Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » Најзагадените реки и езера во светот

Најзагадените реки и езера во светот

12.10.2012

Подолу се наведени само неколку од стотиците презагадени реки и езера, кои според разни истражувања и показатели се сметаат за најзагадени во светот. Всушност, фотографиите доволно зборуваат на што наликуваат некогаш прекрасните реки и езера.

Реката Риачуела – Аргентина

Оваа река поминува 60 км меандрирајќи низ централниот дел на Буенос Аирес и важи за најголем површински тоалет во светот. Таа секој ден апсорбира преку 325.000 тони отпадни и токсични води. Оловото, живата, кадмиумот, нитратите и бакарот, не само што ја загадуваат реката, туку ги загрозуваат резервите на питка вода на преку 5 милиони жители во околниот простор. Всушност, медицинските анализи на населението, особено на децата кои живеат близу реката, често покажуваат смртоносно присуство на токсични материи во нивните организми.

Реката Цитарум – Западна Јава, Индонезија

Според британскиот Гардијан, брзиот пораст на населението во текот на последните 20 години донесе над 5 милиони луѓе во областите околу реката Цитарум во Западна Јава, Индонезија. Заедно со овој раст дојде до наплив на нетретирани отпадни води од домаќинствата и индустријата, заканувајќи се на здравјето на секој што доаѓа во контакт со водите на Цитарум. Реката долга 320 км, ја загадуваат над 500 текстилни фабрики, како и огромно количество на отпадни води од домаќинствата. Тоа е „мртва река“, по која можат да се сретнат само сиромашни собирачи на отпадоци.

Реката Буриганга – Дака, Бангладеш

Речиси 4 милиони луѓе во Дака, главниот град на Бангладеш, секојдневно се изложени на последиците од загадувањето на водата од кратката, но длабока и пловна река Буриганга, која минува низ централниот дел на градот. Хемиски отпад од заводите и фабриките, отпад од домаќинствата, медицински отпад, отпадни води, мртви животни, пластика, нафта се само некои од загадувачи на Буриганга. Се смета дека годишно во оваа река се исфрлаат над 200 милиони тони отпадни материи, кои многу штетно влијаат врз здравјето на луѓето.

Езеро Карачај – Урал, Русија

Езерото Карачај на Урал, се смета за најзагадено и најрадиоактивно езеро во светот, иако на фотографијата воопшто не изгледа така. Западните научници пресметаа дека престој од нецел час покрај езерото може да биде смртоносен. Инаку во непосредна близина е најголемиот руски центар за преработка на радиоактивен отпад, во кој речиси половина век бил забранет пристап, се до 1992 година. Самото езеро и реката Теча која истекува од него се толку контаминирани, што во минатото половина од населението имало канцерогени заболувања и радијациска болест. Денес просторот е раселен, езерото покриено со бетонски блокови, но подземните води сеуште се прекумерно контаминирани и опасни.

Езеро Онондага – САД

Онондага се наоѓа во државата Њујорк и е мало, со површина од само 12 км кв. Ова езеро и областа околу него, од страна на американската Агенција за заштита на животната средина се прогласени за „изгубени места“. Децениското одлагање на фосфор, амонијак, жива и останат индустриски отпад во првата половина на минатиот век, од езерото направија една голема токсична супа. Покрај бројните мерки што се преземени во последните децении за намалување на загадувањето, сепак тоа остана како едно од најзагадените езера во САД, но и во светот.

Езеро Таи – Кина

Езерото Таи е трето по големина во Кина и во минатото било многу атрактивно, а од него со вода се снабдувале околу 30 милиони луѓе. Се наоѓа во крајниот источен дел на државата и зафаќа површина од 2250 км кв., а длабоко е околу 2 м. Има 90 помали и поголеми острови. Денес, отпадните води од преку 2800 фабрики долж брегот на езерото, направија истото да биде најзагадено езеро во Кина и меѓу најзагадените во светот. Во 2007 година се случи нагло загадување со зелени алги и цијанобактерии, што предизвика еколошка катастрофа. Официјалните лица проценуваат дека се потребни дури 15 милијарди долари за да се исчистат сите индустриски отпадни води кои го загадуваат ова езеро.

И во нашата држава има примери на изразито загадени површински води. Такви се Црна Река со нејзината притока Драгор, Кумановска Река, реката Пена низводно од Тетово, Вардар и Брегалница на повеќе делници и други. Поради нивното значење и се поограничените водни ресурси, неопходна е изградба на пречистителни станици и други видови на заштита за да се сочува ионака скромното водно богатство за генерациите што доаѓаат.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*