е можеби најголемото топење на Арктикот во последните неколку илјади години. Само оваа година се стопи мраз со површина колку Канада и Аљаска заедно. Тие откриваат дека топењето не оди постепено, туку како што продолжува станува се порапидно. Тоа според стручњаците може да има сериозни последици за временските прилики во Европа и САД. Рекордното топење на арктичкиот мраз најверојатно ќе предизвика екстремни зими. Според некои прогнози, Арктикот би можел да остане без мраз до 2080 година, но оние најцрните велат дека тоа може да се случи и многу порано. Намалувањето на мразната површина ќе влијае на висинските ветрови од кои зависат временските прилики во Европа. Невообичаеното студено време веќе е забележано во текот на изминатите две зими кога дел од Европа и источниот брег на САД беа погодени од снежни бури. Kлиматските промени се поголеми од она што можевме да претпоставиме пред 10 или 20 години, се вели во извештајот на научниците, кои ги следат климатските промени. Секако, овој климатски ефект многу изразено се почувствува во текот на последната зима и во Македонија, како во однос на ниските температури, така и преку обилните снежни врнежи. Затоа се очекува слична, а можеби и поекстремна состојба во текот на месеците јануари-март, со оглед на извонредно високите температури и топење на мразот на Арктикот и на Гренланд во текот на ова лето.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5196 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.